Фото: Игор Бансколиев

Кому му се упатени пораките од високите претставници на ЕУ дека Македонија треба да почне преговори со Унијата? Кон нас, кон земјите од регионот, можеби кон Русија, или, пак, високите претставници на ЕУ си ги упатуваат сами на себе, за некаква „внатрешна употреба“?! Македонската јавност, по толку долго време, е далеку од наивна и знае дека Унијата е и алфа и омега за одлуката за почеток на преговорите за евроинтеграции. Тогаш, зошто толкаво количество цинизам, па и презрив однос содржани во препораките на високите претставници на ЕУ?! Препораки се непотребни доколку знаат, како што сами кажуваат, дека Македонија заслужила почеток на преговори. Ако се уверени во тоа, треба да дејствуваат наместо да препорачуваат. Затоа што од нив сѐ зависи…

Пораките за поддршка од страна на високи претставници на ЕУ продолжуваат

Пораките со поддршка за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, давани сѐ почесто од страна на високи претставници на ЕУ, ја наведоа македонската јавност да ја постави дијагнозата со која се „заразени“ токму тие европратеници – евроцинизам!
Дијагнозата евроцинизам, всушност, произлегува од фактот дека македонската јавност е доволно свесна дека „вистинскиот почеток на македонските евроинтеграции зависи, всушност, токму од волјата на институциите на ЕУ, чии претставници упатуваат пораки за поддршка“, а не од некој друг! Од нив тргнува и кај нив се завршува ова прашање. Тогаш, јавноста со право се прашува кому му се наменети тие пораки на евробирократите дека ние заслужуваме почеток на преговори. Нам, на регионот или, можеби, на Русија? Ако, пак, се наменети за „внатрешна употреба во ЕУ“, тогаш таквите препораки воопшто и не се потребни, туку само треба да се стави во функција волјата на еврофункционерите да почне процесот на преговори за интеграција. Бидејќи тие што даваат позитивни препораки, токму тие и одлучуваат. Во спротивно, дијагнозата евроцинизам ќе се покаже како целосно точна.

Искреноста на ЕУ е клучна за одржување на регионот цврсто да оди на патот кон ЕУ

По завршувањето на посетите на земјите од Западен Балкан, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, преку блог посветен на турнејата, истакна дека иднината на регионот е „јасна и е во рамките на ЕУ“.
– Цврсто ја нагласив посветеноста на ЕУ за понатамошна поддршка на Западен Балкан и напредување во иднината на регионот во Европската Унија – напиша Борел.
Во истиот блог, тој ги повика сите земји во регионот да продолжат со блиската соработка со Унијата за „Западен Балкан да биде мирен, стабилен и цврсто да оди на патот кон ЕУ“.
Од друга страна, македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, пред Комисијата за надворешни работи во Европскиот парламент порача дека „не бараме незаслужени награди, но би сакале нашата успешна приказна да биде валоризирана“, потенцирајќи дека „практичната помош за регионот и јасниот напредок кон интеграцијата во ЕУ се клучни за одржување на регионот цврсто да оди на патот кон ЕУ“.
Eвропратениците повторно изразиле поддршка за евроинтегративните процеси на Македонија, а известувачот на ЕП за напредокот на реформските процеси во земјава, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, оценил дека Македонија „постигнала добри резултати во редица области, претрпела фундаментални промени и има опипливи и одржливи резултати во клучните области, како што е борбата против корупцијата и организираниот криминал, преку стабилни и инклузивни демократски реформи и со преземање важни чекори за зајакнување на демократијата и владеењето на правото“.

Повеќеслојност во пораките на високите претставници на ЕУ?!

Сепак, и по сите пофалби и пораки за поддршка од повеќе ЕУ-адреси, Бугарија ја одржува неизвесноста за реализацијата на првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, што би значело почеток на преговорите. И понатаму, ЕУ „тивко“ ја турка Македонија во некаков паралелен процес на „претпреговори“ со Бугарија, и покрај сознанијата за некоректноста на бугарските услови од „етничко-лингвистички карактер“, целосно спротивни на принципите на ЕУ и критериумите за проширување. Од таквиот контекст на релациите, произлегува дилемата кому, всушност, европретставниците му ги упатуваат пораките за посветеност на „заедничката европска иднина“.
– Пораките на високите претставници на ЕУ за потребата од почеток на преговори со Македонија (и Албанија), за заедничката европска иднина и слично, најмалку се упатени до нас во земјите-кандидатки од Западен Балкан. Можеби 20 отсто од мотивацијата во пораките е за одржување на вербата во проширувањето за кај нас, а многу повеќе се пораки на оптимизам упатени кон сопствените земји-членки да се убедат себеси дека проширувањето е важен процес за безбедноста на ЕУ. Пораката упатена до нас е дека ЕУ не се откажува од процесот на проширување со Западен Балкан. ЕУ порачува дека не се откажува од проширувањето со Западен Балкан, но главните проекти ѝ се заглавени. Уште повеќе, проблематичните теми се далеку од затворени. Македонија (а посредно и Албанија) е блокирана со условувањето на Бугарија. Србија манифестира некаква проблематична неутралност спрема Русија. Во Косово не исчезнуваат идеите за размена на територии… Случувањата во Украина, навидум, ги направија побанални нашите западнобалкански незатворени прашања. Но тоа никако не значи дека од ЕУ се подготвени да ни прогледаат низ прсти и да примат нови членки без решение за овие прашања и без исполнети критериуми. Тоа ЕУ не го направи за Украина, која е под воена агресија, а уште помалку за нас на Западен Балкан – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Директорката на Институтот за европска политика-Скопје, Симонида Кацарска, е конкретна дека пораките за поддршка што доаѓаат од еврофункционерите се примарно упатени до Советот на ЕУ како носител на одлуки.
– Пораката дека Македонија треба „веднаш да ги започне преговорите, зашто ги има исполнето критериумите“ е насочена кон државите-членки на ЕУ, примарно до Советот на ЕУ, како носител на одлуки. Комисијата одамна ја даде својата препорака за почеток на преговорите, за која нема одлука поради инсистирањето на Бугарија да се внесат дополнителни услови во нашата преговарачка рамка. Повторувањето на оваа порака веќе има симболично значење за нас, а секако служи за потсетник до државите-членки за влијанието кое неможноста да се донесе оваа одлука го има врз целиот кредибилитет на пристапниот процес – вели Симонида Кацарска.