Фото: Игор Бансколиев

Во јавноста имаше различни коментари за чинот на СПЦ, која во своето седиште во Белград ја потврди својата согласност за автокефалноста на МПЦ-ОА. Во исто време се појавија и различни толкувања за тоа како може да се рефлектира тој чин на СПЦ врз иднината на МПЦ-ОА

Реакции за чинот на СПЦ во Белград, во врска со потврдувањето на автокефалноста на МПЦ-ОА

По првата заедничка литургија во соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, на 24 мај годинава, кога српскиот патријарх Порфириј ја соопшти одлуката на Саборот на Српската православна црква (СПЦ) да се прифати автокефалност за Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), завчера во Белград беше дадена официјалната согласност од СПЦ за автокефалност на МПЦ-ОА.
Како и во изминатиов период, прашањето за признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА предизвикува огромно интересирање не само кај православните верници туку и кај сите Македонци во земјава и во светот.
В недела, 12 јуни, е договорена посетата на Вселенската патријаршија од страна на Синодот на МПЦ-ОА, каде што ќе се случи првото сослужување на архиепископот Стефан со вселенскиот патријарх Вартоломеј, со што и официјално ќе почне процесот за издавање на томосот.
Во јавноста имаше различни коментари за реакцијата на СПЦ, но и како може да се рефлектира тоа врз иднината на МПЦ.
Во продолжение ви претставуваме некои од нив.

МПЦ-ОА: Во Белград беше заокружен процесот со СПЦ

Македонската православна црква – Охридска архиепископија излезе со соопштение во кое изразува благодарност до Српската православна црква, поради заокружување на процесот на помирување, со издавањето официјален документ, кој, како што се наведува, е своевидна препорака со која МПЦ се претставува како подготвена и достојна за автокефалност.
– Македонската православна црква – Охридска архиепископија му благодари на милостивиот Бог, а наедно и на сестринската Српска православна црква (СПЦ) за снисходливоста и покажаната љубов за помирување и за навремено и брзо решавање на меѓусебниот однос и административните аспекти, што произлезе како насока од страна на Великата христова црква во Константинопол и со актот за враќање во канонско единство на Охридската архиепископија и со сите досегашни напори. Овој процес меѓу двете Цркви беше заокружен во Белград, како меѓусебно решение, со издавањето официјален документ, како своевидна препорака со која нашата света Црква се претставува како подготвена и достојна за автокефалност – се наведува во соопштението објавено од кабинетот на архиепископот.
Од кабинетот известуваат дека во наредниот период, при официјалната посета на Фанар за Педесетница, Вселенската патријаршија ќе биде известена за решението на СПЦ.
– Известуваме дека во наредниот период при официјалната посета на Фанар за Педесетница, што со голема радост ја очекуваме и кога ќе биде официјализирано нашето прифаќање во сеправославното литургиско и канонско единство, претстои да биде известена Вселенската патријаршија за решението на СПЦ за да бидат затворени сите управни прашања меѓу двете Цркви. Изразуваме полноцрковна надеж, во блиска иднина да се пристапи кон финализирање на нашето црковно прашање и со издавање општопризнаен томос од страна на неговата сесветост, вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј, во согласност со неговите законски и историски принадлежности – се нагласува во соопштението.

Поделени реакции во српската и во грчката јавност

Српскиот историчар Александар Раковиќ во изјава за српски „Танјуг“ вели дека „решението за заедничка грижа на СПЦ и МПЦ над српските светилишта е висок дострел на братските односи на двете јерархии и двата народа“.
Раковиќ го посочува фактот дека во томосот е пропишано оти сите српски цркви и манастири од времето на Немањиќи, во времето потоа и во модерниот период на територијата на Македонија „се предаваат на користење“, а не во сопственост на МПЦ.
– Со тоа, овие српски светилишта, како и друг српски недвижен и движен црковно-културен имот, остануваат во составот на Српската православна црква – се вели во изјавата на Раковиќ.
Влијателниот портал „Ортодокс тајмс“, кој информира за случувањата во православието на грчки и на англиски јазик, се сомнева дека одлуката на Српската патријаршија во однос на Охридската архиепископија е дел од политиката на Московската патријаршија, со која директно се доведува во прашање јурисдикцијата на Вселенската патријаршија, како единствен надлежен црковен орган за доделување автокефалност.
Уредничката на порталот, Ефи Ефтимуи, смета дека Српската патријаршија извела потег што потсетува на руската тактика и со кој дополнително се усложнуваат состојбите во православието, и тоа во екот на војната во Украина предизвикана од руската агресија.
– Ова создава проблеми во однос на статусот на Црквата на Северна Македонија, чиј поглавар е предвидено за неколку дена да биде во Цариград на сослужување со вселенскиот патријарх (останува да се види дали ова сослужување ќе се одржи, во светло на најновите случувања) – пишува во својот коментар уредничката на „Ортодокс тајмс“, Ефи Ефтимиу.

Процесот продолжува пред Вселенската патријаршија

Новинарот Марјан Николовски, уредник на „Религија.мк“, вели дека за МПЦ е важно да ја има согласноста за автокефалност од СПЦ, без разлика дали СПЦ тој документ ќе го нарече томос.
– Зошто СПЦ го избра овој пат, тоа е прашање што треба да се толкува на релацијата СПЦ – Вселенска патријаршија. Во тој контекст, МПЦ не треба да биде ставена како заложник, затоа што и по интервјуто на архиепископот г.г. Стефан за „То вима“, јасно е дека МПЦ ќе ги следи канонскиот пат и процес, а тоа е добивање томос за автокефалност од Вселенската патријаршија, како што е редот во православните цркви – вели Николовски.
Новинарот и верски аналитичар Бранко Ѓоргевски вели дека сака да му верува на владиката Тимотеј кога вели дека ова било предвидена процедура и дека овој томос од Белград ќе биде испратен до сите православни цркви и до Вселенската патријаршија.
– Да се надеваме дека ќе биде така и дека Вселенската патријаршија нема да го проблематизира издавањето на томосот од страна на СПЦ. Мислам дека сме сведоци на своевидна „игра на тронови“, во која СПЦ сака да демонстрира своја силна порака – дека вселенскиот патријарх не може да биде единствена личност што ќе решава дали некоја црква ќе стане автокефална или не. Ние како црква бевме ставени во ситуација да не можеме да избираме. Односно, не можевме да одбиеме да ни се додели таква автокефалност, преку еден таков чин, со кој на една црква ќе ѝ се издаваат практично два томоса за автокефалност, што е нелогично. Нашите достоинственици се решија да ја прифатат таквата постапка и тактика на СПЦ, со сиот ризик како ќе биде прифатено тоа од Вселенската патријаршија. Јас се надевам дека Вселенската патријаршија ќе има разбирање за менгемето во кое сме се нашле и дека тој томос од Белград нема да го попречи издавањето на томос од Вселенската патријаршија – вели Ѓоргевски.
Андреја Богдановски, докторанд на Универзитетот во Бакингем, Велика Британија, каде што ги истражува движењата за автокефалност во Источна Европа и на Балканот, вели дека она што повторно изненади се брзината и тајноста на процесот.
– Се чини дека усогласувањата околу техничко-административните прашања помеѓу СПЦ и МПЦ-ОА траеја сѐ на сѐ околу една недела. Едностраното доделување томос за автокефалност од страна на СПЦ беше проектирано како можна опција уште кога српскиот патријарх Порфириј најави доделување автокефалност за МПЦ-ОА за време на неговата посета на Скопје на 24 мај. Ваквата разврска беше навестена кога српскиот патријарх спомна дека СПЦ само ќе ги информира другите цркви за одлуката за автокефалност – вели Богдановски.
Објаснува дека позицијата во која се наоѓа вселенскиот патријарх во овој момент е деликатна и непријатна.
– Вартоломеј е во трка со времето. Доколку не постапи одлучно и ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА и тоа не го направи набрзо, вселенскиот патријарх ризикува Руската православна црква да го искористи овој момент и да ја признае автокефалијата на МПЦ-ОА доделена од страна на СПЦ. На тој начин РПЦ ги подрива директно легитимитетот и ингеренциите на Вселенската патријаршија и го возвраќа ударот околу украинската автокефалност доделена во 2019 година – резимира Богдановски.