Фото: Кабинет на претседателот

По повод јавната расправија помеѓу пратеникот и претседателот

Што можеме да очекуваме од секојдневните расправии на пазар, на клупа во Градскиот парк или во кафеана, кога највисоките политички чинители директно вклучени во процесот на одлучување за францускиот предлог, што може да ги одблокира македонските евроинтеграции, а истовремено е од исклучителна важност за идентитетските прашања, јавно расфрлаат пцости и навреди во кои спомнуваат родители, вошки, гниди, психопати… Ова претставува дел од репертоарот разменет помеѓу пратеникот на Левица, Димитар Апасиев, кој на Фејсбук упати навреда кон Стево Пендаровски откако беше објавен францускиот предлог за кревање на бугарското вето, по што шефот на државата остро му возврати при одговор на новинарско прашање, за Апасиев повторно да се огласи преку Фејсбук, реагирајќи во иста мерка на последните коментари на Пендаровски. Експертите за политичката комуникација се согласуваат дека ваквиот говор е неприфатлив.

– Сметам дека коментарите на Апасиев се апсолутно неприфатливи и со нив се оттргнува фокусот од суштинските прашања и се создава раздор. Од друга страна и институциите на претседателот не треба да одговараат на таков начин на ваквите коментари – категоричен е директорот на институтот за демократија „Сосиетас цивилис“ од Скопје, Марко Трошановски.

Комуникологот и специјалист за односи со јавноста и нови медиуми, Бојан Кордалов, посочува дека не се знае каков резултат може да донесе скршнувањето од страндардната политичка комуникација, па токму затоа е потребно таа да биде сведена на дебата на различни одмерени размислувања.

– Излегувањето надвор од стандардната политичка реторика и комуникација често изгледа примамливо и ефикасно, но се „уличка“ која никогаш не знаете каков резултат на крајот ќе ви донесе. Искрено, не знам како секој човек би можел да изреагира на одреден тип на пцовки, квалификации и други изрази, но мора да успееме политичката комуникација да ја сведеме на предвидливост, инклузивност, односно дебата на различни размислувања, меѓутоа првенствено дебата на артикулирани, одмерени и реално прифатлив начин на комуникација – истакнува Кордалов.

Тој посочува дека зборовите што ги користат политичарите се пренесуваат директно и врз секојдневната комуникација на граѓаните.

– Би сакал да потсетам дека начинот на кој политичарите комуницираат, зборовите кои ги користат, директно се пренесува на секој од нас како граѓанин и ни дава ветер во грб да користиме, односно не користиме одреден тип на комуникација. За таа цел, потенцирам дека правилната, одмерената, стандардната политичка комуникација може да изгледа долга, неинтересна или досадна, но уверувам дека само инклузивната и аргументирана комуникација може да доведе до ефикасни резултати, внимание од граѓаните и да придонесе за позитивна промена на општеството – објаснува Кордалов.

Несоодветните изрази присутни во јавната расправија помеѓу Апасиев и Пендаровски минатата недела, на извесен начин, веројатно претставуваат зовривање на тензичната состојба во јавноста по објавувањето на францускиот предлог, што се согледува и според поделбите и говорот на омраза присутни и на социјалните мрежи деновиве.

– Кога станува збор за процес од највисок државен карактер што не вклучува консултации од пошироката јавност, резултатот е фрустрација, особено што еден дел од јавноста е гневен бидејќи одлуката е донесена прекуноќ. Ова е затворен, избрзан и нетранспарентен процес, што сметам дека и понатаму ќе продолжи да создава поголем раздор во јавноста – заклучува Трошановски.

Останува да се види каков ќе биде понатамошниот ефект од комуникацијата помеѓу Апасиев и Пендаровски, но засега нема назнака за смирување на ситуацијата, особено додека македонското општество е преокупирано со францускиот предлог.