Четвртиот пакет на мерки на мафијата во владата е последниот обид за сламката за спас во услови кога економијата пропаѓа, рече денеска на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицскоски.

Тој смета дека овој пакет не само што е задоцнет и нема да одговори соодветно на потребите на граѓаните, туку и дополнително ќе ја продлабочи тешката состојба во државата.

– Кога веќе се прави четврт пакет на мерки треба да се види искуството од претходните три. А, тоа е поразително и се вика нови дополнителни најмалку 40 илјади невработени за 5 месеци и минус речиси 13% намалување на бруто домашниот производ, рекорден во вториот квартал. Токму затоа и четвртиот пакет на мерки е промашен обид да се дефукусира вниманието од вистинските проблеми. Мафијата ќе стане побогата, а народот посиромашен – обвини Мицкоски.

Според него, досегашните три пакети на мерки биле лошо насочени и недоволни за да ги амортизираат негативните ефекти од кризата, а како потврда за тоа го посочува фактотшто покрај платежните картички кои, како што рече, служеле за изборен поткуп и манипулација, најголем дел од мерките за поддршка на стопанството и економијата останале нереализирани.

Мицкоски исто така ја обвини дека владата дека има историски најниска реализација на капиталните проекти.

– Резултатите од таквите погрешни политики се историски пад на индустриското производство и извозот, пад на економската активност во вториот квартал со индиции тој негативен тренд да продолжи до крајот на годината, зголемување на јавниот долг за повеќе од една милијарда евра за само еден квартал, а тоа е вториот квартал, раст на невработеноста од 40.000 лица со најава за дополнителни масовни отпуштања, тотален колапс на туризмот и многу затворени бизниси во државата – рече лидерот на ВМРО-ДМПНЕ.

Во своето долго обраќање тој даде и коментар за некои од, како што рече, бомбастично најавуваните мерки за помош на македонската економија за кои оцени дека биле брутална лага и предизборна манипулација за реализирање на талибански избори.

– Мерки се носат за да се помогне на економијата, за да можат да се спасат што е можно повеќе работни места и да се намали колку што е можно повеќе оној пад кој што секако се случува во нашата држава, но, фактот е следен. Денеска броиме троцифрена бројка на луѓе кои што се инфицираат на дневно ниво. Броиме повеќе од десет или околу десет луѓе кои што на дневно ниво го губат животот поради вирусот. Броиме илјадници луѓе месечно кои што остануваат без работа и броиме и броиме десетици бизниси кои што ставаат клуч на врата поради неможноста да опстојат – рече Мицкоски.

Тој додаде и дека владата ги нема парите за реализација на овие мерки, туку треба да се позајми од извори дома и од извори надвор.

– Ќе имаме побогата мафија, а посиромашни граѓани, за да може да се врши институционален поткуп. А, со тоа ќе се зголеми државниот и јавниот долг, со тоа ќе се зголеми дефицитот на буџетот, а тоа на крајот на денот ќе го платат сите граѓани солидарно без исклучок и на вера, нација и на социјална положба – нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.