Фото: Прес-служба на Влада

За јазикот и идентитетот ниту се разговара, ниту преговара, ниту ќе се преговара во иднина, истакна премиерот Димитар Ковачевски во интервју за Националната радиотелевизија, и додаде дека во овој момент постојат само работни документи кои се разменуваат со Бугарија, а кои ќе бидат објавени кога ќе бидат конечни и кога ќе биде утврдена конечната рамка која ќе претставува пат до финално решавање на спорот кој го имаме со соседната земја.

Тој потврди дека во однос на самите разговори, ние имаме јасно изградени позиции во Собранието на нашата држава коешто е поддржано од сите политички партии и тие позиции се јасни и за Владата и за Собранието, политичките партии и сите граѓани.

– Нашиот јазик е јасно впишан во Обединетите нации, и исто така јасно впишан во документите на ЕУ – кажа Ковачевски.


Новата енергија во односите со Бугарија донесе голем број на проекти и можности

Новата енергија и динамика на односите со Бугарија, утврдени на нашата прва средба со делегацијата на бугарската влада во Скопје и на возвратната посета на Софија за да ја одржиме заедничката седница, низ работата на првите средби на работните групи стави на масата многу проекти и можности за соработка, рече Ковачевски во интервју за Националната радиотелевизија.

– Наместо комуникација која што беше сведена на обвинувања, на говор на омраза, на настапи на пропагандисти, кои не доликуваат на односите меѓу две земји, договоривме многу конкретни иницијативи во кои ќе бидат вклучени стопанските комори, бизнис заедницата за да се зголеми во економијата и во другите области. Поставени се дури и рокови, како на пример да имаме видлив напредок во изградбата на железницата на Коридорот 8 до 2027 година. Тоа е амбициозен, но остварлив план – истакна претседателот на Владата.

Тој додаде дека во комбинација со патниот дел од Коридорот 8, и знаејќи дека во Македонија тој се сече со Коридорот 10, се отвораат сериозни перспективи за економијата на двете земји, како и за сите други земји од регионот и заради излезот на двете мориња, Црното и Јадранското море во Албанија.


Ковачевски и Мицкоски договориле средба

Премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во денешниот телефонски разговор се договориле да организираат заедничка средба.

– Се договоривме во наредниот период да организираме средба. Таа можеше да се случи и порано, меѓутоа поради презафатената агенда во Владата, како и поради тоа што двајцата секретари на СДСМ беа во изолација, денеска почнавме со организација на таа средба и ќе се случи многу наскоро – кажа Ковачевски во интервју за Македонската радио телевизија, додавајќи дека природно и нормално е двете најголеми партии да комуницираат меѓусебе.

Ковачевски посочи дека на средбата ќе се дискутира за здравствената, енергетска и топлинската криза, како предизвици со кои се соочува Македонија, како и за евроинтеграцискиот процес.