Имам нулта толеранција за организираниот криминал и корупција. Имам цел да расчистам со криминалот, без оглед дали него го сториле сегашни или поранешни функционери, изјави директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

Првиот човек на финансиската полицијата ги потврдува сомневањата дека поранешни функционери и бизнисмени переле пари преку наводни мрежи на офшор компании, одлевајќи огромни средства во странство. Оптимист е дека постапките ќе се докажат и виновниците ќе одговараат за направените злоупотреби. 

– Последниот настан кој се случи во Управата е предметот за изградбата на мостот „Око“. Такви настани во брзо време ќе има и други и ќе бидат поинтересни од тоа што веќе беше јавно кажано на прес-конференцијата на Управата – истакна Муареми.

Во интервјуто тој истакна дека досега немал притисоци.