Фото: Маја Јаневска-Илиева

Проширувањето на ЕУ го нема на агендата на наредното претседавање на Чешка со Унијата

– Очигледно војната во Украина ги промени приоритетите кај земјите-претседавачи со ЕУ, така што земјите-кандидати, како Македонија, сега се исправени пред дилемата дали јунскиот самит на Унијата е клучен за нивната евроинтеграција. Имено, изоставањето на темата „Проширување на ЕУ“ од чешката агенда при претседавањето со Унијата, во момент кога Брисел упорно повторува дека се залага за што поскоро одредување датум за почеток на пристапните преговори со Македонија, може да се протолкува во два контекста. Првиот е прогресивен и оптимистички. Но од друга страна, има и аргументи дека може да биде и регресивен и песимистички за Македонија и за регионот

 

– Имено, првиот би бил ако Чешка е длабоко уверена дека Макрон може да најде решение за бугарското вето на крајот на своето претседателствување со ЕУ, па затоа нема потреба на агендата да стави една таква обврска за која знае дека веќе има решение, пред да дојде во својство на претседавач со ЕУ.
Меѓутоа, вториот или регресивниот песимистички приод е дека Прага не гледа брз излез од бугарската блокада за Македонија, па затоа го изостава предизвикот на проширување за нечие друго и подалечно претседателствување со ЕУ,
на држава што е повлијателна и од првиот ешалон во Унијата

Чешка од 1 јули го презема претседавањето со Европската Унија од Франција, а меѓу приоритетите на нејзиното раководење со Унијата во следните шест месеци, го нема „Проширувањето на ЕУ“.
На врвот на политичката агенда на претстојното претседавање на Чешка со ЕУ ќе бидат Украина, енергетската безбедност, одбраната и сајбер-безбедноста, како и економската и демократската отпорност се наведува во нацрт-документот за интерна употреба.

Како Чешка ги приспособи своите политички приоритети и го изостави проширувањето на ЕУ?

Чешка претходно со француското и со следното шведско претседавање со ЕУ потпиша трилатерална програма за претседавање, но поради руската агресија врз Украина мораше да ги приспособи своите политички приоритети.
– Целта на чешкото претседавање е во најголема можна мера да придонесе за создавање услови за безбедност и просперитет на ЕУ во контекст на европските вредности на слободата, социјалната правда, демократијата, владеењето на правото и еколошката одговорност – се наведува во нацрт-документот.

Очигледно, војната во Украина ги промени приоритетите кај земјите-претседавачи со ЕУ, така што земјите-кандидати, како Македонија, сега се исправени пред дилемата дали јунскиот самит на Унијата е клучен за нивната евроинтеграција.
Имено, изоставањето на темата „Проширување на ЕУ“ од чешката агенда при претседавањето со Унијата, во момент кога Брисел упорно повторува дека се залага за што поскоро одредување датум за почеток на пристапните преговори со Македонија, може да се протолкува во два контекста. Првиот е прогресивен и оптимистички. Но од друга страна, има и аргументи дека може да биде и регресивен и песимистички за Македонија и за регионот.

Имено, првиот би бил ако Чешка е длабоко уверена дека Макрон може да најде решение за бугарското вето на крајот на своето претседателствување со ЕУ, па затоа нема потреба на агендата да стави една таква обврска за која знае дека веќе има решение, пред да дојде во својство на претседавач со ЕУ. Има некои индикатори што се во насока дека Прага е убедена оти прашањето со проширувањето ќе го заврши Франција во нејзиниот мандат и ќе успее да ја убеди Софија да го крене ветото, така што сите заслуги му ги препушта на францускиот претседател Емануел Макрон, кој по повлекувањето на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел отворено сака да се наметне како нов европски лидер.

Меѓутоа, вториот или регресивниот песимистички приод е дека Прага не гледа брз излез од бугарската блокада за Македонија, па затоа го изостава предизвикот на проширување за нечие друго и подалечно претседателствување со ЕУ, на држава што е повлијателна и од првиот ешалон во Унијата.

Очите на целата меѓународна заедница се вперени кон Макрон и дали со одлуката ќе прерасне во лидер од европски формат

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека целата меѓународна заедница очекува да види како францускиот претседател Емануел Макрон, како претседавач со ЕУ, може да влијае на решавање на оваа ситуација и дали со решавањето на овој предизвик ќе стане вистински европски лидер со визија?
– Но ако ова не помине, САД имаат резервна опција со тоа што распоредуваат дипломатски тешкаши во регионот, вклучувајќи наскоро и во Бугарија. Во наредната година се зголемува веројатноста да дојдеме до решение – смета Арсовски.
Од друга страна, негативниот контекст би бил оној дека Чешка нема никакви позитивни сигнали од Софија и е цврсто убедена дека Бугарија нема да го крене ветото во блиска иднина, па затоа фокусот на своето претседавање го става врз теми што се од круцијална важност за Европа во овој момент, а се иницирани од воениот конфликт во Украина.

Фото: Игор Бансколиев

За политичкиот аналитичар Синиша Пекевски воопшто не е изненадување тоа што проширувањето не е меѓу приоритетите на чешкото претседавање во втората половина од годинава, бидејќи и тој смета дека војната во Украина ја доведе Европа пред многу посериозни предизвици.
– Декларативно не знам зошто би го ставале проширувањето меѓу приоритетите на нивото претседавање, кога тоа нема да се случи. ЕУ се соочува со толку многу внатрешни проблеми, еве, сега се отвора проблемот со Северна Ирска што го потегнува Велика Британија, енергетска криза, ценовна криза, инфлација, така што убеден сум дека немаат никаква намера да се занимаваат со Македонија и бугарското вето – вели Пекевски.

Според него, Европа се соочува со многу пострашни и посериозни проблеми, кои мора итно да ги решава, па затоа тие се меѓу приоритетите на идните претседавања со Унијата.
– Проблемите се далеку пострашни за Европа, постои можност за радикални промени внатре ако продолжи темпото на зголемување на инфлацијата, недостигот од гас, нафта и слично и ако не го решат проблемот со Русија во следните два месеца, мислам дека ќе има драстични промени внатре во ЕУ. Во таква ситуација, Македонија во никој случај не е во фокусот – категоричен е Пекевски.

Тој додава дека повремените посети на европските челници на земјава се само тапкање по рамо, односно демонстрација дека Европа не се откажала од земјите во регионот, но дека процесот на нивно приближување е оставен за подоцна.
– Овие посети се колку да се движи работата, да ни кажат, еве, ние не ве забораваме, работиме на решавање на проблемот. Тие вистински да сакаа да го решат проблемот, ќе го решеа за две минути. Едноставно не се подготвени да го решат овој небулозен проблем – потенцира Пекевски.

Негово мислење е дека воопшто не треба да веруваме во приказната за проширување кога знаеме дека тоа нема да се случи.
– Датум нема да има и не треба да се залажуваме дека такво нешто брзо ќе се случи. Никој не сака држава со висок степен на нефункционалност. Со развој на нашава економија, уште помалку сме интересни за ЕУ бидејќи таа не сака да прими уште една Бугарија и Романија, па да мора и нас да нè издржува, без оглед што сме мала земја. На Европа ѝ се доволни проблемите што ги има со Русија, така што не им треба уште еден дополнителен проблем – заклучува Пекевски.

Поранешниот вицепремиер за европски прашања и амбасадор Ивица Боцевски смета дека многу работи ќе бидат појасни по самитот ЕУ – Западен Балкан и тогаш точно ќе се знае зошто проширувањето не е меѓу приоритетите на чешкото претседавање.
– Голема е веројатноста дека Прага знае што ќе соопштат Макрон и ЕУ на 23 јуни на средбата помеѓу ЕУ и Западен Балкан, во смисла што е планот за земјиве од регионот и дека се акомодира во таа насока. Сето ова е во домен на претпоставки, па затоа сметам дека Чешка чека да види што ќе се случи на тој самит меѓу ЕУ и Западен Балкан, а имајќи предвид дека Макрон и Мишел излегоа со идеите за „европската геополитичка заедница“ и „европска геостратегиска унија“, веројатно таму би можеле да бидат објавени некои детали околу овие проекти, така што сето ова ја става Чешка во позиција да почека да види како ќе еволуира ова таму – вели Боцевски.

Тој додава дека тоа што проширувањето го нема меѓу приоритетите, не значи дека нема да се најде на дневен ред ако се создадат услови во меѓувреме.
– Со оглед дека Чешка има западнобалканска перспектива, би требало да биде еден вид поборник на проширувањето со овие земји. Тие уште одамна беа отворени кон нас, така што претпоставувам дека и сега ќе се зачува тој однос – нагласува Боцевски, притоа појаснувајќи дека ако се создадат услови, проширувањето може да се најде на агендата и на чешкото претседавање.
Според него, оваа недоречена состојба со датумот мора да прекине.


Приоритети на чешкото претседавање со ЕУ од 1 јули

Пет главни приоритети се наведени во програмата на чешкото претседавање со ЕУ, а кои за официјална Прага ќе бидат во фокусот во следните шест месеци.

Војната во Украина
Украинската криза изби, очекувано, на врвот на чешката политичка агенда. Тоа прашање вклучува и „удар“ на Русија со сите инструменти на ЕУ, пред сè со економски санкции и давање политичка и воена поддршка на Украина.

Енергетска безбедност
ЕУ не може да биде витално зависна од земјите што се директна закана за нејзината безбедност и затоа мора да ја прекине зависноста од руски гас, нафта и јаглен. Чешкото претседавање ќе стави акцент на прашањето на енергетската безбедност на ЕУ, кое во моментот е поважно од енергетската транзиција.

Одбрана и (сајбер) безбедност
Прага е посветена на јакнење на одбранбените и безбедносните капацитети на Европа, соработка со партнерите надвор од ЕУ во контекст на НАТО и поддршка на примената на Стратегискиот компас, воена стратегија на ЕУ до 2030 година. На тој план чешкото претседавање ќе работи на развој на доброволни инструменти за борба против хибридните закани, како дезинформациите, странското мешање и нарушувањата во сајбер-просторот.

Економска отпорност
– Руската инвазија ги предизвика најголемите нарушувања на пазарите на суровини во последниот половина век. ЕУ мора значително да ја намали својата зависност од непријателските или нестабилните режими – се наведува во нацрт-документот. За чешката влада рецептот за јакнење на економската отпорност вклучува насочена поддршка на конкурентноста на стратегиските технологии за промовирање на домашните капацитети и поцврсти трговски врски со демократските земји како што се Нов Зеланд, Австралија и Чиле.

Демократски вредности
Кога станува збор за зачувување и развој на демократските вредности и владеење на првото во ЕУ, чешкото претседавање ќе се фокусира врз транспарентното финансирање на политичките партии, независноста на медиумите и отворениот дијалог со граѓаните, при што посебно се посочува на Конференцијата за иднината на Европа.