Хенри Кисинџер и Збигњев Бжежински

Игнорирањето од страна на Западот на препораките од пред осум години на Хенри Кисинџер и на Збигњев Бжежински, светски познати како авторитети на американската дипломатија и западната либерална идеологија, за начинот на решавање на украинско-руската криза, која зеде подинамичен ескалирачки тек од 2014 година, сега станаа најприфатлива формула за решавање на спорот, и тоа за сите засегнати страни?! Па можеа ли светските лидери да бидат толку кусогледи и отворено и сериозно да не дискутираат и мирољубиво да се договорат за „феноменот Украина“ и да не дозволат вакви крвопролевања, жртви, материјални разурнувања и криза што ги зафаќа цела Европа и светот? Или, пак, напротив, „големите“ си го видоа својот интерес за своите држави и нации, па дозволија да нема договор и ги игнорираа Бжежински и Кисинџер?

Неутралноста на Украина како почетно и крајно решение на руско-украинскиот конфликт

Кому сѐ од „големите играчи“ во светската политика му беше потребна воена ескалација на руско-украинските односи за постигнување геополитичка доминација? Тоа е прашањето што се поставува кога развојот на дипломатските активности за запирање на оружената димензија на конфликтот навестува дека решението се бара во компромисот за некаква воена неутралност на Украина, дали според австриско-скандинавски модел или некако модифициран според спецификата на релациите на двете земји во конфликт. Наметнатата дилема за поголемиот број интересенти за воена ескалација на руско-украинските односи, кои беа напнати уште од 2014 година, произлегува од забележливата коинциденција на решенијата за компромис што сега се нудат и бараат, со принципите што уште пред осум години ги нуделе Хенри Кисинџер и Збигњев Бжежински, светски познати како авторитети на американската дипломатија и западната либерална идеологија.

Австриско-скандинавски модел на неутралност

– Австрискиот, односно скандинавскиот модел на неутралност беше споменуван уште во 2015 или 2014 година, кога Хенри Кисинџер и Збигњев Бжежински предлагаа тоа да биде модел по кој ќе се гради идната безбедност на Украина. За жал, тоа беше игнорирано и изгледа беше потребно да се случи трагичен судир за сите страни и меѓународната заедница да се убедат дека таков вид неутралност е неопходна – вели српскиот новинар и дипломат Драган Бисениќ, кој проценува дека Москва и Киев се поблизу до постигнување мировна спогодба отколку пред неколку седмици, а почетокот на мај го наведува како момент кога спогодбата би можела да биде потпишана.
Во четвртата седмица од руските воени дејства на територијата на Украина, вербалното храбрење од далеку и поддршка во вооружување и финансиски средства од западната меѓународна заедница, но не и директно воено спротивставување на Русија, на украинскиот претседател Володимир Зеленски му стана јасно дека е оставен со украински сили да се бори за стратегиските интереси на Западот и на НАТО.
– Украина не е членка на НАТО. Ние го разбираме тоа. Слушавме со години дека вратите се отворени, но слушнавме и дека не можеме да се приклучиме. Тоа е вистина и мора да се признае! Ако не можеме да поминеме низ отворената врата, треба да работиме со организации со кои можеме, кои ќе ни помогнат, ќе нѐ заштитат… и ќе добиеме некои гаранции – изјави Зеленски во една од своите видеопораки, ставајќи на знаење дека е подготвен за компромиси.
Од друга страна, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјавува дека преговорите со Украина се насочени кон обезбедување на нејзиниот военонеутрален статус.
– Преговорите што во моментот се водат се преговори за обезбедување военонеутрален статус на Украина во контекст на безбедносни гаранции за сите учесници во процесот и во контекст на демилитаризација на Украина, за Русија никогаш повеќе да не биде загрозена и, секако, во контекст на суспендирањето е потврдено во повеќе законски акти. Тоа значи укинување на сите дискриминаторски ограничувања што беа воведени во врска со рускиот јазик, образованието, културата, руските медиуми – изјави Лавров на заедничката прес-конференција со неговиот ирански колега.
Идејата на Киев за демилитаризацијата, односно воена неутралност на Украина според австриската или шведската верзија, значи зачувување на сопствената армија, без присуство на странски воени бази. Според сигналите од Москва, тоа е добра основа за компромис.

Четирите принципи, а не рецепти на Кисинџер

Барањето компромис во воената неутралност на Украина изгледа како навестување за „почеток од крајот“, според советот на Хенри Кисинџер искажан во неговата позната колумна за „Вашингтон пост“, уште во март 2014 година, насловена „За да се реши украинската криза, почнете од крајот“. Во таа колумна, Кисинџер, тргнувајќи од сложената и испреплетена руско-украинска историска поврзаност, препорачува четири „принципи, а не рецепти“ за решавање на таа криза од 2014 година.
– Првиот од тие принципи е – Украина треба да има право слободно да ги избира своите економски и политички здруженија, вклучувајќи и со Европа. Вториот е – Украина не треба да влезе во НАТО; третиот – Украина треба да биде слободна да создаде каква било влада компатибилна со изразената волја на нејзиниот народ. Мудрите украински лидери тогаш би се одлучиле за политика на помирување меѓу различните делови на нивната земја. На меѓународно ниво, тие треба да држат позиција споредлива со онаа на Финска. И четврто – некомпатибилно е со правилата на постојниот светски поредок Русија да го анектира Крим. Но би требало да биде возможно односите на Крим со Украина да се стават на помалку напрегната основа. За таа цел, Русија ќе го признае суверенитетот на Украина над Крим. Украина треба да ја зајакне автономијата на Крим на изборите одржани во присуство на меѓународни набљудувачи – пишува Кисинџер во 2014 година.
Пред да ги наведе принципите за решение на руско-украинските односи, пред осум години, тој укажува дека „луѓето што се запознаени со регионот ќе знаат дека тие нема да бидат пријатни за сите страни. Тестот не е апсолутно задоволство, туку избалансирано незадоволство“. Но и пред сѐ, за каква било интервенција на западниот свет спрема Русија, со намера за ширење на неговата зона на интерес и влијание, Кисинџер предупредува: „Западот мора да разбере дека за Русија, Украина никогаш не може да биде само странска земја“.
Враќањето на актуелните преговарачки позиции во руско-украинскиот конфликт до почетната точка за воена неутралност на Украина, мошне сугестивно наведува на аспектот дека игнорирањето од страна на Западот на препораките од доајенот и авторитетот на американската дипломатија од пред осум години се случило зашто и тие препознале начин за реализација на одреден интерес во воената ескалација на руско-украинските односи. Ако ништо друго, барем другата страна од децениското геополитичко ривалство да биде инкриминираниот виновник кога ќе се постави прашањето – кој прв почна!