Фото: Игор Бансколиев

Најпрво кованицата „северномакедонски“ „случајно“ се појави во дел од странските медиуми, кои на овој начин ги опишуваа овдешните политичари во вестите што ги објавуваа, но истовремено главната цел беше да се опипа пулсот на овдешната јавност за новата идентитетска реалност што странците веќе почнаа да ја креираат. Кога наидоа на млак одглас и погоден терен кај овдешните власти, истата алатка почнаа да ја употребуваат и повеќето водечки европски политичари, почнувајќи од францускиот претседател, Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, но и многу други

Mеѓународната заедница со нов правен преседан повторно нè преименува

Употребата на терминот „северномакедонци“ или „северномакедонски“ стана сè позачестена појава што само ги потврди оправданите стравувања кај дел од овдешните лингвисти, но и интелектуалци, академици, професори, кои уште пред потпишувањето на Преспанската спогодба предупредуваа дека од новото име на државата ќе произлезе и именувањето на народот, јазикот и на сите други атрибути.
Најпрво кованицата „северномакедонски“ „случајно“ се појави во дел од странските медиуми, кои на овој начин ги опишуваа овдешните политичари во вестите што ги објавуваа, но истовремено главната цел беше да се опипа пулсот на овдешната јавност за новата идентитетска реалност што странците веќе почнаа да ја креираат. Кога наидоа на млак одглас и погоден терен кај овдешните власти, истата алатка почнаа да ја употребуваат и повеќето водечки европски политичари, почнувајќи од францускиот претседател, Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, па дури и портпаролите на ЕУ си дозволија слобода да се впуштаат во идентитетски еквилибристики и Македонците да ги нарекуваат „северномакедонци“. Дополнително, канонадата на „посеверување“ речиси без исклучок се случуваше секогаш во моменти кога странците сакаа да извршат некаков притисок врз земјава, за подоцна откако ќе ја остварат саканата цел да се „умилкуваат“ и неубедливо да кажуваат дека станувало збор за некаква техничка грешка и дека за нив „остануваме само Македонци и ништо друго“.
„Нова Македонија“ неодамна, врз основа на информации добиени од анонимен извор од Њујорк, пишуваше дека дури и во ОН имало обиди меѓу пониските ешалони да се исфрли терминот „македонски јазик“ за интерна употреба во документите и тој да се замени со термините „северномакедонски“ или „јазикот на РСМ“, исто како дел од операцијата за идентитетско обезличување на македонскиот народ.
Македонското МНР најпрво тврдеше дека употребата на термините „северномакедонски“ или „северномакедонци“ е спротивна на Преспанскиот договор и дека тие веднаш интервенираат штом ќе забележат таква злоупотреба, но се чини дека фреквенцијата на ваквите „злоупотреби“ ги надмина и нивните можности, така што повеќе никој не се ни труди да ги поправа и да алармира на сите „ненамерни“ лапсуси.

– Придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на Втората страна или со нејзиното скратено име, односно „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“. Други употреби на придавката, вклучително и употребата на придавката во однос на приватни ентитети и актери, кои не се поврзани со државата и јавните ентитети, кои не се основани со закон и не добиваат финансиска поддршка од државата за активности надвор од државата, можат да бидат во согласност со член 7, став (3) и став (4) – се наведува во членот 1 од Преспанскиот договор.
На оваа тема се јави и поранешниот шеф на дипломатијата, Никола Димитров, кој како еден од потписниците на Преспанската спогодба тврдеше дека македонскиот идентитет е трајно зацементиран, но сега повикува да се престане со употребата на терминот „северномакедонски“ бидејќи во тоа гледа опасност од поткопување на истиот тој договор што пред неколку години го потпиша во Нивици.
– Во последно време зачести употребата на непостојниот термин „северномакедонци“ од страна на претставници на земји – наши пријатели, кои го поддржуваат Преспанскиот договор. Но, еден од двата клучни столба на компромисот на Преспанскиот договор е токму самоопределувањето како Македонци кои зборуваат македонски јазик, нешто што самиот договор го гарантира. Со други зборови, „Cеверна Македонија“ е можна само доколку во неа живеат Македонци, заедно со своите сограѓани и тоа така мора да се почитува. Затоа секоја употреба на терминот „северномакедонци“, освен што е навреда за Македонците е и подривање на Преспанскиот договор – напиша Димитров на својот фејсбук-профил.
Според него, македонската дипломатија мора да направи многу повеќе во спречувањето на ваквата зачестена практика наместо да се откажува.

– Очигледно е потребен далеку посериозен фокус на нашата дипломатија за овој недвосмислен наратив да се промовира во меѓународните односи и да се превенира оваа појава, бидејќи се чини дека во последниве месеци никој не го работи тоа. Тоа е недозволиво. Особено имајќи предвид дека во овој период една земја-членка на ЕУ и наш сосед директно ги негира токму македонскиот идентитет и јазик. Мора да се работи и проактивно, но и редовно и ажурно да се реагира на секоја погрешна употреба без исклучок, сѐ додека меѓународната пракса не биде целосно на линија со одредбите на договорот – порача Димитров во објавата на Фејсбук.
Сепак, очигледно, операцијата за креирање еден нов идентитет е веќе во тек и таа е започната во моментот кога се стави параф на Спогодбата во Нивици и кога на името на државата се додаде географска одредница. Токму на тој момент предупредуваа познавачите на јазичните прашања и се противеа Македонија да го менува името.

– Ние на овој проблем укажувавме уште на времето кога се потпишуваше Преспанскиот договор. Не може државата да се вика Северна Македонија, а придавката да си остане „македонски“ бидејќи не е во духот на зборообразувањето, ниту во духот на германските, ниту во духот на словенските јазици. Истиот момент кога тие потпишаа за Северна Македонија, истиот момент и Холандија и некои други земји го употребија терминот „северномакедонци“. Своевремено кога постоеше заедничката држава Србија и Црна Гора се користеше терминот „србоцрногорци“ бидејќи тоа е во духот на зборообразувањето. Сега и ние може да очекуваме сè почеста употреба на придавката „северномакедонски“ – објасни пред извесно време Елка Јачева-Улчар, научна советничка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.