Фото: Киро Кипроски

Забележано, ненапишано

Годинава се навршуваат 65 години, кога во далечната 1957 година, на 27 мај, Јосип Броз-Тито, претседател на тогашната заедничка држава СФРЈ, на свечен начин во употреба го пушти првиот агрегат во ХЕЦ „Вруток“. Во чест и трајно сеќавање на градителите и на работниците на мавровскиот хидроенергетски систем, најголем и најсложен од ваков вид на Балканот, во дворот на централата беше изработен мозаичен монументален споменик „Човекот и светлината“, дело на македонскиот сликар, графичар и мозаичар Глигор Чемерски.
Мозаикот носи посвета „На работниците и на градителите на ‘Електро – Маврово’“ и е изработен на рид, бидејќи таква е конфигурацијата на теренот. Речиси половина век опстојува без никакви промени, иако постојано е изложен на различни временски услови, од екстремно минусни температури, пониски и од 25 степени според Целзиус, па плус 35, дождови, снегови, ветрови.
Годините незабележително си минуваат, а со нив на небесата преселуваат луѓе што беа дел од нас, а делата што ги оставија нѐ потсетуваат и неизбежно да ги споменуваме. Си го поставувам прашањето кога мина речиси половина век откога беше изработен мозаикот „Човекот и светлината“. Тогаш, уметникот Глигор Чемерски имаше 34 години, со воодушевување говореше за создавањето на ова монументално и неповторливо уметничко дело, му беше мило што емотивно беше поврзан со работниците градители, со кои две години го создаваше мозаикот што им го посветија на градителите на најпространиот и најсложен хидроенергетски систем на Балканот, на мавровските хидроелектрични централи и на работниците што секојдневно даруваат по неколку милиони киловат-часови електрична енергија.
Верувам дека е интересно како воопшто дојде до реализацијата на ова уметничко дело, кој беше мотивот уметникот Глигор Чемерски во селото Вруток да создава вредно споменично обележје. Потсетувајќи се на овие настани, како сега се сеќавам дека техничкиот директор на „Електро – Маврово“, дипл. ел. инж.

Миодраг Ефремовски, ме повика на разговор и ми ја пренесе идејата дека претпријатието сака на градителите на мавровскиот хидроенергетски систем да им изгради спомен-обележје. Во подолг разговор, разменивме мислења и по неколку дена имавме уште една средба, на која му ги изнесов моите идеи. Му предложив дека Глигор Чемерски е македонски сликар, графичар, изработува мозаици и се вбројува меѓу врвните македонски уметници, а една година пред тоа го имаше изработено мозаикот во зградата на Стопанска банка. Предлогот му се допадна на Ефремовски и зедов обврска да се сретнам со уметникот и да му закажам средба во Гостивар. Со Гиче (Глигор) се најдов во новинарската кафеана „Букет“ во Скопје и го запознав со идејата на вработените во „Електро – Маврово“. Нему му се допадна идејата и вети дека за десетина дена ќе изработи елаборат и ќе дојде да им го презентира. Така и бидна. Откако им ја образложи идејата од одговорните на претпријатието, Чемерски побара мозаикот „Човекот и светлината“ да го работи заедно со градежниците и со другите стручни лица. Сакаше одблизу да ги гледа луѓето на кои им е посветен споменикот и да ги следи нивните реакции. Токму затоа и подоцна редовно велеше дека споменикот е од работниците за работниците.
Чемерски со голема љубов и преданост, заедно со градежниците и со стручњаците на другите професии, го создаваше мозаикот „Човекот и светлината“ две години, со голем мерак, посветеност и со љубов. Тоа беше уживање да се гледа несекојдневната слика, додека со трпение меѓусебно ги пренесуваа своите знаења и мајстории врз уметничкото дело што го создаваа. Мозаичарот Чемерски со асистенција на работниците од градежната служба, предводени од Панде Манојловски, палир, дневно работеа и по десетина часа. Како што македонските везилки ги везат најубавите орнаменти на платна со неповторливите традиционални шари и милје од нашето македонско поднебје, така уметникот и работниците „везејќи“ ги илјадниците камчиња, со различни геометриски димензии, со сите бои и нијанси, специјално набавени од Италија и камчиња што ги има во регионот каде што се простира мавровскиот хидроенергетски систем.

Со голема мајсторија и умешност, без брзање, со перфекција, мозаичарот ги подредуваше камчињата каде што им беше местото и така со денови, целосно да ја оствари идејата, на посетителите визионерски да им ја долови историјата, развојот на светлината од почетоците, од постанокот на човекот, како ја добил првата светлина, па до денешното совршено производство на електрична енергија. Над мозаикот, на највисока кота, вградено е турбинско коло, искористено во ХЕЦ „Вруток“, за да прикаже на симболичен начин како од оваа централа, со помош на водата, како двигател на турбината, се произведува електрична енергија.
Академскиот сликар Глигор Чемерски, две години со работниците на градежната служба на ХЕЦ „Маврово“ го создаваше споменикот. Се работеше со душа, со љубов, се одмораше, а имаше и вечери за заедничко опуштање, полнење на батериите. Уметникот, по душа боем, по завршената работа во вечерните часови, заедно со работниците одеше во ресторанот „Маврово“ во Гостивар, на вечера, на забава со музика, на која си ги раскажуваа доживувањата и непредвидените случки…