Фото: Архива

Од осамостојувањето до денес бројот на министерските места и ресори во Македонија варирал помеѓу 18 и 27 во различни временски периоди. Некогаш одредени министерства се спојувале, но и обратно, се одвојувале и се формирале нови ресори. „Нова Македонија“ анализира кога е најефективна и најефикасна државната администрација, дали кога ресорите функционираат одделно или кога се фузирани, комплементарни по својата проблематика и дејствување

Владата што треба да ја предводи Димитар Ковачевски ќе се зголеми за еден член, бидејќи во предлогот за состав на новата влада што тој го достави до Собранието има 21 име, додека владата на премиерот во заминување Зоран Заев имаше 20 члена. И покрај тоа што бројот на членовите на владите од осамостојувањето на државата досега варираше од 18 до 27 министри, споредбите покажуваат дека Македонија според бројот на министрите, со и без ресори, би можела да биде европски рекордер, или некаде на врвот на листата, што за упатените е крајно неславен рекорд кога се имаат предвид постигнатите резултати.
Имено, некои неодамнешни споредби покажаа дека Германија има 14 сојузни министерства, Владата на Италија има 13, Франција – 15, Словенија – 14, Унгарија – 13, Белгија – 12 ресори… Повеќето од тие земји според површината и бројот на населението се многу поголеми од Македонија, а ефикасноста на нивните државни управи е неспоредлива во однос на нашата. Во Македонија многу често доделувањето на министерските места е со цел задоволување на апетитите на партиите што партиципираат во владините коалиции, иако искуствата покажуваат дека некои од овие ресори не покажале никакви резултати, ниту, пак, го подобриле животот на граѓаните. Во контекст на бројот на ресори и споредено со искуствата во другите држави, се наметнува прашањето кој број на членови на владата и на владините ресори би бил оптимален за Македонија.
– Ако го имавме одговорот на овие прашања, ние досега ќе бевме Швајцарија. Проблемот не е во бројот на ресорите, туку во начинот на кој тие функционираат. Според мене, на Македонија ѝ се доволни пет или шест ресори со широк обем на надлежности, но и со многу работа, за да се одбегнат сите оние проблеми со некоординираноста и неусогласеноста помеѓу министерствата за кои слушаме со години. Тоа се тие лавирања што ги прават нашите влади неотпорни на барањата за задоволување на интересите на партиите што ги сочинуваат. Лицитирањето со бројот на ресорите е само забава за народот. Ние треба конечно да сфатиме дека ни се потребни здрави реформи и комплетна реорганизација на системот, и тоа не само на владините ресори, за да постигнеме некакви резултати. Бројот на министерствата ништо не значи ако тие и понатаму се неефикасни – објасни професорот од УКИМ Ванчо Узунов.
Дека треба да се намали бројот на министерства во македонската влада заклучи неодамна и професорката на Правниот факултет Ана Павлоска-Данева.
– Во европските развиени држави владите се мали, функционални, со помалку министерства и министри. Кај нас имаме 16 министерства и различни премиери предвидуваат различен број на министри без ресор – вели Данева.
Таа го посочува примерот кога во една од претходните влади имало различен број министри и министерства.
– На почетокот од владеењето на Зоран Заев, исто така имаше 26 министри и премиер со 15 министерства. Сега имаме 16 министерства со 20 министри, бидејќи министрите без ресор престанаа да се именуваат. Но и 16 министерства се премногу – заклучи Данева, посочувајќи дека Владата може сосема добро да функционира со 12-13 министри.
Инаку, во новата влада што ја предложи Ковачевски, СДСМ и коалицијата ќе имаат 12 министри, ДУИ шест, а Алтернатива тројца министри. Еден член повеќе во однос на владата на Заев ќе биде министер без ресор, место што ѝ припадна на Алтернатива.
Од Владата си заминуваат осум досегашни членови, вклучувајќи го и Зоран Заев. Никола Димитров веќе нема да биде вицепремиер за европски прашања, Радмила Шекеринска заминува од Министерството за одбрана, а членови на владата нема да бидат ни досегашниот министер за здравство Венко Филипче, министерката за образование и наука Мила Царовска, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерката за култура Ирена Стефоска.

На нивните места треба да дојдат досегашниот министер за правда Бојан Маричиќ од СДСМ како вицепремиер за европски прашања, Славјанка Петровска од СДСМ во Министерството за одбрана, Беким Сали од Алтернатива ќе раководи со Министерството за здравство, досегашниот министер за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири од ДУИ ќе го преземе Министерството за образование и наука, Јована Тренчевска од СДСМ ќе раководи со Министерството за труд и социјална политика, а Бисера Костадиновска Стојчевска од СДСМ го презема ресорот култура.
Адмирим Алити од Алтернатива ќе биде прв човек на Министерството за информатичко општество и администрација, а Џемаил Чупи од оваа партија е предложен за министер без ресор задолжен за дијаспората.
Во новата влада на Ковачевски останува вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи од СДСМ, а ново име е неговата сопартијка Славица Грковска, која треба да биде вицепремиер за борба против корупцијата и криминалот.
Со ресорот правда треба да раководи универзитетскиот професор Никола Тупанчевски, како решение на СДСМ. Во Министерството за внатрешни работи останува досегашниот министер Оливер Спасовски, а функциите ги задржуваат и министрите за надворешни работи, за транспорт и врски, за финансии и за економија, Бујар Османи, Благој Бочварски, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши. Во Министерството за локална самоуправа останува и понатаму Горан Милевски од ЛДП, а нема промени ниту во Министерството за животна средина и просторно планирање, каде што останува досегашниот министер Насер Нуредини од ДУИ. Со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и понатаму ќе раководи Артан Груби од ДУИ, а во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се враќа социјалдемократот Љупчо Николовски. Д.М.М.


Владата на Љубчо Георгиевски со најмногу ресори, на Хари Костов со најмалку

Владата на Димитар Ковачевски ќе има 21 министер.
Владата на Зоран Заев од 2020 година имаше 20 члена.
Владата на Зоран Заев од 2017 година имаше 26 члена.
Владата на Никола Груевски од 2014 година имаше 26 члена.
Владата на Груевски од 2011 година имаше 23 члена.
Владата на Груевски од 2009 година имаше 22 члена.
Владата на Груевски од 2006 година имаше 21 член.
Владата на Владо Бучковски од декември 2004 година имаше 19 члена.
Владата на Хари Костов од јуни 2004 година имаше 18 члена.
Владата на Бранко Црвенковски од 2002 година имаше 18 члена.
Владата на Љубчо Георгиевски од 1998 година имаше 27 члена.
Владата на Бранко Црвенковски од 1994 година имаше 20 члена.
Владата на Бранко Црвенковски од 1992 година имаше 22 члена.
Владата на Никола Кљусев од 1991 година имаше 23 члена.