Фото: Маја Јаневска-Илиева

Канонадата од бугарски навреди, омаловажувања, извртувања на тезите и говор на омраза кон Македонија не само што не стивнува туку постојано се засилува. Дали е крајно време Македонија да реагира или ќе продолжиме и понатаму според изреката ако некој ти удри шлаканица на едниот образ, ти сврти го и другиот? Дипломатите и политиколозите даваат јасни ставови и препораки

„ДОБРОСОСЕДСТВО“ НА БУГАРСКИ НАЧИН

По неодамнешната посета на бугарскиот премиер Кирил Петков на Македонија, следуваше нова канонада од навредливи изјави кон Македонија, дадени од бугарски политичари од највисоко ниво.
Во период кога треба да се шират добрососедство и пријателство, некои од бугарските политичари повторно шират горчина и анимозитет кон Македонија, омраза, непријателство, а притоа постојано ја употребуваат и тактиката на извртување на тезите, посочувајќи ја земјава дека наводно таа шири говор на омраза кон Бугарија.
Најновата провокативна и навредлива изјава дојде од поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев, кој изјави дека Македонија е продолжена рака на српските и руските служби.
– Службите на РСМ и до ден-денес се просто филијала на српските, кои, пак, се филијала на руските, и ние не сакаме да ги внесеме Тито и Сталин во ЕУ – изјави Плевнелиев, алудирајќи на бугарската теза дека Македонците се конструкт на Тито и Коминтерната и како такви не им е местото во ЕУ ако не го прифатат својот „бугарски“ корен.
Уште порадикален настап имаше Красимир Каракачанов, кој македонскиот народ го оквалификува како глупав.

– Тие страдаат од својата глупост – изјави Каракачанов, коментирајќи го одбивањето на македонската страна да ги прифати ултимативните бугарски барања.
Слични изјави со доза на навреда, иронија и потценување имаше и од поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, од актуелниот претседател Радев, европратеникот Ковачев, но и од лидерот на ИТН, Слави Трифонов, коалициски партнер во новата влада на Петков.
Несомнено, бугарската страна со извртување на тезите се обидува говорот на омраза и омаловажување што се шири од нивна страна да го прикаже како реакција на наводниот говор на омраза од македонска страна, кој, за волја на вистината, досега не е регистриран од ниту една меѓународна релевантна организација. Од друга страна, токму Бугарија се најде во извештаите на истите институции како земја што шири говор на омраза, дискриминира и ускратува малцински права.
Нејасно е зошто на ваквата канонада од навреди од Бугарија нема остра реакција од институциите во државата, пред сè од македонското МНР, кое со дипломатските алатки со кои располага треба јасно да стави до знаење дека каков било говор на омраза и навреди од политичарите во Бугарија не придонесуваат за подобрување на меѓусебните односи. Згора на тоа, нашето нереагирање уште повеќе ги засилува ваквите провокации од бугарските политичари.
Треба да се нагласи дека вообичаена дипломатска практика во светот и кај соседните земји е да се реагира и укаже на секој обид за омаловажување или навреда на државата и нејзините граѓани.
Од друга страна, Бугарија и Грција реагираа со протестни ноти и за најбанални работи, како на пример истакнување на поранешното знаме од Вергина на приватни настани, изнесени ставови на социјални мрежи, ознака на дрес на некој македонски клуб итн.
Некои од познавачите на состојбите со кои се консултиравме сметаат дека земјава мора поенергично да реагира на навредливите изјави што доаѓаат од бугарските политичари, но воопшто и од други земји, наместо молкум да се поминува преку нив.

– Немаме конзистентна надворешна политика кон Бугарија. Невозможно е да се замисли толку време да немаме амбасадор во Софија, кој ќе може да ги води работите, но истовремено и да реагира до бугарските власти кога ќе се појават вакви изјави со кои се шири говор на омраза. Цела Европа ја осудува Бугарија за тоа што го прави со малцинствата, а ние ќе замижуваме на едно око и нема да реагираме на ништо – вели поранешниот дипломат Драган Јањатов.
Според него, надлежните државни институции мора да реагираат на ваквиот говор на омраза и да го осудат, а не да премолчуваат, со образложение дека не сакаат да ги нарушуваат наводните добри односи со Бугарија.
– Ние немаме институционална надворешна политика по прашањето на ширење на говорот на омраза и воопшто надворешна политика во однос на Бугарија. Не реагираат институциите, а уште помалку ќе се јави министерот за надворешни работи за да реагира на нешто, во овој случај со навредливите изјави на бугарските политичари кон земјава – констатира Јањатов.
Тој смета дека токму МНР треба да излезе и јасно да каже што бара Македонија од Бугарија, наместо да се прави недоветна и да молчи.
– Треба да се излезе и точно да се каже што бараме ние. Како што ја признаа државата, така треба да го признаат народот и да го признаат јазикот. Ако ние ги внесеме Бугарите во Уставот, тогаш треба и тие во нивниот устав да ги внесат Македонците во Бугарија. Дополнително, Бугарија е таа што треба да даде изјава дека нема територијални претензии кон Македонија. Тоа би било многу поисправно, отколку нашата нота до ОН дека ние немаме територијални претензии кон нив. Тоа се глупости. Така треба да се реагира, а не да се молчи на навредите што секојдневно ни стигнуваат од бугарска страна – потенцира Јањатов.
Од македонското МНР до затворањето на денешното издание на весникот не добивме одговор на прашањето дали ги следат ваквите бугарски изјави преку кои се шири говор на омраза и дали и кога досега е реагирано во согласност со дипломатските практики.