Фото: Игор Бансколиев

Се разбира дека Македонија нема ништо против зачленувањето на двете нордиски земји во Алијансата и повеќе од сигурно е дека кворумот за гласањето ќе биде обезбеден, но актуелната криза во земјава покажува дека секогаш постојат некакви можности што се укажуваат, а кои ќе овозможат да им се даде шанса токму на нашите, национални македонски приоритети! Тоа значи дека ја имаме шансата низ легалните институционални процедури да направиме нашите приоритети да бидат воочени од страна на меѓународната заедница, а ние да ги издигнеме на прво место нашите потреби и барања. Како?

Во пресрет на собраниското гласање за протоколите за членство на Финска и на Шведска во НАТО

Македонското собрание денеска треба да гласа за ратификација на протоколите за членство на Финска и на Шведска во НАТО, но со оглед дека со месеци се мачи да го обезбеди потребниот кворум за работа, се поставува прашањето дали финското и шведското зачленување во Алијансата ќе стане заложник на овдешните парламентарни превирања, исто онака како што Македонија 30 години е заложник на европското лицемерство и непринципиелност.
Се разбира дека Македонија нема ништо против зачленувањето на двете нордиски земји во Алијансата и повеќе од сигурно е дека кворумот за гласањето ќе биде обезбеден, но актуелната собраниска криза во земјава покажува дека секогаш постојат некакви можности што се укажуваат, а кои ќе овозможуваат да им се даде шанса токму на нашите, македонски приоритети! Тоа значи дека ја имаме шансата низ легалните институционални процедури да направиме нашите приоритети да бидат воочени од страна на меѓународната заедница, а ние да ги издигнеме на прво место нашите потреби и барања.
Ако во овој момент земјава води битка да се одбрани од отворените напади на Бугарија, како земја-членка на НАТО и на Европската Унија, која во 21 век го негира постоењето на еден цел народ, неговиот јазик, како и на неговата историја и култура, тогаш можеби македонското собрание првенствено треба да обезбеди кворум за да донесе стратегија како да ги одбрани националните интереси, наместо сега да се занимава со членството на Финска и на Шведска во НАТО, кое може да почека, исто онака како што Македонија чекаше од 2008 година. Токму денес имаме политичко-процедурален џокер во ракав во Собранието, меѓународната заедница да ја почувствува онаа старата македонска изрека дека сто стапа по туѓ грб не болат онолку како еден на сопствениот! И тоа без да прекршуваме правила и процедури и без да влегуваме во конфликт со некоја членка на НАТО, туку само да покажеме карактер и тежина на нашиот глас и став.

Денес ратификувањето ќе почека, а пораката за итност на решавање на македонската европска голгота ќе биде испратена од Собранието до Алијансата, која ќе го почувствува гласот на еден меѓу еднаквите триесет и ќе се заложи да се испочитуваат пропишаните процедури и меѓународното право.
Колку за потсетување, земјава уште пред 14 години во Букурешт требаше да стане членка на НАТО, но тогаш Грција, со образложение дека се загрозени нејзините национални интереси, ја блокира целата процедура и не дозволи членство на Македонија во Алијансата ако не се прифатат грчките уцени. За целата меѓународна заедница тоа беше во ред, демек Грците биле многу чувствителни по прашањето за Македонија.
Истото тоа сега го прави и Бугарија, блокирајќи го почетокот на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, бидејќи нивниот наводен национален интерес бил негирање на соседниот народ, на неговиот јазик и на неговата историја и култура.
Како што очигледно сите си ги ставаат сопствените приоритети на прво место, можеби сега е моментот и Македонија да се сврти кон националните приоритети наместо слепо да ги исполнува агендите што ѝ ги наметнуваат други.

Мала земја, моќна порака

Изјавите што во последно време ги даваат некои од домашните политичари за тоа како Македонија е мала земја и затоа не смее да се замерува со меѓународната заедница се само израз на инфериорност и слабост, која создава перцепција надвор дека тука ќе се исполни сè што ќе биде наложено, па дури и да е погубно за една цела нација.
Затоа на земјава ѝ беше наметнат таканаречениот француски предлог, кој почна и да се именува како „европски“, кој е сè, само не европски според она што го содржи. Ако за сите земји постоеја утврдени критериуми по кои се преговараше за членство во ЕУ, тогаш како одеднаш се измислија нови методологии и правила кога дојде редот Македонија да ги почне преговорите.
Затоа сега македонското собрание, наместо да расправа за зачленувањето на Финска и на Шведска во НАТО, во момент кога македонскиот идентитет е под закана, треба да се фокусира на овој проблем и да донесе заедничка декларација, со која јасно ќе стави до знаење дека целосно и трајно се прекинуваат секакви разговори за македонскиот идентитет и јазик.
На овој начин земјата конечно ќе покаже некаков карактер, дека не е само „мало дете што го праќаат по бурек“ кога седи на масата на НАТО во Брисел, туку дека и таа заслужува нешто да каже и да нарача.
Во време кога сите ни држат лекции за тоа што треба да прифатиме и што е добро за нас, на овој начин и ние ќе испратиме порака дека ова гласање во овој момент не е најважно и дека можеме и самите да си ги одредуваме приоритетите.
Тогаш можеби конечно бирократите во Брисел ќе видат како му е на еден горд народ што 30 години го омаловажуваат, уценуваат и негираат, а тие не мрдаат ниту со малиот прст, дури и тогаш кога флагрантно се прекршува меѓународното право врз наш грб.
Во овој случај, Македонија како суверена држава има право да одредува што е приоритетно и за што и кога ќе расправа нејзиниот парламент и тоа право никој не може да ѝ го оспори, а уште помалку да ѝ забележува за тоа. Можеби во овој момент поприоритетно е македонското собрание да упати нота до Брисел и да побара од ЕУ да ѝ наложи на Софија итно да ги спроведе пресудите на Меѓународниот суд за човекови права во полза на Македонците од Пиринска Македонија. Следна приоритетна точка за собраниска расправа би можело да биде и барањето до ЕУ да ѝ наложи на Бугарија во рок од година и половина да го промени Уставот и да ги впише сите национални малцинства на своја територија. Ако ЕУ го бара тоа од Македонија, тогаш ниту бугарскиот устав не е библија, па да не може да се менува.
Македонските пратеници, наместо во овој момент да ги ратификуваат протоколите за членство на Шведска и на Финска во НАТО, можеби треба привремено да го замрзнат спроведувањето на Преспанската спогодба и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, додека овие две земји не ги спроведат нивните обврски.
Сите овие хипотетички расправи само покажуваат дека секоја земја има начини како треба да се бори за своите интереси преку разни форми што ќе ѝ се укажат, без оглед колку е мала. Ако некои досега без никаква легална основа ја блокираа Македонија, тогаш македонското собрание нема никакви пречки низ една парламентарна процедура да ги одредува точките на дневниот ред и приоритетите. Главната порака што се испраќа на овој начин е дека секој глас има своја тежина и дека Македонија не може постојано да биде предмет на уцени, на која сè ѝ се зема, а ништо не ѝ се дава за возврат.
Ако и натаму тука продолжи реториката дека ние сме мала држава и не можеме да се носиме со поголемите, па затоа треба да слушаме сè што ќе ни кажат, тогаш отворено се поставува прашањето зошто воопшто и градевме држава. Дали само да се богатат некои што три децении продефилираа на македонската политичка сцена, или за да се оствари сонот на генерации Македонци што сонуваа за сопствена држава? Секому треба да му е јасно, нема мали држави, има само мали луѓе.

Македонија покажа разбирање, но за возврат доби понижувања

Познавачите на состојбите се согласуваат дека меѓународната заедница покажала дволичен однос кон Македонија, но дека тоа нема да се промени без оглед што и да направиме, бидејќи секогаш се во прашање некои повисоки интереси.
Универзитетскиот професор Живко Андревски смета дека Македонија секогаш покажувала големо разбирање за меѓународните идеи, но дека меѓународната заедница не ѝ возвраќа со ист однос.
– Убаво е што Македонија соработува со меѓународната заедница, но ќе беше исто коректно и фер и меѓународната заедница, најмногу низ механизмите на Европската Унија, да покажува таков однос и разбирање кон неа. А обратно е. Ние продолжуваме да исполнуваме сè, а не добиваме ништо за возврат – истакнува професорот Андревски.
Поранешниот вицепремиер и амбасадор Ивица Боцевски оценува дека глобалниот политички момент е премногу специфичен за сега да се настапува од ваква позиција, нагласувајќи дека водењето меѓународна политика е долготраен процес, низ кој се гради доверба кај меѓународниот фактор.
– Самиот момент на глобалната политика е специфичен. Големите сили немаат веќе никаква толеранција ни за издвоено умерено мислење по прашањата поврзани со глобалниот мир, а не, пак, за употреба на правото на вето во НАТО за прашања поврзани со датум за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. Меѓународната политика се води со години и со генерации, за земјата да стекне доверба кај сите свои партнери, со цврсто држење кон своите вредности, принципи, цели и особено црвени линии. Тоа создава амбиент за еден ден да се влезе во решавање и на најкрупните прашања – смета Боцевски.
Македонија во овие три децении покажа исклучително висока усогласеност со меѓународната политика и приоритети и во ниту еден момент не го услови тоа, како што нема ниту сега да го услови ратификувањето на протоколите на Шведска и на Финска за зачленување во НАТО.
Сепак, кога веќе се наоѓа на истата маса, треба конечно да почне да води зрела политика на градење односи што утре ќе ѝ овозможат нејзиниот глас да се слушне подалеку, а во одбраната на нејзините интереси да застанат и други партнери. Само така ќе биде еднаква на масата на која седи со сите, во спротивно ќе остане само безгласна мала буква.