Кому му светна, а кому му се стемни со одложувањето на летот на Лавров

Откажувањето на посетата на рускиот министер за надворешни работи на Белград отвори многу прашања

Македонското министерство за надворешни работи го одби барањето на руската амбасада за специјално одобрение за користење на воздушниот простор за лет до Белград, поради тоа што Владата веќе има донесено општа одлука за затворање на воздушниот простор на Македонија за авиопревозници во сопственост на Руската Федерација, е официјалниот став на нашето МНР. Министерството во писмено образложение ги објасни причините за одлуката зошто не е дозволено авионот со кој требаше да патува рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да го прелета воздушниот простор на Македонија, на пат кон Србија.
Барањето на руската амбасада било упатено и покрај фактот што Македонија на 28 февруари воведе санкции за Русија по почетокот на инвазијата на Украина на 24 февруари. Освен Македонија, и Црна Гора и Бугарија не дозволија прелет, поради што Лавров ја откажал посетата.
Потврда дека е одложена средбата пристигна и од Белград, каде што претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека амбасадорот на Руската Федерација, Александар Боцан-Харченко, го информирал за причините што го спречиле доаѓањето на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, во Белград. Вучиќ на својот официјален инстаграм-профил додаде дека дополнително на националната телевизија РТС ќе зборува повеќе за сето она што се случувало изминативе денови за и околу најавената посета на Лавров на Србија.

Реакции од Москва и најава за остри контрамерки

Во меѓувреме бурни реакции пристигнаа од Русија за забраната за прелет на авионот со шефот на руската дипломатија на Србија, кој вчера требаше да ја почне дводневната посета.
– Москва и Белград мора исклучително остро да одговорат на затворањето на воздушниот простор од страна на соседите на Србија за авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров – изјави потпретседателот на Горниот дом на рускиот парламент, Константин Косачев. Тој смета дека оваа одлука е удар за Русија и Србија како држави.
„Реакцијата, се надевам, ќе биде заедничка и крајно остра, во формат не само на дипломатски протести туку и конкретни практични одговори. Тоа беше непочитување“, напиша пратеникот на каналот Телеграм. Според него, одлуката на Бугарија, Црна Гора и на Македонија да не го пропуштат авионот на рускиот министер не е независна.
– Земјите што ја опкружуваат Србија го затворија небото за авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, со што затворија уште еден канал за комуникација – изјави портпаролката на министерството, Марија Захаровa, нагласувајќи дека Москва не е таа што ја прави новата „железна завеса“, туку дека Европа е таа што ја опкружува Русија.

Железна завеса со две лица, балканските земји во „сендвич“

Захарова за италијанскиот телевизиски канал Ла7 изјави дека земјите што ја опкружуваат Србија го затвориле каналот за комуникација, не дозволувајќи прелетување на авионот на Сергеј Лавров, кој се подготвувал да ја посети Србија, пренесуваат медиумите во регионот.
– Железните завеси нема да бидат, на крајот на краиштата, од наша страна, не треба да се грижите. Вашите грешки се во тоа што сте премногу себични, што мислите дека сте во центарот на светот, дека освен вас нема други народи на светот. Немате морално право некого да научите нешто – рече Захарова.
Интересно е дека во Белград недоаѓањето на Лавров се коментира сосема дијаметрално спротивно. Особено ако се има предвид дека официјални претставници на Германија изјавиле дека во Берлин сериозно се размислува дали германскиот канцелар Олаф Шолц воопшто би отпатувал во Белград, доколку Лавров биде таму неколку дена пред него. Сега, по откажувањето на посетата на Лавров, сѐ би требало да остане според официјалните најави, а тоа значи Шолц, в петок (10.6), да ги посети Белград и Приштина.
Како што известува „Дојче веле“ од Белград, според Александар Попов, директор на Центарот за регионализам, на самиот Вучиќ му олеснило што Лавров не доаѓа во пикантен политички момент. Имено, на Запад договорот за гас меѓу Србија и „Газпром“ беше дочекан како нов доказ за поткопување на заедничката европска политика. Затоа, вели Попов, пропаднатата посета на Лавров може да се гледа и како поставување политички барања до Белград во замена за поевтин гас.
– Сè има своја цена. Нема вечно братство. Во интерес на Русија е да направи дупки во западните санкции. Присуството во Србија е можност да се направи дупка и да се покаже дека се присутни на овие простори – изјави за јавноста Попов.
Се пренесува и изјавата на Вук Вуксановиќ, истражувач во Белградскиот центар за безбедносна политика и соработник на Лондонската школа за економија и политички науки, кој вели дека „Вучиќ е во тесно затоа што мора истовремено да се ценка и со Москва и со Западот, а на граѓаните да им се прикажува како ’цврст лидер‘. Се чини дека Белград се обидува да најде модел, според кој, би се приклучил на некои санкции на Европската Унија. Идејата е да се отстрани европскиот притисок без сосема да се налути Москва“.
Според соопштението од кабинетот на германскиот канцелар Шолц, тој в петок на Балканот ќе зборува за билатерални блокади, но и за „натамошна заедничка реакција“ на руската агресија. Шолц во Белград доаѓа испратен со нацрт-резолуција на Бундестагот за БиХ, со која ќе се бара и дистанцирање на Белград од „сепаратистите“. Некои од коалициските партнери на Шолц веќе побараа да се замрзнат преговорите меѓу ЕУ и Србија.