Линеарно покачување на сите плати во државата

Интервју со претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Дарко Димовски

Одбележувањето на овој 1 Мај е сосема различен од претходните години, најпрво пандемијата, па потоа кризата предизвикана од воениот конфликт на Русија и Украина, кои се покажаа како многу штетни за економијата, со губење на работните места, но и прекршување на работничките права. Каде е тежиштето на одбележувањето на 1 Мај во вакви услови и какви лекции ќе извлечеме од овие последователни кризи?
– Органите и телата на ССМ одлучија оваа година 1 Мај да го одбележиме со протест, тоа од нас го бараше членството, поаѓајќи од сериозните економски и општествени проблеми во земјата, на кои ние долго време укажуваме и нудиме стручна, сериозна и издржана помош за заедничко дејствување на социјалните партнери и надминување на проблемите. Главното барање е најмалку 2.806 денари нето-износ линеарно зголемување на сите плати во приватниот и во јавниот сектор веднаш, вклучувајќи од општиот работник до претседателот на државата. Бараме од Владата потпишување на Општиот колективен договор за јавен сектор, во кој ќе биде регулирано зголемувањето на платата, како и враќање на изгубеното право на К15, а истото тоа го бараме и од Организацијата на работодавци за потпишување на Општиот колективен договор за приватниот сектор. Ја повикуваме Владата на поголема продуктивност и решителност во дејствувањето за зголемување на платите на работниците.
Кои се плановите во поглед на барањата за подобрување на работничките права?
– ССМ е најстариот и најброен синдикат во државата, ние сме репрезентативен синдикат и актуелен социјален партнер на Владата. Тоа нѐ прави уште поодговорни кога станува збор за положбата на работниците и заштитата на работничките права во целина. Протестот го организираме и затоа што не сме задоволни и бараме:
– повисоки плати, скалесто усогласување на платите со порастот на минималната плата, намалување на сиромаштијата;
– поголем број одржливи работни места, пристојна работа, здрави и безбедни услови за работа, социјална сигурност;
– почитување на човековите права и достоинство без дискриминација;
– наше активно учество во креирање на националните политики и стратегии, по пат на социјален дијалог;
– уредување на нашите права од работен однос со колективни договори како акти во чие донесување активно, стручно и посветено учествуваме затоа што ние го можеме тоа;
– нов закон за работни односи и работноправното законодавство во државата да биде усогласено со европското и светското законодавство.
Протестот има цел да ги предупреди работодавците и Владата дека сме незадоволни од нивниот игнорантски однос кон синдикатите и работниците, заради кој се чувствуваме запоставено и оставени на маргините на општеството.
Синдикалните работници изминатиов период организираа штрајкови и протести за повисоки плати, дали со радикализирање на дејствувањето се очекува Владата да ги исполни многубројните барања?
– Во врска со штрајковите организирани во изминатиов период, напоменуваме дека штрајкот е легитимен начин на борба за работничките права и треба да следува по исцрпување на можноста за решавање на проблемите по пат на социјален дијалог и договор помеѓу страните во еден разумен временски рок. ССМ е репрезентативен синдикат и актуелен социјален партнер во државата, а со тоа и учесник во креирањето на националните политики и стратегии. Истовремено, ССМ се залага за развој на синдикалниот плурализам во
државата. Од тој аспект ги поддржуваме сите легални активности на другите синдикати за заштита и унапредување на работничките права. Притоа цврсто стоиме на ставот дека при организирање штрајк, членството треба да биде целосно информирано за сите законски решенија во поглед на постапката на штрајкот и правата и обврските на учесниците во штрајкот. Во некои дејности, како што се образованието, комуналните, поштенските услуги и слично, организирањето на штрајкот е комплексно прашање, притоа треба да се води грижа за корисниците на услугите, учениците и образовниот процес како целина, како и да се води грижа за производствено одржувачките и нужните работи што во согласност со законот не смеат да се прекинат за време на штрајк. Штрајкувачите мора да бидат целосно информирани за законските права, но и за обврските за време на штрајкот. Исходот на штрајкот зависи од силата на аргументите, законските права и можности, обученоста, оспособеноста и преговарачките способности на страните во колективниот спор – штрајкот. ССМ многупати досега покажал дека се бори за правата на сите работници, па, така, по пат на сериозни, аргументирани и на закон засновани барања, преговори и организиран протест, ССМ обезбеди зголемување на минималната плата за сите вработени во државата. Притоа, ССМ цврсто стои на ставот дека треба да се почитува законот и да се обезбеди скалесто покачување на сите плати во државата со покачувањето на минималната плата. ССМ јасно го изрази својот став дека во услови на економска, здравствена и енергетска криза сите треба да покажеме солидарност и во своите барања се залагаме за линеарно покачување на платите на сите вработени за износ од 2.806 денари, колку што изнесува порастот на минималната плата. Процентуалното зголемување на платите што се бара во образованието ќе направи раздор во секторот, затоа што на овој начин носечкиот кадар – наставниците, воспитувачите и други работници, кои и впрочем во најголем дел учествуваа во штрајкот, ќе добијат помало покачување од раководниот кадар, што не е правилно и фер.
Што велат европските искуствата за заштита на работничките права, колку Македонија може да се доближи до ЕУ во овој поглед?
– Работни групи на ССМ учествуваат во донесувањето нов закон за работните односи, закон за безбедност и здравје при работа, закон за вработување и осигурување во случај на невработеност и слично. Наша цел е овие закони да се доближат до европските и светските трудови стандарди, а подобрувањето на правната рамка на работничките права значи и нивно унапредување и развој. ССМ подготви и текст на Општ колективен договор за јавен сектор, даден е на Владата, преговорите се во тек, целта ни е правата на работниците во јавниот сектор да се изедначат со правата на работниците во приватниот сектор и да не постои никаков облик на дискриминација (право на регрес за годишен одмор, еднакви додатоци на плата, права по основа на БЗР, информирање и консултирање итн.). Работиме и на обуки, информирање и оспособување на синдикалното членство, синдикалните раководства, работниците и граѓаните за издигање на нивната свесност за начинот и постапката за остварување, заштита и унапредување на работничките права.