Забележано, ненапишано

Новинарската професија е исклучително тешка и одговорна. Новинарот постојано е во борба со времето да обезбеди веродостојни и точни податоци од релевантните надлежни институции и потоа професионално, брзо и без грешки да го оформи текстот и да го достави во редакцијата. Новинарот постојано настојува да биде ексклузивец и да реагира брзо пред конкуренцијата, притоа внимава да не прескокне ниту една страна вклучена во настанот, да обезбеди изјава, по можност и документ, да води грижа за точноста на податоците и во договорениот рок да го достави материјалот во редакцијата. Старо правило е дека за новинарот нема работно време, ниту пак слободно време! Ексклузивноста и брзото соопштување на информацијата на јавноста е и поради тоа што производот на новинарот е со најкраток временски рок на траење. Поради таквата трка со времето, понекогаш и новинарите прават грешки.
Никогаш во овие околу 55 години работа во новинарството, а сум известувал од многу значајни локални, републички, државни и светски настани од повеќе области, не ми се случило брзината да биде виновна да отстапам од новинарските правила. Но сум бил сведок кога колегите, некогаш не по нивна вина, направиле грешка. И ние новинарите и уредниците не сме безгрешни, не сме светци, а потврда за таквите констатации е токму ова што го пишувам во денешниот текст на серијалот „Забележано, ненапишано“, кое може да се внесе во учебник за новинарство, како пример за тоа како не треба да се информира!
Среда, 2 август 1995 година, во раните утрински часови сончевите зраци од планината Бистра го заплискуваа долнореаканското село Битуше, што се наоѓа на подножјето на горостасиот Крчин, високо над реката Радика, спроти милениумското македонско светилиште „Св. Јован Крстител“, познато како Бигорски манастир, каде што ќе се одржи, за таа година, централната државна илинденска прослава на Македонија. Токму тоа беше повод за зголемената фреквенција на патнички автомобили, кои од двата правца на регионалниот пат Маврови Анови – Дебар, кај ростушкиот мост на реката Радика, се одделуваа и продолжуваа да се движат кон селото Битуше. Низ тесната, нерамна и змиулеста патека, со ударни дупки, беше вистинска мајсторија да се минат неколкуте километри. Жители на Долна Река, иселените битушани и гости од Гостивар и од Скопје, доаѓаа да присуствуваат на традиционалните илинденски свечености во Битуше, а таа година беа и централна државна прослава. Секој сакаше да го пречека и да го поздрави г. Киро Глигоров, претседател на Република Македонија, кој требаше да учествува на чествувањата, и со неговото присуство на достоинствен и свечен начин да се прослават двата светли датуми на македонскиот народ.

Гостите беа воодушевени од прекрасната местоположба на Битуше, од архитектурата на куќите, среденоста, хигиената, природните убавини, пејзажите и сл., – на домаќините впечатоците им ги пренесе претседателот Глигоров, по прошетката низ битушките улици и посетите на првата илегална партизанска печатница во Македонија, „Гоце Делчев“, на црквата „Св. Илија“ во месноста Добје и погонот за производство на пластични настрешници на АД „Макпетрол“ од Скопје.
Во салата на основното училиште, претседателот Глигоров имаше двочасовни разговори со претставниците на месните заедници на долнореканските села: Ростуше, Велебрдо, Требиште, Жировница, Скудриње, Присојница, Јанче, Аџиевци и Битуше, на овој ридскопланински, пограничен, пасивен и неразвиен регион. Организатори на прославата и домаќини на претседателот Глигоров беа Гале Фидановски, Иван Ивановски, Кочо Фидановски и Ристо Стефановски, сите по потекло од Битуше. Тие, заедно со 172 постојани жители (според пописот од 1994 година), реализираа повеќе активности со што ги подобрија условите за живеење. Но, како што истакнаа, неопходна е помош од државата за да се решат крупните проблеми и да се спречи масовното иселување. Учесниците во дискусијата го запоaзнаа и побараа од претседателот Глигоров да се ангажира и да влијае надлежните министерствата, државните институции и органи, без одложување, конкретно да преземат мерки и да ги решат проблемите со кои се соочуваат жителите на десетината долнорекански села.

Од таткото на нацијата побараа да го слушне последниот крик на Долнореканци, без одложување итно да се реконструираат и прошират локалните патишта, да се активираат затворените погони, да се изградат нови, да се отворат нови работни места, да се подобри здравствената заштита на населението и слично. Како што потенцираа дискутантите, ако веднаш не се реагира, ќе биде доцна, населението ќе се исели, а селата ќе ја доживеат судбината со мијачките села: Галичник, Лазарополе, Селце, Росоки, Тресонче, Гари и други села на овој регион, па ќе останат без жители.
Во првите попладневни часови, неочекувано, за миг, над Битуше се спуштија темни облаци, небото и земјата се споија, заврна пороен дожд, кој за еден час, колку што траеше невремето, нанесе штети на телефонската и електричната мрежа, наноси на земја и дрва на локалните патишта на регионот, а на регионалниот пат Дебар – Маврови Анови, во непосредна близина на Бигорскиот манастир, кај бензинската станица, се струполи лавина со неколку стотина кубни метри со камења, дрва, земја, па патот беше затрупан и непреоден. Во прес-центарот во Битуше ни беше речено дека телефонските врски се во прекин, нема напојување со електрична енергија и не знаеја кога ќе се отстранат дефектите.
Со возилото се упатив во Дебар, го побарав колегата Рамадан Телкиу, кој беше секретар на општинскиот Црвен крст, во неговата просторија го монтирав тонскиот извештај за Радио Гостивар, го напишав текстот за МИА, потоа извештајот за „Нова Македонија“, а додека ги пишував текстовите, колегата Телкиу ми ги испрати филмовите за „Нова Македонија“ преку Струга.

Во 15.30 часот, го слушам пладневниот радиовесник на Радио Скопје, репортерот Драган Антоновски, според сеќавањата, го започна извештајот (очигледно испратен пред да се случи настанот) со зборовите: „Во овој момент додека го јавувам ова од централната прослава на Илинден, што се одржува во долнореканското село Битуше, на граничната караула ’Видоја Смилевски-Бато‘, на македонско-албанската граница, на претседателот на Република Македонија и врховен командант на оружените сили на АРМ, Киро Глигоров, министерот за одбрана Благоја Ханџиски му предава рапорт“…
Веднаш по тонскиот извештај, водителот на вестите, со возбудлив глас, соопшти дека во тој момент ја добил веста на МИА: „Лавина со неколку стотина кубни метри земја, дрва, камења од планината Бистра се струполија на регионалниот пат Маврови Анови – Дебар, во непосредна близина на Бигорскиот манастир, сообраќајот е во прекин и министерот за одбрана не можел да пристигне на караулата во Битуше и да му предаде рапортот на врховниот командант на оружените сили на АРМ, Киро Глигоров“.
Така беше тоа, пред 27 години, немаше мобилни телефони, ниту, пак, лаптопи, телефонските врски по мало невреме, особено во западниот дел на Македонија, беа во прекин.