Фото: Игор Бансколиев

Апсурдноста во која се западнати евроинтеграциите на Македонија со ветата од ЕУ-соседите, кои немаат никаква поврзаност со критериумите на Унијата за проширувањето, ниту со нејзините базични вредности, ја наметнува и дилемата дали може ЕУ да ги гарантира сопствените критериуми во однос на Македонија.
Барањето дополнителни гаранции од Македонија во преговарачката рамка на ЕУ наведува на културоцид под европски плашт, како најлош израз на криминално однесување на меѓународната заедница спрема еден народ (македонскиот) и третирање на македонската држава

МОЖЕ ЛИ ЕУ ДА ГИ ГАРАНТИРА СОПСТВЕНИТЕ КРИТЕРИУМИ НА КОИ СЕ ТЕМЕЛИ

Апсурдноста во која се западнати евроинтеграциите на Македонија со ветата од ЕУ-соседите, кои немаат никаква поврзаност со критериумите на Унијата за проширувањето, ниту со нејзините базични вредности, се чини како да остава простор за первертирање на принципите на целиот процес. Еден од поновите прилози во небулозите на кои се заснова бугарското вето за почеток на македонските преговори за членство во Унијата е барањето од страна на бугарскиот претседател Румен Радев за „правно обврзувачки гаранции, кои ќе бидат вклучени во преговарачката рамка за Македонија“, кои ќе обезбедат спроведување на обврските преземени на тој начин од земјава. Ваквото барање на Радев, кое му го искажал на францускиот претседател Макрон, според разбирањата на евроекспертите, значи додавање уште едно поглавје во македонската преговарачка рамка со ЕУ, специјално за желбите и условите на Бугарија поставени на Македонија, во неприфатливата декларација на бугарското собрание од 2019 година. На тој начин, Македонија би била принудена на два паралелни преговарачки процеси – еден со ЕУ и уште еден со Бугарија, што и само како идеја претставува неразумен преседан и целосно изопачување на принципите на кои функционира Европската Унија.

– Обвинувањата на Бугарија за неспроведување на Договорот за добрососедство од страна на Македонија се преопшти и неаргументирани. Договорот е двострана работа, потпишан од рамноправни меѓународни субјекти, а не ултиматум што треба да го спроведува само една страна (во случајов Македонија) и да ги исполнува условите на другата страна. Самото потпишување на договорот, според стандардите на меѓународното право, е гаранција дека тој (ќе) се спроведува. Врз таква рамноправна основа, Македонија и досега го почитуваше договорот. Барањето гаранции за исполнување на дополнително додадените услови од Бугарија, преку посебно поглавје во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, од повеќе аспекти е невообичено и досега непознато во практиката на Унијата. Прво, никому не му е јасно што сѐ бара Бугарија, која две години по потпишувањето на Договорот за добрососедство донесе декларација во своето собрание со услови од идентитетско-национален карактер за македонските евроинтеграции, кои никако не можат да бидат препознаени во Копенхашките критериуми. Дури и оттогаш постојано ги менуваат и тие дополнително измислени причини за вето. Конечно, со самото влегување во процесот на евроинтеграции, Македонија дава гаранции дека ги почитува принципите и критериумите на ЕУ, но постојано се соочува со непредвидливост во процесот и критериумите на проширувањето, што влијае на создавање амбиент на недоверба, дури и со дополнителни гаранции – вели амбасадорот Ѓорѓи Филипов, кој, сепак, проценува дека досега немало таква обединетост во ЕУ на страна на Македонија, како сега кога сите се затекнати со предизвикот на бугарското вето.
Невообичаената речиси дводецениска историја на македонските евроинтеграции, во која од две членки на Унијата (што значи и со поддршка на целата ЕУ) се бараат гаранции за незагрозување на националните интереси на соседите, што практично значи барање за самонегација и асимилација на македонскиот национален идентитет, претставува прекршување на принципот на самоопределување, кој е гарантиран во Повелбата на ОН, која е имплементирана и во основачките акти на Европската Унија и на други носечки меѓународни организации. Всушност, овој, и другите принципи од Повелбата на ОН, се наведени и во преамбулата на Договорот за добрососедство од 2017 година, меѓу Македонија и Бугарија. Со ветото, дополнителните услови со Декларацијата на бугарското собрание и сите опструктивни амандмани и дејствувања во европските институции, всушност, Бугарија го прекршува Договорот за добрососедство со Македонија.

– Изгласувањето на Извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент, со амандманите на Бугарија, кои го легитимираат нивното вето и услови за македонските евроинтеграции, претставува многу лоша порака од ЕУ и мора да се исправи, дали на политички или дипломатски начин. Прифатениот извештај од европратениците, многу наликува на Лисабонската декларација за Македонија од 1992 година. Што се однесува до гаранциите што Бугарија ги бара од Македонија за почитување на европските принципи, тие се дадени во самиот Договор за добрососедство, каде што во преамбулата се повикува на почитување на принципите на Повелбата на ОН, на документите на ОБСЕ, како и демократските принципи содржани во актите на Советот на Европа. Кога во билатерални преговори се повикува на такви принципи, тоа значи дека се преговара на рамноправна основа и реципроцитет на двете страни во договорот. Тоа значи дека двете страни се обврзани на почитување и спроведување на договорот, а не да се поставуваат услови и уцени од едната на другата страна. Барањето дополнителни гаранции од Македонија во преговарачката рамка на ЕУ за спроведување на Договорот за пријателство укажува на синхронизираност со Преспанскиот договор, што наведува на културоцид под европски плашт, како најлош израз на криминално однесување на меѓународната заедница спрема еден народ (македонскиот) и третирање на македонската држава. Покрај сѐ друго, со бугарските барања за преговарачката рамка за Македонија се настојува да се избрише и антифашистичкиот карактер на нашата држава. Во своја одбрана, Македонија треба да се повика на позитивните одредби од договорот, кога другата страна наметнува барања врз основа на декларацијата од бугарското собрание, која никако не е дел од договорот, донесена две години подоцна. Всушност, најсоодветен одговор на прекршувањето на Договорот за добрососедство од бугарска страна би било прекинување на преговорите. Според принципите, наведени и во договорот, не се преговара за историскиот континуитет и културните вредности на македонското национално постоење – вели историчарката Наташа Котлар-Трајкова.