Каква била бројноста на Македонците во 18 и 19 век

Анализата на расположливите статистички документи од пред стотина години открива интересни податоци за искажаната бројност на македонското население во некои делови и градови во Македонија. Дури и тогаш во сите печатени статистики, од кои повеќето биле нецелосни, составот на населението, особено на Македонците, не бил прикажуван реално, туку неточно, за во извесна смисла да се негира македонскиот народносен елемент

Кон делото „Македонија како природна и стопанска целина“, Софија, 1945 година

Во август 1945 година, во Софија, од страна на Македонскиот научен институт (МНИ) беше издадено мошне значајното научно дело – книгата „Македонија како природна и стопанска целина“ (Македони я като природно и стопанско цяло), испечатена на бугарски јазик во печатницата „Художник“. Издавачот, Македонски научен институт, сметал дека е корисно овој труд да го издаде на бугарски јазик за да се запознаат македонската емиграција и бугарското општество со актуелните прашања што ги третира ова дело, при што се напоменува дека Македонија се разгледува во нејзините географски граници, не земајќи ги предвид моменталните политички околности. Оттаму, им се посветува еднакво внимание на сите делови на Македонија: на Народна Република Македонија (Вардарска Македонија), на делот што се наоѓа под бугарска власт (Пиринска Македонија) и на делот што се наоѓа под грчка власт (Егејска Македонија). Во книгата се обработени природно-географските басени, области и покраини (краишта) на: Југозападна Македонија (областа на реката Бистрица), Беломорска Македонија со беломорските покраини, областа на реката Места, покраините по Средна Струма и Струмешница, Вардарската област или Средна и Северна Македонија и областите од Северозападна Македонија. Во рамките на таквото разгледување е утврдено дека Македонија во овие граници опфаќа површина од 67.741,2 км.
Во овој труд од 296 страници, покрај описот на природните карактеристики на Македонија (релјефот, климата, хидрологијата, земјиштето и нејзината природна и растителна покривка), дадени се и податоци за бројноста и народносниот состав на населението од времето на турското владеење, што за нас, поради актуелната ситуација во односите со Бугарија, се интересни податоци за искажаната бројност на македонското население во некои делови и градови во Вардарска Македонија. Инаку, во 19 век во сите неофицијално печатени статистики, од кои повеќето биле нецелосни, составот на населението, особено на Македонците, не бил прикажуван реално, туку неточно, за во извесна смисла да се негира македонскиот народносен елемент.

Според првите службени пописи, пак, извршени во 1921 и 1931 година, составот на населението не е прикажан според народносната припадност, туку според вероисповедта, а Македонците се вклучени во христијани. Но, по извесна аналогија, според нашиот еминентен антропогеограф, универзитетскиот професор д-р Митко Панов („Географија на СР Македонија“, Просветно дело, 1976, Скопје), може да се заклучи дека бројот на населението во Македонија (Вардарска Македонија, н.з) во 1900 година изнесувал 909.000 жители, од кои 534.000 биле Македонци (58,7 проценти), 175.000 Турци (19,2 проценти), 88.000 Албанци (9,7 проценти), 20.000 Роми (2,2 проценти), 30.000 Власи (3,3 проценти), 8.000 Евреи (0,8 проценти), 52.000 Торбеши (5,7 проценти) и 2.000 Черкези (0,2 проценти), додека во 1931 година бројот на жители изнесувал 798.500, од кои Македонци 540.000 (67,6 проценти), Турци 119.000 (14,9 проценти), Албанци 111.000 (13,9 проценти), Роми 7.800 (1,0 процент), Власи 9.000 (1,1 процент), Евреи 5.000 (0,6 проценти), Руси 700 (0,1 процент) и 6.000 други (0,8 проценти). Според горните податоци, се гледа дека отсекогаш најголемиот број на населението го сочинувале Македонците.
Авторите на книгата во поглавјето што се однесува на бројот и распределбата на населението во Македонија, го презентираат податокот дека пред Втората светска војна во Федерална Македонија вкупно живееле 947.468 илјади жители, од кои 759.468 биле Македонци (80,1 проценти), Турци бегалци 53.000 (5,6 проценти), Албанци 101.000 (10,6 проценти) и 34.000 други (1,5 процент), додека во Македонија под бугарска власт (Пиринска Македонија) живееле 235.000 жители, од кои 226.700 биле Македонци (96,4 проценти), 6.000 Турци (2,5 проценти) и 2.300 други (0,9 проценти).
Генерално може да се заклучи дека иако за време на повеќевековното турско владеење настанале различни промени во Македонија во поглед на измени на населеноста, функциите и разместувањето на населбите, разни видови миграциски движења (внатрешни и надворешни) и менување на етничката структура, сепак, македонското население успеало да го запази својот белег на народ. Што се однесува до податоците за развојот на популацијата во Македонија за време на турското владеење, тие не можaт да се сметаат за релевантни, бидејќи пребројувањето се водело само за машкото население. Исто така, не се сосема точни ниту податоците за населението во Македонија што биле објавени во турските вилаетни календари, како во Скопскиот од 1894 година, во Битолскиот од 1888 година и во Солунскиот од 1896 година. Но во 17 и 19 век низ Македонија патувале повеќе странски и домашни патеписци, кои парцијално изнесувале податоци и за бројот на жителите или на куќите за одделни места. Нивните забелешки се драгоцени, бидејќи се однесуваат за македонската популација, иако не биле целосни за цела Македонија.

Инаку, според авторите на делото „Македонија како природна и стопанска целина“, за Вардарската област се дадени следните податоци за присутноста и бројноста на македонското население за време на турско-османлиската власт, во текот на 19 век, сѐ до Балканските војни во 1912 и 1913 година, така што градот Штип во 1898 година броел 20.900 жители, од кои 10.900 биле Македонци (52 проценти), 8.700 Турци (42 проценти), 800 Евреи (4 проценти) и 500 Роми (2 проценти). Во Свети Николе околу 1870 година од 1.910 жители, 1.110 биле Македонци (58 проценти). За селата во пазувите на Плачковица се посочува дека во 18 и 19 век биле чисто македонски. Во Кочани во 1898 година од 5.950 жители, 2.800 биле Македонци (47 проценти), 2.600 Турци (43 проценти) и помал број Роми, Власи и Албанци. Во Царево Село (од 1950 година именувано во Дечево), околу 1898 година имало 1.610 жители, од кои Македонци христијани и Македонци муслимани биле 1.095 (68 проценти), 424 Турци (26 проценти) и 90 Роми. По завршувањето на Втората светска војна, од 3.000 жители на Делчево речиси исклучиво сите биле Македонци. Во Кратово, според австроунгарскиот лекар, патописец, геолог и географ Ами Буе, околу 1836 година имало од 5.000 до 6.000 жители, но околу 1898 година имало само 4.500 жители, од кои 2.500 биле Турци (55 проценти), 1.900 Македонци (42 проценти) и 100 Роми, но по балканските војни (1912-1913) се иселиле значителен број Турци, така што по Втората светска војна градот имал само 1.781 жител, речиси исклучиво Македонци. Крива Паланка во 1870 година имала 4.352 жители, од кои 3.252 биле Македонци (74 проценти) и 1.100 Турци (25 проценти), додека во 1898 година од 4.340 жители, само 1.500 се Македонци (34 проценти), додека турското население се зголемило на 2.500 лица (57 проценти), што е резултат на фактот што по ослободувањето на Бугарија, преку границата, која се наоѓа на девет километри од Крива Паланка, многу Македонци избегале во Кнежевството Бугарија (независна вазална држава на Османлиското Царство формирана со Берлинскиот договор од 1878 година). Во Куманово, околу 1898 година населението на градот имало 14.530 жители, од кои 7.700 Македонци (53 проценти), 5.800 Турци (40 проценти), 600 Албанци (4 проценти), 350 Роми (2,4 проценти), 50 Власи и 30 Евреи. Градот Скопје околу 1865 година имал 21.800, од кои 13.000 биле муслимани (59 проценти), главно Турци, помалку Албанци и Роми, 8.000 христијани (36 проценти), речиси исклучиво Македонци, и 800 Евреи (35 проценти), а кон крајот на 19 век, по изградбата на железничката линија што го поврзувала градот со светскиот пазар, бројот на населението нараснува на 32.900 жители, од кои 13.000 се Македонци (39 проценти), 15.000 Турци (45 проценти), 30 Черкези, 50 Грци (дојдени од Солун како трговци), 150 Албанци, 450 Власи, 800 Евреи, 1.920 Роми и 500 други. Во Велес бројот на населението околу 1800 година изнесувал 20.000 жители, а кон крајот на 19 век опаднал на 19.700 жители, од кои 12.000 биле Македонци (61 процент), 6.600 Турци (33 проценти), 600 Роми и 500 Власи. Кавадарци кон крајот на 19 век имал 5.092 жители, од кои 1.940 Македонци христијани (38 проценти) и 3.000 Македонци муслимани (насилно помуслиманчено македонско население), 120 Роми и 32 Власи.

Во 1898 година во Тиквешијата биле населени Турци од Бугарија. Кон крајот на 19 век, Битола имала 47.000 жители, од кои 20.000 биле Македонци (42,5 проценти), 10.500 Турци (22,3 проценти), 7.000 Власи (14,8 проценти), 5.500 Евреи (11,7 проценти), 1.500 Албанци (3,1 проценти), 2.000 Роми (4,2 проценти) и 500 други. Прилеп при крајот на 19 век е претежно македонски град, со 24.540 жители, од кои 16.900 биле Македонци (68,8 проценти), 6.200 Турци (25,2 проценти), 580 Власи и 960 Роми. Во Крушево кон крајот на 19 век од целото население, кое имало 9.350 лица, 4.950 биле Македонци (52,9 проценти), само 400 Власи и 400 Албанци христијани. Во Тетово уште на почетокот на турското владеење била населена голема турска колонија, а во текот на 18 и 19 век во него се населиле доста Македонци и Албанци, така што се смета дека околу 1910 година градот имал 18.000 жители, а во 1931 година само 16.212. Гостивар кон крајот на 19 век имал 4.000 жители, од кои 3.600 биле муслимани (делумно Турци, делумно Албанци и албанизирани Турци) и 400 Македонци. На дното на Полошката Котлина, покрај градовите Тетово и Гостивар, 16 села што за време на турското владеење претставувале чифлици биле населени само со Македонци. Кон крајот на 19 век, Охрид имал мошне шаренолик етнографски состав. Од 14.860 жители, 8.000 биле Македонци (53,8), 5.000 Турци, 800 Албанци, од кои 500 муслимани и 300 христијани, 600 Роми и 460 Власи. Струга кон крајот на 19 век имала 4.570 жители, од кои 3.000 Македонци (65,6 проценти), 1.000 Турци (21,8 процент), 350 Албанци (7,6 проценти) и 220 Роми (4,8 проценти). Во Струмица околу 1870 година имало 9.871 жител, од кои 5.371 биле Македонци (54,4 проценти), а 4.500 Турци (45,5 проценти). Околу 1898 година градот имал 10.160 жители, а од нив 5.800 биле Македонци (57 проценти), 3.100 Турци (30,5 проценти), 700 Евреи, 400 погрчени Македонци и Власи. Околу 1898 година, Радовиш имал 6.230 жители, од кои поголемиот дел биле Турци – 4.000 (64,2 проценти) и само 2.030 Македонци (32,5 проценти) и 200 Роми.
Македонскиот научен институт (МНИ) е научна и културна институција на македонските емигрантски братства во Бугарија, основана во 1923 година во Софија, од научници, писатели, публицисти, уметници, општественици и други културни дејци по потекло од Македонија, за да ги проучува историјата, етнографијата, географијата, стопанскиот живот, како и ослободителните борби во Македонија. МНИ го издавал списанието „Македонски преглед“ (1924-1943). По Втората светска војна, во т.н. „Димитровско време“, Институтот ја обновил работата со ориентација на научната работа за македонското национално прашање. Денеска МНИ ја застапува тезата за бугарскиот карактер на Македонија и македонскиот народ.
Прв претседател на Македонскиот научен институт бил Иван Георгов, универзитетски професор, политичар и преведувач, раководител на Катедрата по историја на филозофијата на Софискиот универзитет, роден на 17.1.1862 година во Велес, кој високото образование го завршил во Виена. Претседател на предметното издание бил Димитар Сиљановски, роден во Крушево во 1892 година, истакнат научник, правник и јавен деец, кој во ноември 1945 година поднел оставка од раководството на Македонскиот научен институт поради зголемениот притисок од комунистичката влада во Бугарија за „наводното“ фалсификување на историјата на Македонија и „нејзиното бугарско население“. Потпретседатели биле Георги Кулишев, роден на 21 септември 1885 година во Дојран, кој бил вклучен во Македонската револуционерна организација (МРО), а бил и делегат на Конгресот на Солунскиот револуционерен округ, на кој бил избран и за член во 1905 година, и Христо Калајџиев, роден на 28 август 1886 година, во градот Ениџе Вардар, Егејска Македонија, деец на ВМРО (Обединета) и член на Сојузот на Македонците во Бугарија. Во 1945 година ја објавил книгата „Федерална Македонија и големобугарскиот фашизам“.
Во книгата има и обраќање на управата на Институтот до Народноослободителниот фронт на Македонија, Скопје, од 7 март 1945 година своерачно потпишано од неговите членови.

Според истражувачите Георги Даскалов и Александар Гребенаров (доскорашен претседател на МНИ), автор на делото „Македонија како природна и стопанска целина“ е Димитар Јаранов. Во Бугарија, од денешен аспект, на ова дело се прави забелешка дека наводно „недостигаат концепти како „бугарско население“ и „македонски Бугари“. Инаку, Димитар Јаранов е роден на 18 октомври 1909 година, во Солун, во тогашната Отоманска Империја, денес во Грција. Дипломирал географија на Софискиот универзитет (1933). Истата година заминал на Хумболтовиот универзитет во Берлин, каде што ја одбранил докторската дисертација по геотектоника, по што заминал да специјализира физичка географија и геоморфологија на Сорбона во Париз, каде што држел и предавања. Во 1946 година бил избран за редовен професор на Катедрата по физичка географија на Софискиот универзитет. По војната бил отстранет од факултетот и му било забрането да објавува трудови во Бугарското географско друштво. Во 1947 година, по покана од македонската влада во Скопје, бил назначен за раководител на Службата за хидроенергетски проучувања на Македонија. Во времето на Информбирото се враќа во Бугарија. Објавил 72 научи и стручни трудови, главно од областа на геологијата, регионалната географија и картографија. Учествувал во експедиции во Западна Африка, Сахара, Медитеранот, Мала Азија и на други места.

Авторот е дипломиран географ