Како аргументирана реплика на изјавата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова и како доказ за своето постоење во Бугарија, Македонците што не се откажуваат од своето етничко потекло во таа земја се собраа вчера во Мелник (Бугарија) да му оддадат почит на Јане Сандански. Собирот се случи во неделата, на 17 април, на соборот во чест на Јане Сандански, само еден ден по изјавата на Јотова во Битола дека „не гледа никаде Македонци во Бугарија“.
– Бугарската вицепретседателката Илјана Јотова требаше да дојде денес во Мелник на Семакедонскиот собор организиран од седум организации на бугарски државјани со македонска самосвест, за да ги види стотиците Македонци, кои наспроти дождот сепак дојдоа да му оддадат почит на Јане Сандански. Да ги види Македонците во Бугарија за кои ниту чула ниту видела. Истите оние што нејзината држава некогаш ги признавала. Истите оние што нејзината држава со децении ги дискриминира. Истите оние што веќе 32 години се мачат да регистрираат организации и партии во Бугарија. Истите оние поради кои Бугарија е веќе 14 пати осудена во Стразбур. Истите оние за кои пишуваат сите меѓународни извештаи за правата на човекот за Бугарија, вклучувајќи го и последниот на Стејт департментот. Истите оние што повеќе од деценија попусто бараат средба со нејзиниот шеф – претседателот на Бугарија, кој ниту наоѓа време да ги прими, а ниту да им одговори. Можеби треба да го праша Румен Радев, или заедно да прашаат во канцеларија или архива, кој таму ги крие писмата на овие Македонци, та бугарскиот вицепретседател да не знае ништо за нив – порачаа организаторите на Семакедонскиот собор во Мелник, Бугарија.