Јазикот наш потребен

За Нова година не треба да се сее песимизам, туку е подобро да му се даде кураж на народот, па затоа, како што вели една српска народна поговорка: не плаши се – нема да биде добро! Треба да се удри „ударение“ не на тоа колку е товарено магарето, туку колку може да издржи. Главата горе! Никогаш нема да пропаднеме, зашто палјачата живеат вечно, вели еден подзаборавен поет.
Кога би го собрал она што веќе сум го кажал за јазикот, не би ме собрала Македонија, а не „Нова Македонија“. Се прашам има ли смисла да се повторувам? Впрочем, основното сите го знаеме. Крајно сме загрозени – тоа му е јасно на секој просечно нормален човек, прашањето е дали ни има спас и под кој чадор да се скриеме кога ќе почне да врне без намера да преврне?
Останувам на она што досега сум го рекол. Да го парафразирам слободно Достоевски: Македонија е убиената баба, а убиецот, дури и да се кае, повеќе мисли на тоа дали ќе го фатат, отколку што жали за злосторството со кое сака да го покаже своето право да биде над сите, па и над Господ. Македонија е метемпсихотична приказна во која се преродуваме секогаш на полош начин, не само поради нас самите туку и поради бабиците што не си ги измиле (уште) рацете. Затоа не треба да очекуваме поголемо разбирање од светот, а уште помалку од соседите на челото на чии фаланги се наоѓаат токму Македонците, кои имаат доволно причини да ја мразат Македонија Наша за да не се замразат самите себе сосе Македонија Своја. Сите тие личат на „нашиот цар“ Александар, кој, наместо да го зачува својот јазик создавајќи писмо и книжевност на тој јазик, повеќе сакал да им се напучи на Хелените, со право почитувајќи ја нивната култура, како што сега нашите домородни владетели им се пучат на Европа и на Америка, правејќи го она што споменатите никогаш не би го направиле за себе: да бидеш со конче врзан за НАТО околу вратот, а да сонуваш иднина, тоа е многу и за лажговците и за прелажаните. Од друга страна, сами никогаш не сме можеле, а јаки и доверливи пријатели не сме стекнале. На што тогаш да се потпреме? Ако има некој што не би отишол за поголеми пари во поголем клуб (град, држава, јазик, култура, итн.), нека се јави. Ние сме како смртно болниот што има право на жалба, но нема кому да му се жали.

Да се вратиме на темата на јазикот. Осамостојувањето на Македонија беше проба да покажеме дали навистина сме постоеле како држава и како народ со свој јазик, како што сме верувале, или сме биле само скриени во федеративноста на Југославија, како што верувале другите. Непризнаеноста на Црквата упатува дека таквата состојба на непостојност постоела и во југословенско време, само премолчено. Првиот устав на Македонија е „излезната виза“, но каде е влезната? Со промената на Уставот ние се откажавме од националната држава, како увод во отпис на народот и другите државни атрибути. Тоа се работи добро познати, а овде се повторуваат за да се истакне нивната органска врска со јазикот. Алките што водат кон загрозување на националното битие и на македонскиот јазик се, исто така, познати: промена на Уставот, Охридски договор, Преспански договор, албанска платформа (Закон за двојазичноста), Договор со Бугарија, сѐ договор до договор со кои систематски е поткопувана државата, и од надворешните „планери на геноцидот“ и од домашните парталковци, кои наумиле да водат држава без прочитана книга. Прејдениот пат така од пат станува слеп сокак.
Одамна имам речено: јазикот прв се најде на ударот, а и последниот удар ќе биде врз него. Не е можно да се промени името на државата, а да не се промени, макар виртуелно, и името на јазикот, во прашање е време. Во таа смисла, и сегашната „употреба“ на Конески наспроти не толку дамнешната злоупотреба, може да се доживее како фарса. Потсетува на анегдотата за писателот по чија смрт се поставило прашањето: „А кој ќе биде сега писател?“ Мене ми е поблиска скепсата што Конески ја искажува во својот познат циклус за Марко Крале, каде што, не случајно, само еден стих целосно се повторува во две различни песни. Тој стих, двапати придружен со два слични стиха, гласи: „Како никогаш да не сум направил ништо“. Скепсата се однесува, се разбира, на залудноста на усилбите на оние најдобрите.

Од друга страна, што да се каже – ние имаме многу „дворски јазици“ што сведочат за виталноста на нашите говори: колку дворови – толку говори, особено во југоисточните наши краишта, така што нив никаква метла не ги мете. Додека има Македонци, со име или без име, тие говори никој не може да ги сотре. Силата на народот е секогаш тука додека е тука и народот – тоа никој не може да ни го одземе – доколку не се расениме во воздухот. Дали е тоа доволно за преживување?
Би издвоил три нешта со политичка заднина, кои битно влијаеја и влијаат на состојбата со јазикот.
Првото е во врска со целината на македонскиот јазик што декларативно ја прифаќаат и Мисирков и Конески, но таа не е асолно афирмирана во нашата книжевност. Може слободно да се каже дека половината наш народ не си го знае јазикот, па така не само обичниот свет туку и видните писатели, актери итн. не можат да го следат оној комплекс што кај мене е наречен „стариот говор“. А токму тој стар говор (југоисточното наречје) е сегментот на нашиот јазик што ја покажува и сличноста со бугарскиот јазик и разликата помеѓу македонскиот и бугарскиот. Во македонско време вршена е нескриена репресија преку книжевниот јазик врз народните говори, кои беа неслужбено забранети за книжевна употреба, па како такви и непостојни. Како сега да ги потврдиш?
Второто што сакам да го истакнам е самиот книжевен јазик. Колку чини ако имаме оригинални и преведени дела со врвна јазична артикулација ако тие не се прочитани или се намерно скриени? Светот е таков каков што е, но и со сите мани – пак почива врз знаењето и книгата. Кој мисли дека ќе се спаси само со својата вродена енергија, без внимателно одбрана лектира, нема на што да се надева. Може да се постои или артикулирано, или никако.

Сегашното светско устројство е третата причина за загриженост за јазикот, не само македонскиот. Светот меѓу другото го тресе еден досега невиден лингвистички империјализам, и него можат да го преживеат, на своја територија, само големите држави. Малите ќе папсаат, па така и Македонците, колку и да се жилави и издржливи, а татковците и децата ни формално не ќе можат да се разберат. Што ќе ни се, впрочем, толкуте јазици кога едниот единствен врши работа? Кому не му е нешто јасно, нека си направи автоматски превод.