Фото: Игор Бансколиев

Феноменот на пронаоѓање квалитетна работна сила ќе станува сѐ поизразен со заживувањето на економските активности. Во најнепријатна состојба ќе се најдат помалку развиените земји, кои поради ниската цена на трудот и претходно се соочуваа со дефицит на работници од градежната и од занаетчиската дејност. Со забрзувањето на процесот на дигитализација ќе се наметне и потребата од лица со стручни технички и информатички познавања, за што ќе бидат потребни поголема флексибилност, мобилност и адаптација на нашиот образовен систем, за оспособување стручна работна сила, но и за нејзино инкорпорирање во стопанските текови. Така, планирањето како базичен принцип избива во прв план за да се практикува

Неколку погледи за релациите меѓу пандемијата и берзата на трудот

Евидентни се показателите дека пандемијата предизвика сериозни промени на пазарот на трудот во глобални рамки. Тие промени, според економските аналитичари, долгорочно можат да се одразат и на глобалната и на националните економии на поединечните држави. На пример, поради промената на навиките на потрошувачите, низа елементи одат во прилог на констатацијата дека голем број области од услужната дејност се доведени во незавидна состојба.

Флексибилност, мобилност и адаптација, но над сѐ – планирање!

Работниците од услужниот сектор, зафатени од светските кризни трендови причинети од пандемијата, се впуштија во потрага по подобро платени работни места или, пак, во откривање нови начини на работа, кои одговараат на новата реалност и животен стил, да се работи и заработува од дома. Пандемијата во прв план „извлече“ некои дејности што претходни не беа ценети и беа помалку вреднувани, како што се дистрибутерите, возачите на камиони, работниците во малопродажбата, но и вработените во здравствениот сектор, како што се медицинските сестри.
Проблемот со пронаоѓање квалитетна работна сила ќе станува сѐ поизразен со заживувањето на економските активности. Во најнепријатна состојба ќе се најдат помалку развиените земји, кои поради ниската цена на трудот и претходно се соочуваа со дефицит на работници од градежната и од занаетчиската дејност. Со забрзувањето на процесот на дигитализација ќе се наметне и потребата од лица со стручни технички и информатички познавања, за што ќе бидат потребни поголема флексибилност, мобилност и адаптација на нашиот образовен систем, за оспособување стручна работна сила, но и за нејзино инкорпорирање во стопанските текови. Така, планирањето како базичен принцип избива во прв план за да се практикува. Процесот на планирање е еден од клучните чекори што треба да се направат. Оваа активност го трасира патот кон посакуваните цели. Планирање на стопанството, односно вкупните економски текови, е клучно за приспособување во новите глобални текови. Но во овој важен процес на планирање треба недвосмислено еднодушно да се дефинираат целите, а потоа да се утврдуваат можните сценарија за нивно остварување.

Нови потреби со друг квалитет на работната сила

Според податоците на Заводот за работна статистика во САД, платите на угостителите скокнаа на највисоко ниво, но сепак работниците не се подготвени да се вратат во овој сектор. Една од објавените анализи за пазарот на трудот, за време на пандемијата, покажала дека во 2021 година секој четврти вработен планира да побара нова работа, поради потребата од баланс меѓу работата и животот. Исклучително интересна анализа за „Ал џезира“ презентира Џони Лук, стратегиски советник од Велика Британија, кој од своето истражување ги издвојува промените што би настапиле по пандемијата, при што ќе наметнат нови потреби од нов квалитет на работна сила, која ќе може да се вклопи во новата дигитална економија.
– Во Македонија е проблем што не секогаш трендовите во светот се рефлектираат инстант и директно и на нашата економија. На пример, кај нас во моментов, бројот на огласени слободни места е во зголемување, што укажува на недостиг од работници. Не знам колку ова е поврзано со случувањата на Запад и посебно во САД, каде што е присутен феноменот на т.н. брзи откази. Односно сѐ поголем број работници сфаќаат дека не сакаат да работат на пониско платени работни места и одлучуваат да се преориентираат на други подобро платени и помалку стресни позиции. Наедно расте и преговарачката позиција на работниците за повисоки плати. Ова е видливо и кај нас, посебно во преработувачката индустрија и угостителскиот сектор, каде што има константен недостиг од работници, поради зголемената емиграција. Тоа значи дека работодавачите треба да размислат за зголемување на платите за своите работници, доколку сакаат да го одржат својот бизнис во досегашниот обем – ни изјави Здравко Савески, професор по политички науки.
Во изјавата за нашиот весник, Ванчо Узунов, универзитетски професор на Економскиот факултет, нагласи дека Македонија веќе се соочува со дефицитарни професии, кои се барани и во другите земји, а пред сѐ во ИКТ-индустријата. Како најзагрозени професии се општите работници во земјоделството и фармерите, поради новите и современи методи на одгледување на растенијата и животните, за што ќе бидат потребни и технички пообразовани работници.

Предизвици со кои ќе треба да се соочиме во периодот на постковид-кризата

Ниското ниво или недоволните инвестиции во образованието во минатото, дополнето со слабата образовна инфраструктура, неправилното усогласување на неформалниот систем за развој на стручните вештини, како и потребите на пазарот на трудот и недоволната дигитализација во образованието се дел од предизвиците за кои Владата ќе треба да се посвети во периодот по ковид-кризата, се наведува во анализата за влијанието на пандемијата на домашните економски текови, која беше изработена со помош на Швајцарската агенција за развој. Во изминатиот период, во земјата се појави потребата од квалитетни работници заради непречено функционирање на јавните услуги, како што се здравството, грижата за стари лица и грижата за децата, образованието, како и потребата за подобрена јавна инфраструктура и добра (снабдување со електрична енергија, снабдување со вода, јавниот превоз и сл.) што може да влијаат на занимањата и квалификациите што се потребни на пазарот на трудот.
Економските сектори се различно погодени од кризата што ја предизвика ковид-19. Додека некои подигитални сектори и сектори засновани на канцелариско работење (на пр. финансии, управување) би можеле да продолжат со својата работа во голема мера, други сектори како производство или преработката на храна треба значително да ја приспособат својата работна околина. Владата треба да направи приоритет на економските сектори што се покажаа како неразвиени или имаат недостиг од квалификуван персонал, се нагласува во анализата. М.Ј.