фото: Маја Јаневска Илиева

Премиерот Димитар Ковачевски се надева дека преку соработка во делот на економијата, бизнисот, образованието, Бугарија ќе го тргне ветото за отпочнување на преговорите со ЕУ. Тој се надева дека овие теми ќе надвладеат, пред историските прашања, кои засега се пречка за Македонија да ги отпочне преговорите.

„Мојата и намерата на Петков е да разговараме за иднината и проекти за подобар живот на граѓаните на двете држави. Ќе разговараме за теми во областа на образованието, евроинтеграциите на Северна Македонија, економијата. Во однос на историските прашања, тие треба да бидат дел од дебатата на историчарите, а довербата на граѓаните треба да се гради со подобар стандард за нив. Нашите позиции се кристално јасни, ние сме Република Северна Македонија, со засебен идентитет, говориме македонски јазик. Ние сме држава која кажала дека нема да се меша кај другите држави“, посочи Ковачевски.

Тој посочи дека главно е да се врати довербата меѓу граѓаните на двете држави.

„Јас се надевам дека прво низ работа, бидејќи ние со Петков нема да потпишуваме договори во однос на тоа што треба да го сработиме, туку низ работа ќе ја вратиме довербата меѓу граѓаните. Тука зборуваме за соработка помеѓу бизнис секторот, ќе ги повикаме стопанските комори да соработуваат, како и универзитетите меѓу себе“, додаде Ковачевски.

Тој додаде и дека е задоволен од министрите кои ДУИ ги има во Владата. Бидејќи во редовите на оваа партија немаше промени, Ковачевски беше прашан дали смета дека министри на ДУИ се незаменливи, на што одговори дека членовите на Владата не ги дели според политичката провиниенција од каде доаѓаат.

„Јас никогаш не сум ги делел луѓето со кои што сум работел како кадри на одредена партија, одредено време, одредена провиниенција. Ги вреднувам врз основа на професионалните перформанси. Со министрите кои беа дел од минатата Влада и се дел од новата Влада имав соработка како заменик министер. Лично сум задоволен од перформансите на министрите од ДУИ, предложени да бидат дел од новата Влада“, кажа Ковачевски.

Тој не одговори конкретно дали наскоро може да се очекува лидерска средба со Христијан Мицкоски, но најави дека ќе комуницира со опозицискиот претседател.