Фото: Игор Бансколиев

Нападите врз македонизмот се континуиран процес, кој трае подолго од еден век, но последниве години се чини како овој процес да влегува во финална фаза, кога различни сили однадвор сакаат да им го зададат конечниот удар на Македонците и на нашата држава. Од тие причини, нејасно е зошто македонската дипломатија не ги користи историските документи што јасно ја оцртуваат македонската посебност, дозволувајќи им на соседите да ја изопачуваат историјата, иако токму нивни научни дејци преку своите трудови пред повеќе години и самите потврдиле дека постои посебен македонски народ, со свој јазик и култура

Неопходно е да се користат научните факти за да не се паѓа на провокациите

Илјадници пишани документи, записи, книги низ европските архиви експлицитно ја потврдуваат посебноста на македонскиот народ и неговиот јазик, но надлежните воопшто не ги користат овие научно потврдени факти за да се спротивстават на постојаните напади врз идентитетот и јазикот.
Нападите врз македонизмот се континуиран процес, кој трае подолго од еден век, но последниве години се чини како тој да влегува во завршна фаза, набљудувано преку потезите што ги влечат Грција и Бугарија, а кои, несомнено, водат кон нивната единствена вековна цел – задавање конечен удар на македонизмот. Од тие причини, нејасно е зошто македонската дипломатија за сето ова време останува нема на ваквите постојани провокации и не ги користи историските документи што јасно ја опишуваат македонската посебност како моќна алатка со која може во секое време и на секое место енергично и аргументирано да возврати на нападите.

„Бела книга“ како еден вид учебник за македонската дипломатија

Документи со податоци на македонската самобитност има илјадници, добар дел изработен од врвни странски научни дејци, патеписци, фолклористи и голем број ентузијасти, кои работеле необременети од нечии влијанија, туку само врз основа на она што го покажуваат податоците на терен. Тие податоци недвосмислено го покажувале постоењето на посебен македонски народ со сите свои карактеристики, јазик, култура, фолклор, преданија.
Еден таков податок изнесува грчкиот академик Нотис Боцарис, во својата книга „Балканските визии во подготовката на грчката револуција 1789 – 1821“, цитирајќи историски извор од 1821 година, во кој Македонците се наведени како засебен народ, одделeн од Грците, Србите, Албанците и Романците. Податокот што го изнел грчкиот академик сигурно бил познат и во грчките научни кругови, но свесно бил сокриван за да се пласира една поинаква историска вистина по мера на Атина.
Слични документи и податоци може да се пронајдат и низ разни архиви во Австрија, Унгарија, Германија, Турција, Русија, како и во многу други земји, па затоа е исклучително важно овие податоци да се искористат на вистински начин и конечно македонската страна да почне да возвраќа на провокациите што доаѓаат од некои страни.
Но за таа цел веќе претходно државата требаше да има стратегија за архивирање добар дел од овие документи, записи, трудови, сето тоа собрано во една „бела книга“, која би претставувала еден вид учебник за македонската дипломатија, истовремено преку таа книга би се промовирал македонизмот насекаде, како процес што има свој зародок многу векови наназад низ историјата, наместо да им се дозволува на Бугарија и на Грција да манипулираат со историските факти, опишувајќи го македонскиот народ како коминтерновска творба.
Ова, несомнено, бара и враќање кон старите дипломатски практики, односно пред да стапи на функција, секој дипломат да мора да се запознае со документите во таа бела книга, вклучувајќи и со трудовите и истражувањата подготвени од домашните институции, за да може потоа да биде сериозно поткован за успешно да се справи со сите отворени предизвици во надворешната политика, со други зборови, секогаш да има аргумент плус во полемиката со оние што го оспоруваат македонизмот.
Токму овој докажан модел долги години го применуваат грчката и бугарската дипломатија, кои имаат ангажирано цели научни тимови што работат на ширење на нивната пропаганда на повеќе полиња, доведувајќи ја Македонија во ситуација да мора да преговара за сопствениот идентитет, јазик, историја и култура, нешто што е незамисливо за ниту една земја.

Научната фела смета дека домашната дипломатија е недоволно обучена

Овдешната научна фела смета дека домашната дипломатија е недоволно обучена и воопшто не ги користи научните документи што ѝ се на располагање, ниту тие во земјава, а уште помалку оние во странските архиви.
– За жал, ниту дипломатијата, ниту, пак, политичарите кога доаѓаат на власт ги користат тие сознанија што ги има постигнато македонската наука. Документи има колку сакате во кои се зборува за Македонци, за нивниот посебен идентитет, не само од странски туку и од наши извори. Кога нема координација тука, почнуваат да ни се случуваат работи како оние со отворањето на клубови „Иван Михајлов“, „Тодор Александров“ и слични имиња. Наместо да ги земеме тие имиња што за Македонија значат нешто и дале свој придонес за македонскиот јазик, нација, култура, ние се фаќаме за тие што ја негираат Македонија – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Тој појаснува дека македонскиот Институт за национална историја работел на тоа да ги шири македонските научни сознанија испраќајќи ги своите изданија до сите светски библиотеки, но дека оваа практика е прекината токму поради незаинтересираноста на државата.
– Ние порано во Институтот за национална историја имавме една практика да се испраќаат во сите библиотеки во светот изданијата што ќе излегуваат од нашиот Институт, но државата го прекина тоа и книгите останаа во депоата на Институтот. Тоа беше промоција на Македонија. Истото тоа го прават Бугарите, на секој научен работник во светот му праќаат по една книга во која се негира македонскиот идентитет. Тоа е нашата трагедија – истакнува Чепреганов.
Според него, неразбирливо е кога низ архивите на цела Европа постојат документи за македонската посебност, изработени од странски научни работници, ние да треба одново да го докажуваме својот идентитет.
– Срамота е во 21 век, на база на толку документи што зборуваат за македонскиот идентитет, денес да се докажуваме кои сме и што сме. Тоа е најголемата бламажа за еден народ. Зошто молчат Бугарите кога нешто ќе им се напише против нивните тврдења? Затоа што немаат аргументи, па се служат со лаги. Зошто кога одиме на симпозиуми, Бугарите не можат да ни се спротивстават? Затоа што и ние ги имаме документите, не само тие. Тоа потврдува колку е лесно некому да му се спротивставиш кога ги знаеш фактите, кога располагаш со потврдени документи, кои никој не може да ги оспори – потенцира Чепреганов.
Тој потсетува на еден сличен запис, кој и не е толку стар гледано низ историска призма, а бил изработен од Британец што во периодот на Втората светска војна бил испратен во Егејска Македонија и кому грчката пропаганда му рекла дека оди кај грчко население.
– Во 1943-1944 година, еден Британец престојувал една година во Леринско и Грците му рекле дека оди на територија кај Грци. Кога пристигнал таму, забележал дека луѓето не зборуваат грчки, туку некој друг јазик различен од грчкиот. Човекот напишал еден извештај од 30 страници, во кој наведува дека тие луѓе не се ниту Грци, ниту Срби, ниту Бугари, туку Македонци со свој јазик, со своја култура, со свои песни, игри, ора. Ги опишува до најситни детали и, по сето ова, ние сега треба на тој Британец да му кажуваме дека погрешил, дека тоа биле Бугари, а не Македонци? А има еден куп други такви записи и документи – појаснува Чепреганов.
Негово мислење е дека политичарите во Македонија не се доволно потковани за да можат да им се спротивстават на своите бугарски колеги, зад кои стојат цели научни тимови.

– Мислам дека тоа е пред сè од незнаење. Нашите политичари не се доволно потковани, не знаат, не читаат, земаат советници што се деца и се едноставно партиски послушници, не ги користат институциите што ги формирала државата и кои можат да ги информираат за многу работи. Затоа ни е таква состојбата, бидејќи не се слуша стручната фела. Земете го примерот на Бугарите за тоа како политиката ја користи науката. Бугарската држава секаде каде што треба да се зборува за македонското прашање ги става на позиција врвните историчари. Или да го споменам примерот со Грците. Тие формираа тим од стотина луѓе, најдобрите познавачи на историјата, фолклорот, културата и затоа успеаја да го постигнат договорот што го постигнаа со нас. Нам отсекогаш ни недостигало користење на домашните институции и сознанијата на науката. Тука ни е основниот проблем, а научните работници располагаат со сите факти и документи. Треба некој да ги искористи нив, но, за жал, не ги користат – заклучува Чепреганов.