Фото: Влада

Не се прифатливи идеи кои не прават јасна заштита на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и не е прифатливо билатерални прашања да бидат вклучени во мултилатерални преговори со Е – истакна премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на прашање од пратеникот Мартин Костовски од СДСМ, за тоа кои чекори ќе ги преземе Владата во однос на евроинтеграциите по одбивањето на „францускиот предлог“.

– Историските прашања не треба и не можат да бидат критериуми за преговарачка рамка на Република Северна Македонија со ЕУ, ниту за која било друга организација. И второ, преговорите со Европската унија мора да започнат со одржување на меѓувладина конференција, пред да бидат отпочнати измените на Уставот со цел внесување на Бугарите Црногорците, Хрватите да станат дел од Преамбулата. И трето, и ЕУ и Бугарија ќе достават гаранции дека нема да постојат понатамошни условувања во однос на нашиот процес на пристапување кон ЕУ – подвлече Ковачевски.

Тој посочи дека нашата држава е позитивен пример како се одвива соживотот во државата, а нашето законодавство е веќе 45 отсто усогласено со европската легислатива. Ковачевски рече земјава е успешен пример за регионалната соработка и го посочи „Отворен Балкан“, кој, како што посочи, не е замена за ЕУ туку овозможува слободно движење на луѓе, капитал, стока и услуги.

На прашање на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошески, дали премиерот би прифатил да присуствува на седница на собраниската комисија за надворешна политика, на која би биле поканети и поранешниот претседател на Владата Зоран Заев, како и двајцата министри за надворешни работи, поранешниот Никола Димитров и актуелниот Бујар Османи, за да го разгледаат „францускиот предлог“ и да изградат кохерентна политика, Ковачевски рече дека идејата е добра, но тоа би било јавна расправа, а не седница.

– Не би било фер поканата да се изолира само на неколку луѓе, туку сметам дека треба да ги поканите сите досегашни премиери, сите претседатели на државата, сите министри за надворешни работи, бидејќи не сметам дека министрите кои биле во првите два мандата да имаат предност во однос на претходните. Да не заборавиме, Република Северна Македонија не постои од денес. Јас ве поддржувам да направите јавна расправа со сите досега кои ја воделе државата и биле задолжени за надворешна политика – рече Ковачевски.

Милошоски рече дека е задоволен што премиерот прифаќа таква дебата. Тој посочи дека, согласно Деловникот, работните тела можат да покануваат на седница гости, експерти, стручни лица и тоа не мора да биде јавна расправа.

– Мојата намера не е да правиме циркусијада туку една седница во која најрелевантните актери кои учествувале во создавањето на Договорот со Бугарија, да бидат присутни на таа седница. Целта би била да изградиме поцврста заедничка позиција – рече Милошоски.