Ако во прво време од мандатот донекаде се држеше до воспоставената европска практика за известување, со стапувањето во сила на првото бугарско вето за почеток на пристапните преговори на нашата земја со ЕУ, известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, ја промени „плочата“ и почна со неосновани критики кон земјава, насочувајќи ги во иста линија со ултиматумите што доаѓаа од Софија. Неговата работа повеќе се сведе на дневнополитички коментари на релaцијата Скопје – Софија отколку на реалните достигнувања на земјава поврзани со европскиот процес, а уште помалку на давање основани забелешки како Софија со своите барања кон Македонија ги крши меѓународното право и темелните принципи на Унијата

Европскиот парламент молчи, миже и е глув на пристрасниот пробугарски пристап на својот известувач за Македонија

Последните настапи на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, само потврдија дека тој ја надминува рамката на своите надлежности и се однесува крајно пристрасно кога станува збор за македонскиот евроинтегративен процес, дотолку повеќе што во ваков исклучително чувствителен момент на македонско-бугарските односи наместо да се фокусира на европскиот напредок на земјава, фактите, вистината и правдата, тој почна да говори за некакви други критериуми, најмалку европски.
Ќучук, без оглед што е избран од страна на Комисијата за надворешни работи на ЕП, јасно е дека првенствено ќе ги застапува бугарските интереси бидејќи по завршувањето на овој мандат повторно ќе му биде потребна поддршката од Бугарија ако сака да ја продолжи својата политичка кариера, било на европска, било на домашна, било на бугарска почва.
Најдобра потврда за неговото пристрасно однесување е неговата неодамнешна изјава дадена во интервју за радиото Фокус, во која јасно порачува дека историјата е составен дел од преговарачкиот процес на Македонија со Европската Унија.
– Не ја пречкртавме, бидејќи историјата е составен дел на преговарачкиот процес и не се согласувам дека е турната некаде под килим. Токму обратното, историјата како наука, која е конзервативна, треба да биде оставена во рацете на историчарите. Таков мандат ѝ е даден на соодветната историска комисија и тој мандат треба да биде исполнет со содржина. И таа навистина да работи во духот на науката, во духот на заемното разбирање, да бидат најдени оние допирни точки што биле во минатото и да бидат побарани нови допирни точки што треба да стапат во иднината. Тоа e неизбежно поврзано со членството на Северна Македонијa во ЕУ. Таму можат да најдат место и Бугарија, и Северна Македонија, и тоа не му противречи на националниот интерес на Бугарија – напротив, го збогатува и го задолжува да биде многу посоодветен кон новите реалности што се случуваат – изјави Ќучук.
Откако во последните години пофокусирано работел на прашања од надворешната политика, известувачот за Македонија го споделува впечатокот дека Бугарија може да направи многу за регионалната безбедност.

– Единственото место во кое Бугарија може да предлага модели за интеграција, модели за однесување и буквално да ги води земјите во насока што е вредна, тоа е Балканот. Не гледам друго место каде што може да биде направено тоа – вели Ќучук.
Според него, Бугарија има потреба да назначи специјален претставник за Балканот за да може и таа да биде вклучена на масата на која се одлучува за иднината на регионот.
– Заедно со специјалните пратеници на САД, Велика Британија, Австрија, Германија и на Словенија, која е на пат да има специјален претставник за Западен Балкан, сакам и Бугарија да се нареди на масата каде што се дискутира за иднината на регионот. Тоа не е само како геополитичка ориентација, тоа е поврзано и со економската и транспортната поврзаност, дигиталниот развој, иновациите и образованието, насочено кон иднината. Од тоа Бугарија само би добила – порачува Ќучук.
Низ овие неколку произнесувања на известувачот на ЕП за Македонија станува очигледно дека фокусот во неговата работа се Бугарија и нејзините национални интереси, а европската функција ја користи само како параван да ја наметне својата земја како клучен фактор во креирањето политики на Балканот.

Прекршени меѓународното право и европските критериуми

Бугарскиот европратеник од редовите на либералите, Обнова, Илхан Ќучук, беше назначен за известувач за Македонија во Европскиот парламент во ноември 2019 година, наследувајќи го Словенецот Иво Вајгл, со мандат од пет години.
Ако во прво време од мандатот донекаде се држеше до воспоставената европска практика за известување, со стапувањето во сила на првото бугарско вето за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, тој ја промени плочата и почна да ги насочува критиките кон земјава во иста линија со забелешките што доаѓаа од Софија. Неговата работа повеќе се сведе на дневнополитички коментари на релaцијата Скопје – Софија отколку на реалните достигнувања на земјава поврзани со европскиот процес. Па така, имаше коментари поврзани со историјата, идентитетот, јазикот, вметнување на Бугарите во Уставот, кои во никој случај не се дел од неговите надлежности.
Последните негови изјави во интервјуто за радиото Фокус јасно го потврдуваат тоа, без никакви задршки и резерви, што говори дека неговата европска агенда е целосно подредена на бугарските замисли и цели, заземајќи страна наместо непристрасно оценување на напредокот на земјата.
Имено, Ќучук децидно кажа дека историјата е составен дел на преговарачкиот процес, со што и тој тргна по линијата спротивна на европските критериуми и вредности за кои и самиот треба да работи. Историјата не била составен дел на преговарачкиот процес за ниту една актуелна земја-членка на ЕУ, вклучувајќи ја и Бугарија, така што да се инсистира на историските прашања за Македонија во преговарачката рамка е целосно во спротивност со Копенхашките критериуми што Бугарија ниту денес, без оглед што е членка, не ги исполнува, особено во делот на малцинските права, владеењето на правото и борбата со корупцијата.
Понатаму, Ќучук ја гледа Бугарија, а не Европа, како земја што може да предлага модели за интеграција на државите од Балканот во ЕУ. Ако тие модели што ги нуди Софија се непризнавање на нечиј идентитет, јазик и историја, очигледно сите земји од Балканот што ќе сакаат да се зачленат во Унијата според бугарскиот модел ќе мораат да признаат дека споделуваат заедничка историја со Бугарите, дека нивниот јазик е бугарски дијалект и дека идентитетот им е креиран од Тито.
Известувачот на ЕП за Македонија оди дури дотаму што предлага Бугарија да назначи и специјален претставник за Балканот за да може директно да учествува и да ја креира иднината на регионот.
Оваа замисла не е ништо друго туку реализација на големобугарската хегемонистичка идеја за директно вклучување на Бугарија на масата на која полесно ќе може да ги наметне своите аспирации.
Изјавите на Ќучук се во целосна спротивност со меѓународното право, со европските принципи и критериуми и воопшто со реалноста.
Да тргнеме со ред. Прво, Ќучук го прекршува меѓународното право така што си дозволува да си игра со идеи за специјални претставници што ќе ја креираат иднината на државите од Балканот, заборавајќи на Повелбата на ОН, во која јасно се посочува дека државите се суверени сами да одлучуваат за својата иднина, за тоа како ќе се именуваат, како ќе го именуваат својот јазик, каква историја ќе негуваат или, пак, какви идни курсеви ќе заземат. Тука нема простор некој „специјален претставник“ од Бугарија да одлучува за нив.
Второ, известувачот на ЕП за Македонија е дециден дека историјата е дел од преговарачкиот процес за земјава со ЕУ. Тој, како европски функционер, требаше да биде првиот што ќе се спротивстави и јасно ќе каже дека историјата не е дел од Копенхашките критериуми, но, за жал, се стави во улога на „бугарски известувач“ и настапува од бугарска, а не од европска позиција.
Трето, Ќучук очигледно не ја восприема реалноста во Македонија дека станува збор за суверена земја што има право самата да носи одлуки за својата иднина низ еден демократски процес во своите институции. Токму тој момент треба да биде предмет на неговата оцена во извештаите што ги доставува до ЕП, односно дали државата функционира во согласност со европските принципи и кои слабости треба да се поправат. За тоа дали Бугарите ќе се внесат во македонскиот устав, што претставува говор на омраза, како Бугарија ќе биде претставена во македонските учебници во Втората светска војна и слично, тоа се прашања што немаат никаква врска со неговата функција.

Македонија да побара изземање на Ќучук поради пристрасност

Имајќи ги предвид актуелните македонско-бугарски случувања и потребата од реално скенирање и прикажување на состојбите во земјава во согласност со започнатиот скрининг-процес, Македонија треба да побара изземање на актуелниот известувач на ЕП за земјава поради неговата пристрасност.
Со оглед дека Македонија прифати бугарски обврски во преговарачкиот процес со ЕУ, тогаш повеќе од извесно е дека Ќучук доследно ќе ги спроведува инструкциите од Софија на тој начин што ќе може директно да влијае во сите извештаи за напредокот на земјава ако добие такви сигнали од бугарските власти. Така, Бугарија и без да стави формално вето во иднина, всушност, ќе може да ја блокира Македонија кога и да посака.
Токму поради овие работи, ЕП и самиот требаше да го замени Ќучук уште во моментот кога Бугарија го стави првото вето за Македонија за да избегне пристрасност, која, очигледно, сè повеќе испливува на површина, но, за жал, не го стори тоа, постапувајќи исто како официјален Брисел, кој во македонско-бугарскиот спор се постави отворено на бугарска страна.
Затоа, легитимно е македонските власти веднаш да побараат смена на Ќучук и именување нов европски функционер што нема да се приклонува ниту на една страна, туку ќе се држи строго до она што се европски критериуми и така ќе ги подготвува извештаите, врз основа на постигнатите резултати и реални заслуги на земјава.
Ако останат работите вакви какви што се, тогаш Македонија нема да мрдне во преговарачкиот процес со Унијата уште долги години бидејќи Софија, покрај ветото, очигледно има уште една ефикасна алатка со која може директно да го опструира напредокот на земјава преку негативни извештаи во ЕП.
Европа и меѓународната заедница доволно се огрешија во врска со Македонија во безброј случаи, така што време е и тие да направат еден чекор во вистинска насока.