фото: Фејсбук

Откако вечерва Централниот одбор на СДСМ го избра новиот мандатар на идната Влада, Димитар Ковачевски, на седницата на партијата се гласаше и за избор на нови потпретседатели, генерален секретар и Извршен одбор на СДСМ, а министерските функции во новиот владин кабинет ќе се знаат по новогодишните празници.

Потпретседатели на СДСМ повеќе не се Мила Царовска, Венко Филипче и Оливер Спасовски. Потпретседател останува Фатмир Битиќи, заедно со Бисера Костадиновска Стојчевска, Перо Костадинов и ексградоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.

Нов организациски секретар на СДСМ е Вангел Андрески, поранешен директор на ПОЦ, Бојан Маричиќ е избран за секретар за меѓународна соработка а Миле Зечевиќ за генерален секретар.

– Верувам во нивната чесна и посветена работа во интерес на граѓаните и на СДСМ – изјави Ковачевски.

Пратеничката Даниела Колева, шефот на кабинетот на Венко Филипче во здравство Дритон Исмаили, поранешниот генерален секретар на партијата Андреј Петров, Мишко Ралев, Никола Рилак се дел од новите имиња на Извршниот одбор кои се новите членови на Извршниот одбор на партијата.

Освен нив, од актуелните членови остануваат Ана Данева Маркова, Петре Шилегов, Милена Стевановиќ, Костадин Костадинов, Дарко Каевски, Нина Фити. Во тоа тело, ќе ги нема Мухамед Зеќири, Благој Бочварски, Васко Ковачевски, Тања Томиќ.

Ковачевски изрази благодарност за досегашната работа на сите кои биле дел од работата на партијата и рече дека се надева дека тие ќе бидат дел и од работата во иднина.

– Првата задача која ја има новото раководство е да состави нова Влада. Очекувам новата Влада да биде составена кон средината на новиот месец, а пред нас ги имаме енергетската криза, економската криза предизвикана од пандемијата, преговорите со Бугарија. Сметам дека можеме сите овие предизвици да ги надминеме до 2024 година до кога е и мандатот на Владата. СДСМ почнува нов дел од историјата и верувам дека ќе ги оправдаме очекувањата – рече Ковачевски.