Јасно акцентирани заложбите за независна и самостојна македонска држава

Срочувањето на овој манифест има извонредно историско значење за македонскиот народ. Документот е интересен од неколку аспекти, во него јасно се говори за македонскиот народ како нешто одделно од другите балкански народи и повторно се акцентира борбата за создавање независна македонска држава врз принципот обединување на сите, без разлика на верата и народноста

Деведесет и осум години од потпишувањето
на Мајскиот манифест

Во мај годинава се одбележуваат 98 години од потпишувањето на Манифестот кон македонскиот народ, кон организираното револуционерно население и кон македонските револуционери, познат во историјата како Мајски манифест. Срочувањето на овој манифест има извонредно историско значење за македонскиот народ. Се појавува во еден сложен и бурен период, период меѓу двете светски војни, кога Македонците сѐ уште немаа своја држава и кога сѐ уште беа национално обесправени. Манифестот е творба на сето македонско револуционерно и национално движење, односно на сите Македонци, без разлика на нивата идеолошка и политичка припадност. Документот е интересен од неколку аспекти, во него јасно се говори за македонскиот народ како нешто одделно од другите балкански народи и повторно се акцентира борбата за создавање независна македонска држава врз принципот обединување на сите, без разлика на верата и народноста.

Обединување на македонските национални сили

По Балканските војни и Првата светска војна, македонското национално и револуционерно движење беше поделено во неколку организации и групации што се бореа меѓу себе за превласт. Но во септември 1922 година, во Горна Џумаја (денес Благоевград), се водат разговори помеѓу Димо Хаџи Димов и Тодор Александров за надминувања на недоразбирањата. За првпат меѓу двете македонски групации се воспоставуваат пријателски односи. Преговорите помеѓу двете страни се засилуваат по преземањето на власта во Бугарија од страна на Александар Цанков.
Во почетокот на јуни 1923 година, во Виена се водат тајни преговори помеѓу претставниците на Тодор Александров и т.н федералисти, притоа се постигнува согласност македонската парламентарна група во бугарското народно собрание да настапи како опозиција против владата на Цанков. Од овие преговори ќе произлезат два значајни документа – Платформата за обединување на македонското револуционерно движење и Протоколот за обединување на македонското револуционерно движење, а врз нивна основа ќе биде потпишан Мајскиот манифест.
Во платформата за обединување јасно се вели дека од „суштествено значење е групирањето на сите револуционерни елементи на македонското движење во единствен македонски револуционерен фронт“, за оформување на Македонија во „самостојна политичка единица“. Од друга страна, во протоколот се говори за „отстранување на сите конфликти што можат да проникнат меѓу двете страни.“

Јасно формулирани националните цели на македонскиот народ

Како резултат на преговорите, на 6 мај 1924 година се потпишува Мајскиот манифест, во кој јасно се формулирани националните и политичките цели на македонскиот народ, формулации што ќе станат основа за создавањето на Македонија како независна држава на Македонците и на сите други, без разлика на верата и народноста.
Во манифестот се вели дека „владите на балканските држави се јавуваат само како орудија на европскиот империјализам, тие спроведуваат и своја националистичка, завојувачка политика. Благодарение на таа општоевропска империјалистичка и општобалканска националистичка завојувачка политика, Македонија истоштена од петвековното ропство, разурната од три војни, денес одново е поробена и разделена помеѓу трите балкански држави: Србија, Грција и Бугарија.“
Во понатамошниот дел од манифестот можеме да прочитаме дека ниедна од „балканските држави не мисли за ослободување и обединување на раскинатите делови на Македонија; ниедна од нив не сака на поробените Македонци да им ги даде правата предвидени во договорите што им го осигуруваат културниот развиток како национални малцинства.“ Затоа, потписниците на манифестот изјавуваат дека најрешително ќе се борат против „нивната завојувачка политика спрема Македонија и македонскиот народ.“
Во однос на бугарската влада се вели дека таа ги „жртвува како интересите на македонскиот така и интересите на бугарскиот народ“ и е „непријателска спрема македонскиот и бугарскиот народ“. Затоа се упатува апел кон „сите Македонци и Бугари да поведат најрешителна борба против неа.“ За крајните цели на македонското национално и револуционерно движење се вели дека борбата ќе се води сѐ до оформувањето на Македонија во една „наполно независна и самостојна политичка единица.“ Д. Ст.