Нашата партија никогаш не исповедала сепаратистички идеи. Досега ниту една македонска организација или Македонец во Бугарија не се обвинети, судени или осудени за сепаратистички активности. Лагата за сепаратизам се користи за да се оправда систематската дискриминација на која подлежат бугарските граѓани со македонска самосвест, дискриминација која доведе до 14 пресуди против Бугарија од страна на Судот за човекови права, се вели во соопштението на партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден Пирин, по повод денешната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев поврзана со средбата на македонскиот претседател Стево Пендаровски со претставниците на Македонците во Бугарија. Ви го пренесуваме соопштението во целост

Не можеме, а да не реагираме на неодговорната изјава на претседателот Радев за „сепаратистички акценти и тврдења на малцинствата што ги исповедаат луѓето со кои се среќава претседателот Пендаровски“. Неговата изјава е лага и клевета и како таква е срамна за секој човек, а особено за претседателот, бидејќи срамот паѓа врз сите граѓани.

Нашата партија никогаш не исповедала сепаратистички идеи. Досега ниту една македонска организација или Македонец во Бугарија не се обвинети, судени или осудени за сепаратистички активности. Лагата за сепаратизам се користи за да се оправда систематската дискриминација на која подлежат бугарските граѓани со македонска самосвест, дискриминација која доведе до 14 пресуди против Бугарија од страна на Судот за човекови права.

Дискриминацијата на Македонците во Бугарија се рефлектира во секој извештај на меѓународните институциии за човекови права во врска со Бугарија во последните 18 години, а Бугарија е ставена под засилен мониторинг во Советот на Европа поради оваа причина. Но, освен лаги и клевети, изјавата на Радев е израз и на ниска политичка култура. Тој ги поврзува малцинските права со сепаратизмот и во нив гледа нешто лошо и неприфатливо.

Да ве потсетам дека Бугарија ја ратификуваше Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и дека Република Бугарија во минатото официјално го призна македонското малцинство, кое оттогаш беше подложено на тежок прогон во комунизмот. И за доброто на Радев, бидејќи тој одбива, не само да нѐ прими, туку дури и да одговори на нашите барања за средба – се бориме за демократизација и европеизација на Бугарија, за човекови права, за запирање на негирањето на македонското малцинство, запирање за него да се применуваат системска дискриминација, стигматизација, говор на омраза и маргинализација. Сакаме да им овозможиме на бугарските граѓани со македонска самосвест да учествуваат рамноправно и целосно во општествениот и политичкиот живот на земјата – нешто што во моментов систематски им се ускратува. Срамота е Бугарија да ја водат политичари со сличен начин на размислување.