Фото: Игор Бансколиев

Повторно, во името на заедничка и светла иднина за македонските граѓани, од политичките партии пристигнуваат истите апели за прекинувањето на поделбите во македонското општество и постигнување помирување и обединување во остварувањето на интересите на Македонија. За жал, деновиве македонската јавност е сведок на нови форми на поделби: идејни, општествени, политички, па и физички… Во таква состојба, македонските интелектуалци ја дијагностицираат поразителната „состојба на духот што денес владее во Македонија“, при што легитимно го поставуваат прашањето може ли во таков дух да се носат историски толку значајни одлуки

Колку е можна идејата за заедничка платформа на партиите за национално обединување

Македонија и македонскиот народ веќе триесет години се соочуваат и минуваат низ голем број искушенија. За надминување на предизвиците и искушенијата беше потребно да се преземат и низа (дотогаш) незамисливи чекори и одлуки. Иако очигледно самодеградирачки, чекорите беа правени под принуда, а сите досегашни власти ги правдаа преземените чекори „заради зачувување на сопствената независност“.
Но, исто така, за сиот овој период, покрај процесот на нашите самооткажувања или, поточно, болни „сукцесивни ампутации на националните и државни обележја и белези“, до македонските граѓани допираа изјави од некои политичари поединци, и од власта и од опозицијата, да се постигне „заеднички договор за зачувување на националните интереси“. Но наспроти декларираните заложби за единство и обединетост, на секој нареден чекор од осамостојувањето следуваа нови поделби и разединувања, кај главните политички ривали, поттикнувани од одредени центри на моќ. Тие конфронтирачки „силни зачини“ досега секогаш преовладуваа, а моќните центри си ја постигнуваа својата цел, дистрибуирајќи ги поделбите до сите пори на македонското општество со познатите методи и мерки.
Со одбележувањето на нашиот најголем државен и национален празник Илинден, повторно ги слушаме истата реторика и меѓусебни обвинувања за тоа дека имаме исти политички цели (зачленување во Европската Унија и во НАТО), а во исто време и меѓусебни обвинувања за тоа кој е против Македонија и нејзините национални и државни интереси.

Повторно, во името на заедничка и светла иднина за македонските граѓани, пристигнуваат истите апели за прекинувањето на поделбите во македонското општество и постигнување помирување и обединување во остварувањето на интересите на Македонија.
Поранешниот новинар и надворешнополитички коментатор Мирче Адамчевски вели дека во Македонија не може да се постигне „обединување на спротивставените политички идеологии, сѐ додека партиски интереси се ставаат пред националните“.
– Досега во земјата малку се водеше грижа за државните интереси. Неопходно е да се надминат партиските интереси и личните амбиции на лидерите, кои гледаат само придобивки за сопствената партија. Сѐ додека се раководиме од тоа дека не треба да се презема сопствена одговорност за носење важни прашања и дека тој што е на другата страна од нашите политички определби ќе ја заврши работата, нема да се постигне обединување. Примерот со Грција, и кога се замислувавме дека спoрот за името не е наш проблем, скапо ни се одрази подоцна, кога прифативме и едно име за севкупна употреба. Доколку сите се согласуваат дека се за Европска Унија и за НАТО, тогаш во што е проблемот да се постигне заеднички став за да се реализира тоа. Сосема е погрешно од позиција на претседател на држава да се даваат изјави дека не е можно да се постигне национално единство. Одговорноста за тоа ја носат главните политички партии во земјата. Овде институциите, академиите и факултетите можат само да придонесат со свои стручни мислења, но одлуките ги носат политичките фактори во земјата – смета Адамчевски.
Кица Колбе, македонска и германска писателка, во своите декларирани ставови во јавноста гласно обрнува внимание на „состојбата на духот што денес владее во Македонија“, при што го поставува легитимно прашањето, „може ли во таков дух да се носат историски толку значајни одлуки“.
– Ужасена сум од сознанието дека расцепот, придружен со гнев и омраза, минува низ сите слоеви на македонското општество. Тој не се пројавува само во непомирливоста на двете најголеми македонски партии. Тој не е препознатлив само во стравот од блокираноста на политиката. Тој веќе одамна владее со сите граѓани. Исто толку е болно сознанието дека денес, во македонското политичко лудило, секоја идеја, дури и најблагородната, за миг се банализира. Така е и со поимот на помирувањето, во филозофска, психолошка и, пред сѐ, религиозна смисла.

Стравот на Македонците дека може да исчезнат ги разединува. Но ако продолжи да се продлабочува, таа разединетост ќе стане дел од македонското историското паметење и со тоа ќе биде погубна и за идните генерации. Секако, расцепот е длабоко поврзан со македонската историја и со македонскиот менталитет. Негова пројава е и тој секогаш одново истакнуван недостиг од заедништво кај македонскиот народ. Исто како и феноменот на неспособноста на Македонците да остварат барем минимум национален консензус, и тоа особено во клучни историски мигови. Така е и денес. Имам впечаток дека во лудилото што го има заробено македонското општество повеќе никој никому не му верува. Триесетте години транзиција го истрошија кредитот на сите политички партии – вели Колбе. М.Ј.