Новиот бугарски премиер Кирил Петков даде ветувачки изјави за отстранување на ветото што ја спречува Македонија да ги почне пристапните преговори со ЕУ, но потоа го негираше македонското малцинство во Бугарија, во пресрет на утрешната посета на Скопје. Во таква ситуација, претседателот на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) Мето Колоски во неговиот авторски текст за „Имрџинг јуроп“, се прашува дали Петков ќе го надмине „македонскиот синдром“ што ја зафати Бугарија.

– Во 1971 година, американската Централна информативна агенција (ЦИА) го осмисли тереминот „македонски синдром“ во поглед на бугарската интензивна преокупација со тврдењето дека Македонија е едно со Бугарија. Кампањата опстојува, а зема замав за време на комунистичкиот режим кога Бугарија беше држава-марионета во Советскиот Сојуз – пишува во авторскиот текст.

Бугарската политичка елита, историчарите и академиците тврдат дека Македонците се Бугари. Но, ако Македонците и Бугарите се браќа, зошто кралството Бугарија потпиша спогодба со нацистичка Германија во август 1941 година, за окупација на Макеоднија и експлоатирање на нејзините ресурси? Зошт Бугарите не беа пречекани со раширени раце од Македонците, туку напротив, наидоа на отпор како фашистички окупатори? Зошто бугарската армија уби над 25 илјади Македонци, ако тие беа браќа, се прашува во Колоски, наведувајќи дека станува збор за трагичното минато, кое Бугарија до денес не сака да го признае и да се извини, вклучувајќи ја и депортацијата на 98 отсто од македонското еврејско население.

Ставајќи ја историјата настрана, Колоски посочува дека Бугарија е водечка во противењето на пристапните преговори за Македонија за членство во ЕУ, прашувајќи се до кога и зошто го задушуваат процесот во неговите почетоци.

Згора, тврди дека бугарската влада честопати користи слична практика за одвлекување на вниманието на сопственото население од проблемите дома, со нагласување на прашањата поврзани со Македонија.

Кога би се навратиле на проблемот со „македонскиот синдром“, посетата на Петков на Македонија делува ветувачки, но треба да се чека исходот, смета Колоски.

– Да се надеваме дека тој ќе се прикаже како некој што ги гледа македонските лидери како еднакви партнери во НАТО, за разлика од поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, кој ги навредуваше македонските лидери во повеќе наврати, или како поранешниот министер за одбрана Красимир Каракачанов, кој предупреди дека ќе ја испрати бугарската армија во Македонија, ако соседната држава не ги исполни барањата на Бугарија – пишува претседателот на Обединетата македонска дијаспора (ОМД)

Петков е во право да се прашува зошто нема директни авионски летови помеѓу Скопје и Софија или железничка линија меѓу двата града. Двете држави треба да разгледуваат начини за градење на мостови и за унапредување на билатералните економски врски, а не да гледаат во минатото и да наметнуваат различен идентитет или историски наратив врз македонскиот народ, бидејќи силеџиството не е европски принцип, заклучува Колоски.