Фото: Влада

Со бојкот, не се бојкотираат Владата или Парламентот, туку се бојкотираат граѓаните и компаниите кои имаат интерес од законските решенија што се носат, изјави вечерва премиерот Димитар Ковачевски по најавите на опозицијата дека од утре ќе ја бојкотира работата на Собранието.

– Во Собранието постојат комисии во чија работа учествуваат сите политички партии, односно пратеници. Тоа е местото каде што треба да се отвори дебата по однос на сите законски решенија – рече Ковачевски на гостувањето во централниот дневник на телевизија „Сител“.

За лидерската средба што ја побара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски рече дека таа не била побарана за да се решаваат проблемите во државата, туку да се седне и да се договори датум за предвремени избори. Таквата понуда, според Ковачевски, е неискрен чекор со цел остварување на дневно-политички цели.

– Ние веднаш одговоривме, и јас како премиер и СДСМ и другите политички партии во коалицијата, дека во државата имаме комплетно легитимна Влада која успешно се справува со сите предизвици и дека во моментов во едни такви услови најмалку што и е потребно на државата се избори бидејќи знаеме дека изборите се период кога комплетно замира економската активност, кога практично сите процеси се насочуваат кон организирање избори и тоа би бил уште еден товар врз македонската економија – смета Ковачевски.

Повтори дека избори ќе има во 2024 година, прво претседателски, па парламентарни, во својот редовен термин.

– Доста е од времињата кога се правеа избори на две години – рече Ковачевски.

Тој потенцира дека оваа Влада докажала дека низ дијалог ги носи сите одлуки, особено најзначајните притоа посочувајќи ги одлуките за покачувањето на минималната плата и пензиите.

Премиерот додаде и дека кога се формирале работните групи со Република Бугарија, опозицијата била повикана да учествува во работните групи, но дека тоа било одбиено.

За сите крупни стратешки одлуки кога ќе има документи за кои ќе може да се разговара, вели Ковачевски, ќе се разговара на лидерско ниво.

– Но, да се разговараат сите законски решенија и сите мерки на ниво на експерти тоа значи едно класично дерогирање на Парламентот. Јас сметам дека имаме функционален Парламент со пратеници кои веќе имаат и неколку мандати, но искуство имаат и останатите, да отворат сериозна дебата за сите закони кои се предлагаат и сите закони кои треба да се унапредат – вели Ковачевски.

Според него, едно е да се предложи подобро решение, но сосема друго е да се блокира нешто по 20 месеци и да не се става на дневен ред.

– Сосема е во ред секое законско решение да помине низ парламентарна расправа, во комисиите, некогаш и јавни расправи, каде ќе биде повикувана и експертската јавност кои ќе можат да дадат свој придонес – рече Ковачевски.

Додаде дека во земјава не е пракса законите да се носат со европско знаменце. Законите кои се суштински, вели, не се со европско знаменце, затоа што треба да се исполнат некои критериуми за да одреден закон биде со европско знаменце.