Од јануари до август 2022 година, во СЗО се пријавени 27.814 лабораториски потврдени случаи на мајмунски сипаници и 11 смртни случаи, од 89 земји, во сите шест региони на СЗО. И во регионот на Балканот веќе се потврдени повеќе случаи на мајмунски сипаници

Од почетокот на мај 2022 година, па досега, пријавени се случаи на мајмунски сипаници во голем број држави каде што оваа болест не е ендемична. Повеќето од потврдените случаи пријавиле патување во европските држави и Северна Америка, наспроти Западна или Централна Африка, каде што мајмунските сипаници се ендемични. Светската здравствена организација (СЗО) нагласува дека за првпат многу од случаите на мајмунски сипаници и кластерите се забележани во неендемичните држави во различни географски области. Во Европа најмногу регистрирани случаи има во Шпанија, Германија и во Обединетото Кралство, а во регионот веќе се потврдени случаи на мајмунски сипаници, но не во голем број.
Во Македонија, според последните информации, имаше два суспектни случаи на мајмунски сипаници. Тестот на младиот мигрант од Сирија што беше хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести е негативен на ова вирусно заболување, а суспектниот пациент од Кичево не дозволи да му се направи тестирање за евентуална инфекција со мајмунски сипаници. Македонската јавност се вознемири околу новиот вирус, но надлежните институции и експертите нагласуваат дека не се очекува сериозно ширење на мајмунските сипаници. Здравствените власти повикуваат на смиреност и свест кај граѓаните. Домашните епидемиолози нагласуваат дека начинот на ширење и евентуалните компликации од мајмунските сипаници се многу понеопасни од коронавирусот.
– Конго-типот на мајмунските сипаници е поопасен и тој е присутен во Африка и таму има потврдени неколку смртни случаи. Но информациите не треба да се земаат здраво за готово. Генерално тоа се пациенти што имаат навистина многу други тешки здравствени состојби и вирусното заболување, всушност, е последната „капка во морето“. Не е ова ниту колера, ниту ебола, ниту пак ковид. Затоа сметам дека навистина луѓево не треба да создаваат толкава паника и да живеат во страв од мајмунските сипаници – посочува епидемиологот, д-р Александар Стојанов.
Според информациите на Светската здравствена организација (СЗО), најголемиот дел од пријавените случаи на мајмунски сипаници се идентификувани преку сексуалното здравје или други здравствени услуги во примарните или секундарните здравствени установи, кои утврдиле дека најчесто, но не и исклучиво, вирусот се пренесувал со секс помеѓу мажи. Од Светската здравствена организација соопштуваат дека програмите за вакцинација против мајмунски сипаници треба да бидат придружени со силни информативни кампањи, дека се потребни приближно две недели од завршувањето на серијата вакцинации (една или две дози во зависност од производот) за целосно да се развие имунитетот. Нивото на заштита што го дава
вакцинацијата под различни околности сè уште не е утврдена за оваа појава.
Луѓето од најпогодените заедници каде што се присутни мајмунските сипаници треба да продолжат да преземаат заштитни мерки за време на оваа појава. Ова може да вклучува привремено намалување на бројот на сексуални партнери за да се намали потенцијалната изложеност, препорачуваат од Светската здравствена организација (СЗО). Исто така, се повикуваат државите да ги спроведат препораките вклучени во декларацијата за вонредна состојба за јавно здравје, за да ја стават епидемијата под контрола.

Првите смртни случаи од мајмунски сипаници надвор од Африка беа забележани во Шпанија (два смртни случаи), Бразил (еден смртен случај) и во Индија (еден смртен случај).
Од 1 јануари до 7 август 2022 година, во СЗО се пријавени 27.814 лабораториски потврдени случаи на мајмунски сипаници и 11 смртни случаи, од 89 земји, во сите шест региони на СЗО. Според извештај објавен на 25 јули 2022 година, има нови 11.798 случаи, што претставува 74 отсто зголемување, како и шест нови смртни случаи. Во 42 земји има зголемување на неделниот број заболени, а најголем пораст е забележан во Бразил. Во изминатите денови, вкупно 10 земји го пријавиле својот прв случај. Тие ги вклучуваат Црна Гора, Уругвај, Либерија, Судан, Боливија, Кипар, Гвадалупе, Гватемала, Литванија и Свети Мартин.
Во нашиот регион веќе се потврдени случаи на мајмунски сипаници. Во Грција има 41 случај, Словенија – 40, Србија – 23, Хрватска 12, Бугарија – 4, Босна и Херцеговина и Црна Гора имаат по еден случај, додека во Албанија нема регистрирани случаи на мајмунски сипаници. Д. Ст.