Фото: Маја Јаневска-Илиева

Настрана што, не само по сопствена вина, земјите од регионот предолго време се оставени надвор од Европската Унија, со што им е ускратено правото на користење на нејзините структурни фондови, туку и сега, во кризни услови, од нив се очекува да ги следат политиките на Унијата, иако тоа ги чини многу повеќе отколку нејзините многу побогати членки, тврдат аналитичарите

ТРИ МЕСЕЦИ ПО ПОЧЕТОКОТ НА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА

Речиси три месеци од почетокот на војната во Украина и постепеното воведување санкции кон и од Русија, челниците на Европската Унија почнаа да се интересираат за економските последици од сето тоа врз земјите на Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, и повеќе или помалку директно, да им најавуваат одредена финансиска помош како компензација за вртоглавото влошување на речиси сите нивни економски параметри и на општата благосостојба на населението. А тоа се случи дури откога директорката на Светската банка за Западен Балкан, Линда ван Гелдер, на почетокот од месецов констатира дека и покрај силното закрепнување од пандемијата, Западен Балкан сега се соочува со нови предизвици, чие влијание дополнително ја усложнува војната во Украина. Како најголеми предизвици со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан, таа ги наведе растот на цените на енергијата и на храната, високата инфлација и забавувањето на трговијата и на инвестициите.
– На земјите од Западен Балкан ќе им треба внимателно осмислена поддршка во форма на јавни политики што ќе им овозможат да најдат излез од овие кризи и да ги заштитат значајните резултати постигнати во текот на 2021 година, вклучувајќи и на полето на намалување на сиромаштијата – препорача таа, нагласувајќи дека не сите земји имаат капацитет да ги ублажат шоковите.
И бидејќи станува збор за земји претенденти и кандидати за членство во Унијата, очекувањата на јавноста, сосема оправдано, се насочени и кон можностите за помош во рамките на редовните и евентуално на дополнителни начини на финансирање од страна на ЕУ, бидејќи повеќето од нив се придружија кон санкциите што ЕУ ѝ ги воведе на Русија поради што и самите станаа цел на руските санкции. А откако, конечно, почнаа да го сфаќаат тоа и во Брисел, тамошните челници почнаа да разговараат со претставниците на овие земји за конкретни форми на помош што би им помогнале да ја надминат кризата. Македонската влада, која во очекување на тешка зима подготвува ребаланс на буџетот, како што се изрази премиерот Димитар Ковачевски, под притисок и на надворешните и на внатрешнополитичките проблеми како, сепак, да не е доволно фокусирана или свесна за состојбата на економијата. Премиерот Ковачевски, спротивно на сите други мислења и показатели, дури и се пофали дека успешно ја менаџира кризата.
Некаде во истото време, шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, пред состанокот на Советот на министрите за надворешни работи, на кој присуствуваа и министрите од Западен Балкан, оцени дека токму тие се тешко погодени од кризата, објаснувајќи го присуството на министрите од регионов, меѓу кои беше и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

– Ја имаме посетата на шесте министри за надворешни работи на шесте земји од Западен Балкан. Денес тие ќе седнат на Советот за надворешни работи за да разговараат со нас за ситуацијата на Западен Балкан, кој е многу погоден од економската криза – објасни шефот на ЕУ-дипломатијата.
Инаку, Борел минатата недела веќе се сретна со шефовите на држави и на влади на овие шест земји во неформален контекст за да ги слушне нивните главни преокупации.
– Има земји што имаат повеќе проблеми од другите. Ова е објективна ситуација, некои земји-членки се соочуваат со поголеми тешкотии од други затоа што се позависни, затоа што немаат пристап до море, затоа што немаат можност да добијат цистерни директно. Имаат нафта само преку нафтоводи што доаѓаат од Русија, така што сигурно ќе разговараме за тоа и ќе направиме максимум да ја деблокираме ситуацијата, не можам да гарантирам дека ќе се случи тоа – предупреди Борел.
Во меѓувреме, експертите во Македонија, иако велат дека секоја помош е добредојдена, се воздржани во однос на ефектите од евентуална помош, а уште повеќе од задолжувањата кај меѓународните кредитори.
– Во апсолутниот износ, кога се говори за директните штети од војната во Украина, бројката и не е толку голема. Но проблемот е во тоа што дури и сега, веднаш, да заврши војната, поради нарушените синџири на производството и на снабдувањето, цените би продолжиле да растат уште долг период потоа. Тоа особено ќе се одрази врз нас, како увозно зависни поради долгогодишното запоставување на производството на храната и на енергентите од страна на сите досегашни влади. Уште поголем проблем е тоа што сѐ уште присутните ефекти од кризата предизвикана од пандемијата сега се мешаат со штетите од војната и кога на сето тоа ќе му се придодадат и веќе познатите структурни проблеми на нашата економија, јас не гледам излез од ова ниту преку евентуалната помош, ниту преку нови задолжувања заради покривање на непродуктивните трошоци што власта, ладнокрвно популистички, ги правда со наводно поволните услови. А ако веќе се инсистира на некаква квантификација, јас би рекол дека директната штета од војната во Украина во овие три месеци кај нас се движи околу сто милиони евра. Но тоа не е ништо во споредба со она што ќе следува – објасни поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

Не е голема утеха, но можеби би можело да помогне тоа што се добива впечаток дека расте свеста за исклучително лошата позиција на Западен Балкан, не само во текот на актуелнава криза туку и генерално во целиот период на неуспешниот процес за негово пристапување кон Унијата.
Настрана што, не само по сопствената вина, земјите од регионот предолго време се оставени надвор од Унијата, со што им е ускратено правото на користење на нејзините структурни фондови, туку и сега, во кризни услови, од нив се очекува да ги следат политиките на Унијата, иако тоа ги чини многу повеќе отколку нејзините многу побогати членки.
Упатените потсетуваат дека земјите од некогашниот Источен блок, кои успеале порано да се интегрираат во Унијата, по многу основи се доближиле до западните стандарди токму поради правото на користење на структурните фондови, кои за балканските земји кандидати и претенденти на членството сѐ уште не се достапни.
Чекор кон надминување на оваа состојба беше направен и на конференцијата „Ленарт Мери“, која пред некој ден се одржа во Талин, Естонија, а каде што беа присутни претставници на владите, приватниот сектор и на аналитичките центри од Европа и од Америка. Еден од клучните заклучоци што произлегоа од конференцијата бил и дека политиката на санкционирање на Русија мора да продолжи, па дури и да се интензивира, што подразбира и затворање на „дупките“ во нејзината имплементација. Една од учесничките на конференцијата, програмската директорка на Центарот за европски политики во Белград, Милена Лазаревиќ, потоа објасни дека притисоците за воведување и за доследно спроведување на санкциите би требало да бидат проследени и со дополнителни стимуланси.

– Во фокусот на јавниот и на политичкиот дискурс не се прашањата на вредностите и на солидарноста, туку анализата на економскиот интерес што го отежнува воведувањето санкции – навела таа.
Освен тоа, станало збор и за „создавање дополнителни поттици“ за унапредување на реформите во регионот и за „неговото мотивирање“ за доследно спроведување на политиките на Унијата.
– Тоа може да се постигне, пред сѐ, преку дефинирањето на конкретната перспектива за членство во Унијата, а не само преку досегашната „нејасна перспектива“. За да се постигне тоа, ЕУ мора да ја покаже својата способност за наградување на реформите и на политичките жртви, така што ќе го одблокира процесот на пристапните преговори со Македонија и со Албанија – објаснила Лазаревиќ. Д.М.М.