Фото: Маја Јаневска-Илиева

Некои држави ги изигнорираа здравствената состојба и степенот на вакцинацијата во нивните земји, но и ги пренебрегнаа фактите за динамиката на имунизација и ефектите од глобалната борба против вирусот, со што се изгуби главната поента на планираната координирана и синхронизирана борба со вирусот на глобално ниво, но се изгуби и принципот на меѓусебната солидарност и заемна помош. Сега од Светската здравствена организација доаѓа порака дека „…државите самостојно треба да го трасираат својот пат за излез од пандемијата…“(!?)

Светската здравствена организација повикува државите да продолжат „секоја сама“ во борбата со коронавирусот

Досега изјавите и препораките на Светската здравствена организација (СЗО) во однос речиси на сите аспекти од пандемијата на ковид-19 јавноста ги сметаше за вистински, веродостојни, централизирани и синхронизирани на глобално ниво, со оглед на фактот што таа организација е врвот на пирамидата за здравствените предизвици во светот и справувањето со нив. Во истиот контекст, релевантноста на организацијата доби уште поголема специфична тежина кога таа повика на „заеднички глобални напори и синхронизирани зафати на државите од целиот свет за борба против ковид“, за со координирани сили од целиот свет да се најдат решенија за справување со прогласената пандемија, која беше прогласена пред безмалку две години.
Но деновиве од Светската здравствена организација дојде една контроверзна изјава, во најмала рака „чуден повик или порака“ од страна на шефот за вонредни ситуации при Светската здравствена организација, Мајк Рајан. Тој меѓу другото рече дека „…државите самостојно треба да го трасираат својот пат за излез од пандемијата…“(!?).

Многу невообичаени изјави, конфузија и неизвесности се здружија со пандемијата

Повикот следува откако некои земји, како Норвешка, Данска, Британија, Ирска и Холандија, на пример, решија да ги укинат повеќето мерки за заштита од вирусот, по што и врз другите влади почна да се зголемува притисокот за нивно олабавување.
– Ако брзо ја отворите вратата, подобро би било и да можете да ја затворите доста брзо – предупреди Рајан, изразувајќи стравување дека некои земји, поради политички притисок, се обидуваат да се угледаат на владите што веќе ги олеснуваат мерките. Тие земји ги изигнорираа здравствената состојба и степенот на вакцинацијата во нивните земји, но и динамиката на имунизација и ефектите од глобалната борба против вирусот, со што се изгуби главната поента на планираната координирана и синхронизирана борба со вирусот на глобално ниво, но се изгуби и принципот на меѓусебната солидарност и заемна помош.
А поради конфузијата предизвикана од повикот на Рајан, вредно е да се спомене и изјавата на Марија ван Керков, шефица на техничкиот оддел за ковид-19 во СЗО.
– Повикуваме на внимателност, бидејќи многу земји сѐ уште не го достигнаа врвот на епидемискиот бран на високопреносливата варијанта на коронавирусот – oмикрон. Во многу земји е ниско нивото на вакцинација и има многу ранливи поединци во населението. Сега не е време сѐ наеднаш да се укине. Секогаш повикувавме на внимателност при воведување на мерките, исто како и при нивното бавно и постепено укинување, бидејќи вирусот е мошне динамичен – објасни таа.
И генералниот директор на СЗО, Тедрос Адан Гебрејесус, изразувајќи загриженост поради зголемениот број на починати во поголемиот дел од светот, предупредува дека сè уште не е време да се прогласи победа над коронавирусот и да се укинат мерките.
– Прерано е да се предадеме или да прогласиме победа во која било земја – рече Гебрејесус.
Сепак, Норвешка, која во декември воведе делумен карантин заради заштита од мошне заразната варијанта омикрон, реши да ги укине повеќето од претходно воведените мерки, со процена дека нивото на вакцинација е задоволително и дека здравствениот систем може да го поднесе евентуалниот раст на бројот на новозаразени.
– Добро сме заштитени со вакцините. Тоа значи дека може да ги ублажиме мерките, дури и додека бројот на заразените брзо расте – објасни норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе.
Во таа земја и понатаму ќе се инсистира на основните мерки, како што се физичкото растојание и носењето маски во затворен простор.
Од слични процени се раководеа и други посочени земји при донесувањето на одлуките за ублажување и укинување на мерките. Но имајќи предвид дека степенот на имунизацијата и капацитетот на здравствениот систем не се еднакви во сите земји, укажувањата на СЗО, според дел од упатените, овој пат би требало да се сфатат крајно сериозно, пред сѐ поради процените дека до крајот на март може да се очекува сериозна битка со омикрон.

Секоја држава да си има сопствена стратегија?!

Што мислат во соседните земји, чија состојба во регионов може да се компарира? Имено, државниот секретар во Министерството за здравство на соседна Србија, г. Мирсад Ѓерлек, отворено изјави дека никој веќе не може да се потпре врз досегашните процени и предвидувања на експертите од СЗО…
– До крајот на март може да се очекува тешка борба со омикрон. Не смее да има опуштање, зашто никој не може да се потпре врз досегашните процени и предвидувања на експертите од СЗО во однос на крајот на пандемијата – изјави Ѓерлек.
А кај нас, во исчекување новиот состав на Комисијата за заразни болести да го изгради својот став во однос на тоа како ќе се движи натамошната борба со пандемијата во земјава, за сето наведено, побаравме мислење од професорот на Медицинскиот факултет Никола Пановски.
– Ние, како прво, треба да имаме сопствена стратегија! Или ќе дозволиме контролирано заразување на популацијата или доследно ќе ги спроведуваме мерките за заштита што се оправдани. Тука пред сѐ мислам на реална кампања за вакцинацијата и на тоа државата да го преземе тестирањето, а не да остава да се тестираат само тие што имаат пари. Треба, односно требаше одамна да се види и зошто имаме толку голем процент на смртност, а исто така и да се укинат ковид-сертификатите, кои никој не ги проверува, а граѓаните само се малтретираат. Во однос на она што го препорачуваат од СЗО, јас веќе две години воопшто не ги следам. Тие имаат сосема погрешен пристап обидувајќи се да ги унифицираат мерките за делови од светот со драстично поинаква епидемиолошка состојба. Нивните политики доживеаја тотален пораз, но така е кога се носат политичко-бирократски мерки – објаснува Пановски. Д.М.М.