Јазик без етимолошки речник е како народ без историја

Етимолошкиот речник на еден јазик е од есенцијално значење од повеќе причини – претставува одраз на културата на еден народ, ги претставува историските околности во кои настанувале зборовите, го претставува и односот со другите (не)соседни народи и јазици. Немањето етимолошки речник е, несомнено, поврзано со оспорувањето на потеклото на македонскиот јазик, кое, како што гледаме, носи низа последици при преговорите за членство во ЕУ, укажува Емилија Нешкоска

Интервју Емилија Нешкоска, магистерка по споредбена словенска лингвистика и јужнословенски студии

Емилија Нешкоска, магистерка по споредбена словенска лингвистика и јужнословенски студии, со научна поддршка од словенечкиот академик Марко Сној, е своевидна носителка на идејата за проектот за изработка на етимолошки речник на македонскиот јазик. По завршените студии по македонистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, своето образование го продолжува на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, каде што им се посветува на студиите по споредбена словенска лингвистика и на македонската етимологија. Авторка е на неколку научни трудови од областа на етимологијата – „Кон етимологијата на името на градот Прилеп“ (2022), „Beekeeping: Etymology and Toponomastics“ (2022), „Koncept makedonskega etimološkega slovarja“ (2021), „Color Terms“ (во печат). Во 2021 година го одбрани својот магистерски труд со наслов „Концепт на Етимолошкиот речник на македонскиот јазик“. Покрај научниот предизвик, мотивите на Емилија Нешкова за подготовка на етимолошки речник на македонскиот јазик извираат и од вистинската желба да му го даде на својот мајчин јазик она што го заслужува и за што е квалификувана.

Може ли еден јазик да биде лингвистички релевантен и научно заокружен без етимолошки речник? Дали дел од причините поради кои денес политички се оспорува македонскиот јазик може да се пронајде во фактот што е еден од ретките европски јазици за кој нема изработено етимолошки речник?
– Јазик без етимолошки речник е како народ без историја. Не знае од каде доаѓа и затоа не знае каде оди. На прашањата од каде потекнуваат зборовите, што првично значеле, како се менувале со текот на времето, по што се разликуваат од зборовите во сродните јазици, можете да најдете одговор доколку отворите етимолошки речник, кој е еден од основите за проучување на јазикот од историски аспект, а, за жал, таа привилегија ние Македонците ја немаме, бидејќи сѐ уште не поседуваме таков тип речник. Етимолошкиот речник на еден јазик е од есенцијално значење од повеќе причини – претставува одраз на културата на еден народ, ги претставува историските околности во кои настанувале зборовите, го претставува и односот со другите (не)соседни народи и јазици. Немањето етимолошки речник е, несомнено, поврзано со оспорувањето на потеклото на македонскиот јазик, кое, како што гледаме, носи низа последици при преговорите за членство во ЕУ. Проблемот зошто е оспоруван македонскиот јазик има широка заднина. Ознаката „регионална форма на бугарскиот јазик“ се користи со цел македонскиот да се означи како јазик со декрет од 1944 година. Етимолошкиот речник во тој случај може со научно потврдени аргументи да докаже дека македонскиот јазик од гледна точка на лексиката е посебен јужнословенски јазик со автохтони зборови што говорат за историјата и културата на македонскиот народ и кои не се заеднички со ниеден сроден и соседен јазик.
На каков начин етимолошкиот речник на македонскиот јазик може да придонесе за негово култивирање и проучување?
– Како последица на лексичките посебности со кои се одликува македонскиот јазик се налага и потребата од создавање етимолошки речник, кој ќе претставува посебно поглавје во македонската лексикографска дејност, но истовремено ќе значи и афирмација и валоризација на македонскиот јазик, овој пат во рамките на етимолошките и споредбенојазичните проучувања. Етимолошкиот речник на македонскиот јазик е неопходен не само за македонските говорители туку и за словенската, индоевропската и балканската етимологија. Пишувањето етимолошки речник на македонскиот јазик претставува императив на етимологијата како научна дисциплина, која веќе некое време очекува да биде испишана и претставена етимологијата на македонскиот зборовен фонд, отсликувајќи ја на своевиден начин неговата посебност во рамките на македонистиката, славистиката, индоевропеистиката и балканистиката. Пишувањето на ваков специјализиран речник ќе отвори, несомнено, нови видици за понатамошни етимолошки истражувања, не само кај Македонците туку и во општата славистичка и балканска сфера, а таквите истражувања можат да донесат добри етимолошки плодови што ќе му бидат од голема полза на македонскиот јазик. Со ваков речник можеме јасно да докажеме во колкава мера, според лексичките карактеристики, македонскиот јазик се разликува од другите словенски јазици, а во најголема мера од бугарскиот како најсроден, како и од торлачките говори од коишто македонскиот јазик се разликува според низа изоглоси.
На каков начин етимолошкиот речник може да докаже дека македонскиот јазик е посебен?
– Немањето етимолошки речник, меѓу другото, го искористува и бугарската јазична политика, која на македонскиот јазик во поново време му ја даде ознаката „северномакедонски бугарски јазик“, а македонската граѓа, пак, во бугарските етимолошки речници e претставена со ознаката „бугарско дијалектно“. Но и покрај многуте сличности со другите словенски јазици, не треба да се пренебрегне фактот дека македонскиот јазик има свој зборовен фонд, кој од историски аспект не е обработен не само во бугарскиот туку во ниеден етимолошки речник од словенските јазици, а тоа го потврдуваат следниве неколку примери. Етимолошко толкување на зборот „збор“, кој според изворот е прасловенски, можеме да најдеме во сите словенски етимолошки речници, меѓутоа тоа толкување нема да им биде на македонските говорители од корист, бидејќи македонскиот јазик по однос на овој збор развил поинакво семантичко значење, непознато во другите јазици. Следствено на тоа, толкувањето дадено во кој било етимолошки речник на словенските јазици, нема да им биде од голема полза на македонските говорители, бидејќи тие ќе бараат одговор на прашањето зошто лексемата „збор“ означува „збир од јазични средства со определено значење“. Друг збор што имплицира на посебноста на македонската лексика е зборот „чекор“. Бидејќи зборот не е присутен во другите словенски јазици, освен во некои бугарски дијалекти со значење „гранка“, следува дека овој збор настанал во македонскиот јазичен развој. Не треба да се пренебрегне и зборот „бабура“ (вид пиперка), кој извршил значенско влијание врз другите јужнословенски јазици – зборот е настанат во македонскиот јазичен развој и подоцна е преземен во српскиот, хрватскиот, црногорскиот и во словенечкиот јазик. Исто така во етимолошкиот речник ќе биде дадено објаснување за одредени јазични промени што се случиле во македонскиот јазик, како што е примерот со глаголот „биде“, којшто според гласовните закони би требало да се гласи „баде“. Вакви и слични примери доволно јасно имплицираат на диференцијацијата на македонскиот јазик.