Фото: Принт-скрин

Бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ нема да ѝ нанесе штета на Владата, туку на граѓаните, кажа премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, во вечерашното гостување во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ21.

– Пратениците не се избрани од партијата, тие се избрани од граѓаните. Бојкотот или како што го викаат активен бојкот во Собранието, практично нема да нанесе штета на Владата или на самото Собрание, туку ќе нанесе штета на граѓаните – истакна Ковачевски.

Тој го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за одлуката за бојкот на Собранието, нарекувајќи ја неговата постапка „грозоморна и неодговорна“. Ковачевски додаде и оти „не е лидер тој што мисли само на својот личен рејтинг и само на тоа кога ќе бидат наредните избори“.

– Доколку ги погледнете законите во Собранието, тоа што сега јавно го кажува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ веројатно, заради тоа што некому нешто должи, затоа што ветувал некаде нешто и сега мора да прави блокади. Ако го погледнете Собранието, тоа не е ништо различно од тоа што се случуваше и досега – тврди Ковачевски.

Лидерот на СДСМ истакна дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ во последниве две години блокирала десетици важни закони.

– Во изминатите две години во Собранието се блокирани не два, не пет, не 10, не 20 – се блокирани неколку десетици закони кои што се клучни за различни области од живеењето на граѓаните – порача Ковачевски.

Ковачевски нагласи дека парламентарното мнозинство е стабилно и актуелната Влада ја поддржуваат поголем број пратеници од претходната, додавајќи тоа е парламентарното мнозинство кое се подготвува за наредната зима во 2022 година, која, како што рече, ќе биде „најтешката зима по Втората Светска војна“.

– Сега можам да кажам дека наредната зима, ќе биде најтешката зима после Втората Светска војна затоа велам дека ова однесување на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е исклучително неодговорно – вели премиерот.