Фото: Игор Бансколиев

Во разговор со повеќе професори на темата „феноменот ненадлежност“, тие истакнуваат дека тој се појавува „кога во институциите има некомпетентни луѓе, кога тие не ја познаваат проблематиката и полесно им е да се прогласат за ненадлежни“, при што додаваат дека „во секој закон пишува кој е надлежен за неговото спроведување и лесно може да се утврдат надлежностите“

Регистрацијата на бугарскиот културен клуб со името „Ванчо Михајлов“ во Битола крена голема прашина во македонската јавност и повторно ја покажа старата практика во државата – сите да се прогласуваат за ненадлежни и да бегаат од одговорност.
Министерството за правда вели дека е ненадлежно и топката ја префрла врз Централниот регистар, Централниот регистар вели дека ниту тие не се надлежни, така што се поставува прашањето дали институциите во државава имаат некаква надлежност и дали воопшто си ги знаат надлежностите или, пак, ненадлежноста се користи како изговор за да се избегне одговорност за настанатите пропусти.
И ова не е изолиран случај, туку станува збор за хронична појава. Неодамна сите се прогласуваа за ненадлежни во врска со нелиценцираното работење на ноќниот клуб „Привилеџ“, пред кој смртно настрада хрватскиот ракометар Тот, а за ненадлежни се прогласуваа и директорите на тетовската болница во чиј двор изгоре модуларната болница во која загинаа 14 луѓе, но и одговорните во Министерството за здравство и компанијата што го изведувала проектот.
Ненадлежност прогласуваа и царината и граничните органи кога автобус без лиценца за меѓународен превоз над стопати излегувал од државата, за на крајот тоа да се открие преку трагичен настан во Бугарија, во кој загинаа 46 луѓе.
Ненадлежност на институциите имаше и при пожарите, поплавите, болните луѓе заглавени во планина, бегствата на обвинети лица, дивоградбите, така што повеќе од очигледно е дека институциите во оваа држава надлежност имаат единствено кога имаат корист партиите и поединци во нив.
– Длабоко сум разочаран што ние ги губиме сите атрибути на држава и сите постапки укажуваат на тоа. Кога треба да се земаат тендери, кога се користат некакви бенефиции, тогаш сите се надлежни. Кога е нешто сензитивно, тогаш одеднаш сите се ненадлежни и не можат ништо да кажат – вели Синиша Пекевски, политички аналитичар.
Според него, ова само потврдува дека во Македонија не постојат функционални институции.

– Кај нас не функционираат институциите, а кога сме соочени со таквата вистина, тогаш не можеме да кажеме дали е нешто добро, дали е лошо, дали е некој надлежен за нешто, од кого треба да се побара одговорност и слично. Едноставно, целиот систем не функционира, вклучувајќи ги и институциите, така што последниот случај со негирањето на надлежноста за регистрацијата на клубот „Ванчо Михајлов“, како и другите случувања од минатото, потврдува дека работите во државава не функционираат – истакнува Пекевски.
Тој оди и чекор понатаму, по малку и фаталистички, тврдејќи дека државата веќе е доведена во вегетативна состојба.
– Мора да признаеме дека институциите не функционираат и дека сè се тера по инерција. Ние како држава сме во вегетативна состојба. Телото не ни функционира, туку само вештачки сме ставени на апарати колку да вегетираме. Институциите, како еден вид органи на оваа држава, ги нема, затоа и никој не прифаќа ниту надлежност, ниту одговорност – категоричен е Пекевски.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски проблемот со префрлањето или избегнување надлежност меѓу институциите го лоцира во нивната партизираност и некомпетентност.

– Ние имаме заробени институции и партиски и нестручни луѓе што работат во нив. Имавме случаи со пожарите кога авионите беа неисправни, со пожарот во болницата во Тетово, со автобусот што слободно си ја минувал границата, тоа значи дека институциите не си ја вршеле својата работа. Кога во институциите има некомпетентни луѓе, тие не ја познаваат проблематика и полесно им е да се прогласат за ненадлежни – вели Давитковски.
Тој појаснува дека во секој закон пишува кој е надлежен за неговото спроведување и лесно може да се утврдат надлежностите.
– Имаме некоординирани и едноставно некомпетентни институции и се доведовме во ситуација да се надеваме дека нема да не ни се случи нешто полошо во државата. За жал, сè полошо и полошо ни се случува, а институционалниот одговор е никаков. Ние наместо пожарникарски возила, купуваме луксузни службени возила и есцајзи. Никој не води сметка да ги превенира проблемите однапред, туку кога ќе настанат, сите се прогласуваат за ненадлежни. Тоа, за жал, е нашата реалност – констатира професорот Давитковски.