Kонференција за правните аспекти на Договорот од Преспа во грчкото МНР

186

За првните аспекти на Договорот од Преспа, историската и правната позадина, за имплементацијата, името, употребата, јазикот и државјанството, ќе дискутираат професори по право, историја, меѓународни односи од атинските и солунските факултети на конференцијата организирана од научниот совет на грчкото МНР.

– Целта на конференцијата е да има глобална, трезвена и плодна научна дебата во врска со сите правни прашања што произлегуваат од овој историски договор за решавање на спорот со ПЈРМ. Дискусијата ќе има четири сесии и се очекува да придонесе во разјаснувањето на критичните концепти и правни термини, со цел целосно да се информира јавноста – соопштуваат од грчкото МНР.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, дискусијата ќе се одржи денес во Министерството за надворешни работи на Грција, предвидено е да трае 7 часа, а ќе заврши вечерва, со обраќање на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, кој ќе говори на тема „Оценка на Договорот од Преспа и стратешка имплементација“.

На првата сесија ќе се разговара за историската и правната позадина на договорот, втората е посветена на аспектите на договорот во однос на името и употребата, во третиот дел, професорите ќе дискутираат за прашањата поврзани со имплементацијата, а четвртата и последна сесија е посветена на договорот за решавање на спорот, државјанството и јазикот.