Фото: Маја Јаневска-Илиева

Секој изгубен час и ден во воспитно-образовниот процес скапо чинат и тешко се надоместуваат. Штрајкот е легитимна форма на изразување незадоволство, но, во секој случај, треба да се наоѓаат начини и алтернативи за последиците од сето тоа да не бидат врз грбот на оние што се најмалку должни, односно врз грбот на учениците и образованието во целина. Тоа е апелот до засегнатите страни. Во услови кога е нејасно колку ќе трае штрајкот на просветните работници, дилемата што се наметнува е како да се надминат проблемите, со единствена цел да не трпи образованието и да има што помалку последици врз учениците. Според аналитичарите, постои длабок системски проблем во образованието, што доведе до тоа постојано да се продуцираат незадоволство, штрајкови, лош квалитет на образованието, а, за жал, сето тоа врз грбот на децата

Еден друг агол за колективното прекинување на работата во образованието

Штрајкот на просветарите продолжува, и покрај сите најави на засегнатите страни дека се подготвени за наоѓање решение за брз излез од ќор-сокакот во кој се најде образовниот процес со прекинот на наставата.
Синдикатот на образованието, науката и културата (СОНК) останува на ставот дека штрајкот е резултат на повеќегодишното игнорирање на барањата на вработените во образованието за процентуално зголемување на нивните плати. Од Владата, пак, тврдат дека сега не е поволен момент за штрајкување и дека во буџетот нема пари за зголемување на платите, бидејќи тоа би предизвикало инфлаторен бран. Во една ваква констелација, се чини дека колатерална штета трпат образовниот процес и учениците, кои не се знае како потоа ќе ги надоместат изгубените часови и пропуштениот материјал.

Апел за побрз договор

Во меѓувреме и од СОНК и од Владата категорично тврдат дека се отворени за разговор за надминување на проблемот, но освен ваквите декларативни заложби, засега нема конкретни потези за решавање на состојбите.
– Од Министерството за образование ни укажаа дека интензивно работат на пресметките, па очекуваме да нè повикаат во Владата на преговори. Тоа значи дека и утре (среда) најверојатно нема да има настава, бидејќи ќе ни треба време да заземеме став во раководството на СОНК за евентуалната понуда што ќе ја добиеме – вели првиот човек на СОНК, Јаким Неделков.
Од Владата, пак, порачаа дека го охрабруваат синдикатот да го продолжи дијалогот, истовремено апелирајќи до синдикалните лидери да бидат реални во барањата.
– Барањата треба да бидат реални и да произлегуваат од чувството што го налага моментот. Во услови на исклучителна светска економска криза, која не заобиколи ниту една земја, па ниту нашата, Владата во заеднички дијалог со репрезентативните синдикати продолжува да обезбедува системски решенија со кои ќе го продолжи зголемувањето на платите за вработените во училиштата и во градинките – нагласуваат од Владата.
Во едни вакви околности, дилемата што се наметнува е како да се надминат проблемите, со единствена цел да не трпи образованието и да има што помалку последици врз учениците. Дотолку повеќе што и сега, додека трае штрајкот, во одредени одделенија или училишта се применуваат одредени алтернативни методи на онлајн настава и слично, а има и наставници што држат настава за да не трпат образовниот процес и учениците. Во однос на згрижувањето на децата во градинките, состојбите се нешто појасни и се оди со ангажирање заменски негувателки на местото на оние што штрајкуваат.
Според аналитичарите и познавачите на состојбите во образованието, штрајкот е легитимна форма на изразување незадоволство, но, во секој случај, треба да се наоѓаат начини и алтернативи последиците од сето тоа да не бидат врз грбот на оние што се најмалку должни, односно врз грбот на учениците и образованието во целина. Зашто секој изгубен час и ден во воспитно-образовниот процес потоа скапо чинат и тешко се надоместуваат.

Квалитетот на образованието веќе да не трпи штета

Социологот Илија Ацевски, кој долги години се занимава со образовниот процес во земјава, смета дека децата не смеат да трпат никаква штета од штрајкот.
– Мислам дека, барем во нашите околности, тешко е да се најде решение образовниот процес да тече непречено во услови на штрајк, барем на она минимално ниво. Според некои странски искуства, кога веќе е извесно дека преговорите ќе одат тешко и дека штрајкот би можел да потрае, тогаш претходно требаше да се обезбеди барем некакво минимално одвивање на образовниот процес за да не трпат децата. На пример, наставниците можат да посветат некакво елементарно внимание кон децата, оти тие се колатералната штета. Може наставникот да ги редуцира предавањата, да е достапен за учениците, но на некој начин да биде пасивен, односно на тој начин да го изразува својот протест. Така ќе биде задоволено неговото право на штрајк, но, од друга страна, така и децата нема да го почувствуваат толку силно овој удар врз нивното образование, особено што две години претходно во времето на пандемија се соочуваа со уште посериозни предизвици во учењето – вели Ацевски.
Според него, постои длабок системски проблем во образованието, што доведе до тоа постојано да се продуцираат незадоволство, штрајкови, лош квалитет на образованието, сето тоа врз грбот на децата.
– Требаше уште одамна да се воспостават некакви елементарни критериуми и правила преку кои точно ќе се знаеше обемот на работа на наставниците, нивната плата, требаше да постојат награди за оние што добро си ја вршат работата, па дури и намалување на платите на оние што не покажуваат никакви резултати. Кај нас владее еден премолчен договор, се работи со зголемен обем на работа без зголемена плата, воспитувачка во градинка сама се грижи за триесетина деца, така што, општо земено, потребна е коренита реформа на целиот образовен систем – истакнува Ацевски.
Тој додава дека кај нас недостига елементарно следење на образовниот процес, што резултира со вакви работи.
– Ако имаше следење, ќе се видеше кои наставници работат, кои малку работат, каде постои масовно вработување без систематизација. Едноставно, треба и политиката да се тргне од образовниот систем и да се овозможи негово реформирање, со што македонското образование ќе се крене повторно од агонијата во која е западнато и продолжува да тоне. Ова што се случува сега е политичка, стручна и системска какофонија – заклучува Ацевски.