И предците и иднината нѐ обврзуваат за Македонија

2837

ИНТЕРВЈУ СО ЉУПЧО КОЦАРЕВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАНУ

Неодамна ја објавивте вашата книга, насловена „За македонските работи“. Самиот наслов несомнено реферира на онаа книга од 1903 година, „За македoнцките работи“ на Крсте Петков Мисирков, која се смета за изворник на националната дефиниција на македонизмот. Дали во вашата книга може да се најдат одговори за современите предизвици на македонизмот, поставен во концептот на Мисирков?
– Ниту јас, ниту оваа книга не може да се споредиме со Мисирков и неговото монументално дело. Со насловот сакам да пратам порака дека, од една страна, не сме народ без корен, па затоа треба да се спротивставиме на обидите за демакедонизација на Македонија, а од друга страна, предците, нивното творештво, нивните песни обврзуваат, а мене особено ме обврзува научното и уметничко творештво на првиот претседател на МАНУ, академик Блаже Конески. „Неук, си мислев: / па тие така / случајно се јавуваат. / А сега назад погледнувам, / гледам – / па тие ме обврзуваат!“ – пишуваше Конески, но, да дополнам, и напред да погледнам, во иднина, гледам – тие уште повеќе ме обврзуваат.
Поврзано со ова, би сакал да потсетам, да истакнам две работи. Прво, во 2019 година предложив, во согласност со воспоставената практика при основањето на нам блиските академии САНУ и БАН, историјата на МАНУ да започне со 28 октомври 1902 година, денот кога е формирано Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Во таа смисла, ако овој предлог се прифати, во 2022 година ќе се одбележи 120-годишнината од постоењето на МАНУ. Второ, мојот далечен предок Анастас Коцарев (Охрид, 1889 – Женева, Швајцарија, 1931), научник што прв во светот направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од рак и соработник на нобеловката Марија Кири, го посвети својот живот за македонската кауза, залагајќи се за „единствена и независна Македонија“.
Така, уште еднаш да нагласам, безрезервно треба да се почитуваат сознанијата на општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски милениумски континуитет. Инаку, мислам и верувам дека во книгата може да се најдат одговори за современите предизвици на македонизмот. Таму има дел од моите општествени активности – есеи, обраќања, беседи и слова – во 2020 и 2021 година. Тие размисли и согледување за Македонија се организирани во три дела: „Македонскиот дел од пеколот и од рајот: како понатаму?“, „Предизвици во науката“ и „Интервјуа“, додека на крајот на книгата е Македонскиот манифест.

Како претседател на МАНУ, во првата година од вашиот мандат направивте пресврт во перцепцијата на јавноста за Академијата, како молчалива, иако највисока научна институција, за општествените, националните и државните предизвици на Македонија. Сепак, и понатаму останува некако недоречено во јавноста дали вашите ставови како претседател се официјален став и на МАНУ?
– Кога станува збор за ставовите на Академијата, треба да разликуваме: (1) ставови на членови на Академијата, (2) ставови на нејзините шест одделенија (Одделение за лингвистика и литературна наука, Одделение за општествени науки, Одделение за медицински науки, Одделение за технички науки, Одделение за природно-математички и биотехнички науки, Одделение за уметности) и/или истражувачките центри во МАНУ (во МАНУ постојат 8 истражувачки центри), (3) ставови на Претседателството на МАНУ и (4) ставови на Собранието на МАНУ (кое го сочинуваат сите членови на МАНУ во работен состав). Ќе го илустрирам ова со неколку примери. На седницата одржана на 3 декември 2019 година, Собранието на МАНУ усвои Повелба за македонскиот јазик, во која ги изнесува научно признаените факти за македонскиот јазик, како и улогата на МАНУ во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик во домашни и во меѓународни рамки. Понатаму, во врска со правните аспекти на вонредната состојба, центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“, во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“, изработи документ со наслов „Анализа на правните аспекти на вонредната состојба“. Моите есеи, обраќањата, слова и интервјуа напишани и изречени по различни поводи се лични, не официјални, ставови на МАНУ.

Во јавноста преовладува мислење дека МАНУ во голема мера е поттикнувач на Резолуцијата на македонското собрание за црвените линии во преговорите со Бугарија. Односно дека Резолуцијата е заснована на Македонскиот манифест, кој го објавивте на крајот од 2020-та, потпишан од првите луѓе на МАНУ, МПЦ и УКИМ. Некои го оценуваат тоа како „пречекорување“ на научно-уметничката „црвена линија“ на МАНУ и навлегување во доменот на дневнополитичкото влијание. Дали навистина е „ерес“ врвната научна институција да ги манифестира своите ставови за национално-политички прашања?
– Најпрво сакам да нагласам дека секуларност е принцип на одвојување на владините институции, како и личностите одредени да ја претставуваат државата, од религиските институции и религиските достоинственици. МАНУ де јуре не е дел од органите на државната управа и не е дел од владините институции, а претседателот ја претставува единствено Академијата, која де факто не била, не е и никогаш нема да биде владина институција.
Во врска со Резолуцијата, би издвоил неколку дополнителни и важни податоци, особено имајќи ги предвид дискусиите во јавноста за нејзината поврзаност со МАНУ. Резолуцијата НЕ е документ на МАНУ. Би истакнал дека ЧЕТИРИ научноправни нивоа го афирмираат преттекстот од кој е фактички напишана Резолуцијата.
Прво. Во Резолуцијата се преземени делови од Македонскиот манифест, којшто на 3 декември 2020 г. го потпишаа легитимните претставници на МАНУ, МПЦ-ОА и УКИМ. Станува збор за документ потпишан од тројца легални претставници на три македонски институции, а не за документ на самите институции!
Второ. Манифестот е произлезен од документот „Промеморија за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ“, усвоен од Претседателството на МАНУ на 15 ноември 2020 година. Во овој случај не станува веќе збор за документ потпишан/одобрен од три раководни лица, туку станува збор за институционален акт, за акт донесен од соодветен орган во МАНУ.
Трето. Промеморијата ги црпи своите заклучоци од Повелбата за македонскиот јазик, која е усвоена на седницата на Собранието на МАНУ од 3 декември 2019. Информативно, Собранието на МАНУ го сочинуваат сите членови на МАНУ! И, во овој случај, повторно, не станува збор за документ потпишан/одобрен од три раководни лица, туку станува збор за институционален акт, за акт донесен од највисокиот орган на МАНУ.
Четврто. Повелбата за македонскиот јазик ја сублимира и истакнува законската и статутарната обврска на МАНУ да ја остварува координативната и обединувачка грижа за македонскиот јазик, преку вршење приоритетни и фундаментални научни истражувања со другите научноистражувачки и високообразовни установи.
Би сакал да подвлечам дека документите: Законот и Статутот на МАНУ, Повелбата, Промеморијата и Манифестот се достапни на веб-страницата на МАНУ за сите, вклучувајќи ги политичките и општествените чинители во државава.
Минатата година реагиравте предупредувачки на одредена идеја за минимизирање на видливоста на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет при УКИМ.

Какво е значењето на македонскиот јазик за македонскиот идентитет во незапирливите процеси на глобализација, засилени со надворешнополитички притисок за негово негирање и асимилација?
– Научните факти говорат дека еден јазик умира на секои 14 дена, па оттука, до следниот век, речиси половина од околу 7.000 јазици што се зборуваат на Земјата веројатно ќе исчезнат. За жал, истребувањето, изумирањето, исчезнувањето на јазиците никогаш не се случува спонтано, на љубезен и нежен начин, туку насилно, за што може да се прочита во многу сведоштва, студии и книги. Јазиците не изумреле или не се загрозени затоа што следните генерации избираат слободно да говорат на подоминантен јазик. На нивното изумирање им претходат закони, декрети, забрани, спогодби, договори, или некакви други официјални документи, кои често не се подготвени и донесени во духот на демократијата. Па, така, трите документи: Преспанската спогодба, Договорот за добрососедство со Бугарија и Рамковната позиција на Република Бугарија, како услов за наш влез во ЕУ, го прават точно тоа: создаваат предуслови македонскиот јазик, без наша грижа за него и со наша сестрана помош, да може да изумре во соседните држави.
Денес нема да зборувам за негрижата спрема македонскиот јазик што со години ја практикуваат државните институции во Македонија, за непочитувањето и омаловажувањето на делото на Блаже Конески во годините веднаш по стекнување на независноста, или за тоа дека, по мое мислење, катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност треба да имаат ексклузивен статус и да прераснат во катедри од посебен национален интерес. Во одговорот на Вашето прашање, денес би сакал да подвлечам дека точниот назив на катедрата е Катедра за македонски јазик и јужнословенски јазици. Но во изминатата година, многу често по различни поводи од самите професори на факултетот слушнавте/прочитавте Катедрата за македонски јазик. Не навлегувајќи во мотивите за тоа, би сакал уште еднаш да укажам дека во овој период, кога македонизмот се соочува со сериозни предизвици, промената на името на катедрата во Катедра за македонски јазик воопшто не е коректна и може да отвори простор и политичарите (а, и не само тие) да ја протолкуваат таа промена на свој, ненаучен и сервилен начин: дека македонскиот јазик не треба да се изучува во балкански и/или јужнословенски контекст, туку само во бугарски контекст (како негов дијалект).

Контроверзни реакции во македонското општество предизвикува вашата иницијатива за научно преиспитување на Преспанската спогодба во МАНУ. Го задржувате ли и понатаму ставот дека тоа треба да се изведе докрај? Какво влијание би имало тоа во неговото спроведување?
– Деновиве многу интелектуалци се обединија во одбрана на автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски милениумски континуитет, нагласувајќи, за што пишував многу минатата година, дека македонскиот јазик, како, впрочем, и сите други јазици, не само словенските – има свој просторен и свој временски континуитет. Поддржувајќи ги овие обраќања, ставови и погледи, свесен за тоа дека тие најверојатно нема да дадат плод и Македонија ќе биде разнебитена, сепак, должен сум, уште еднаш да подвлечам дека, според мое мислење, сржта на идентитетските предизвици со кои денес се соочуваме е Преспанската спогодба. Ако единственоста на македонскиот национален супстрат ја претставуваат Македонците што живеат во државата Македонија, но и оние во соседството (како државјани на соседните земји, па, така, и во Грција и во Бугарија), како и низ целиот свет, ако македонското малцинство секаде и секогаш е еднакво на целиот национален идентитет, ако само земјите-членки на Европската Унија – Бугарија и Грција, се оние држави меѓу соседите на Македонија што не ги почитуваат, односно ги прекршуваат човековите и малцинските права на своите сограѓани од македонскиот етникум, тогаш што друго е Преспанската спогодба, освен главен извор на сите предизвици со кои денес се соочува Македонија.
Повикувајќи ги сите да придонесат во научната анализа на Преспанската спогодба, за која не само што сум пишувал и говорел многупати дека е штетна, деструктивна и понижувачка, туку за која многу правни експерти укажуваат дека е нелегитимна и неуставна, сепак, би сакал уште еднаш да укажам дека до 2018 година Македонија беше признаена како „Република Македонија“ од повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги сите десет најнаселени земји во светот (Кина, Индија, САД, Индонезија, Бразил, Пакистан, Нигерија, Бангладеш, Русија, Мексико). Елементарна алгебра покажува дека во 2018 г. нашата земја беше именуваа како Република Македонија од речиси 80 отсто од жителите на планетата Земја. Во еден ден, 17 јуни 2018 г., со еден потпис, сето тоа беше избришано. Овој факт уште еднаш го потврдува неукиот, сервилен, предавнички, арогантен и геостратегиски погрешен однос на дел од нашите политичари спрема Македонија и нашите стратегиски партнери.

На свечениот собир по повод 30-годишнината од независноста на Македонија, во говорите на поранешните (и актуелниот) претседатели на државата доминираше заклучокот дека корупцијата (што го компромитира и владеењето на правото) е најголемиот хроничен предизвик за економскиот напредок на Македонија и за нејзините евроинтеграции. Има ли МАНУ одговор за искоренување на оваа општествена слабост на земјата?
– Мојот став ќе го елаборирам со два предлога, кои, убеден сум во тоа, ако се имплементираат доследно, ќе придонесот за намалување на корупцијата.
Прво. Промена на изборниот модел – една изборна единица, и промена на моделот на формирање на извршната власт. Ако Македонија е граѓанска држава, треба да го напуштиме сегашниот хибриден модел на владеење, мешавина на етномнозинска и консоцијална демократија, и да го замениме со граѓанска консензуална демократија. Во консензуалната демократија, или пропорционална демократија, партиите учествуваат во формирање на владата процентуално со добиените изборни гласови. Досегашните повеќедецениски резултати во сферата на економскиот раст и развој, во сферата на развојот на демократијата, владеењето на правото, човековите права и слично, како и во другите круцијални сфери на нашето живеење – образованието, науката, животната средина, културата, се далеку под очекувањата во споредба со другите држави. Тоа, пред сѐ, се должи на етномнозинскиот модел со кој извршната власт се распределува меѓу победнички партии од двата етникуми, што доведе до еродирање на демократијата, нестабилно владеење, што, всушност, се реализира преку два паралелни процеса, етнодиференцијација и фрагментација на општеството.
Второ. Македонските влади, главно, но особено во изминатата деценија, не се ниту политички, ниту експертски, ниту компетентни. Спротивно на тоа, владите се резултат на пазарења и уцени, тие се партиско-етнички, некомпетентни, корумпирани и нефункционални, што ја прави подредена улогата на парламентот, институциите и правосудниот систем. Ваквото однесување, политичко договарање и пазарење, достигна кулминација во 2021 година. Наместо доследна примена на начелото на поделба на власта и создавање цврста институционална рамка за владеење на правото, во изминатите три децении бевме сведоци на сѐ поголемо јакнење на позицијата на извршната власт, спротивно на уставните определби, и создавање услови за партизација, како и неодговорно, неконтролирано и коруптивно остварување на нејзините функции. Оттука, предлагам да почнеме со ограничување на ингеренциите на извршната власт во подрачјата што, според Уставот, се утврдени за автономни сфери на општеството (образование, наука, култура, здравство итн.). Меѓутоа, ова не е доволно – слабеењето на позициите на извршната власт е неопходно, па затоа е потребно, според мое мислење, да се намали бројот на ешалони на извршната власт, но и да се ограничи, па дури и да се изземе извршната власт од раководење на јавните претпријатија, јавните установи и акционерските друштва во сопственост на државата (на пример, ЕМС, МЕПСО, Пошта и други).

Во вашите анализи и колумни за „Нова Македонија“ често давате јасни предлози што треба да направи Македонија за подобра иднина на граѓаните. Затоа уште еднаш, во кратки црти, кои се приоритетите за државата на политички, економски и геостратегиски план и каде ја гледате Македонија во наредните десет години?
– Ќе започнам со ЕУ. Во март 2004 година, Македонија беше првата од преостанатите шест балкански земји што не се членки на ЕУ, што аплицираше за статус на земја-кандидат за ЕУ, добивајќи го тој статус во 2005 година. Црна Гора го направи тоа во 2008 година, добивајќи статус на земја-кандидат во 2010-та, па ги започна пристапните преговори во 2012 година и досега има отворено 33 поглавја, но само три од нив се привремено затворени. За споредба, Бугарија поднесе барање за членство во Европската Унија во декември 1995 година, ги започна преговорите во март 2000 година, датумот на пристапување, 1 јануари 2007 година, беше одреден на самитот во Солун во 2003 година, а Договорот за пристапување го потпиша на 25 април 2005 година. Ова покажува дека временскиот период за влез во ЕУ за балканските држави e растеглива категорија.

Која е пораката што ЕУ им ја праќа на шесте балкански држави? Дали, всушност, вратата на ЕУ-семејството за нив ќе биде затворена подолг временски период или засекогаш?
Така, дури и ако се согласиме (што не треба да го направиме) со неаргументираниот и ненаучен став дека македонскиот народ и македонскиот јазик не се автохтони категории и немаат милениумски опстој во границите на денешна суверена Македонија, но и во сите наши соседни држави, и во согласност со тоа добиеме датум за почеток на пристапните преговори за ЕУ, што значи тоа? Ништо. Пирова победа – ќе загубиме сѐ што е за нас свето и најмило – нашиот идентитет, култура и јазик, а, согледувајќи ја реално политиката на ЕУ спрема балканските држави во однос на проширувањето на европското семејство, многу поверојатно е дека никогаш нема да станеме членка на ЕУ, отколку дека тоа ќе се случи во далечна иднина, сигурно не во наредните десет години. Така, клучното прашање е каква иднина треба да градиме. Еве ги моите два предлога, за кои сум говорел и пишувал многупати минатата година, па затоа само кратко ќе ги набележам.
Прво. Да започнеме, користејќи ги демократските процеси, со ревизија, по можност, на сите документи што го негираат милениумскиот опстој на македонскиот народ и македонскиот јазик во границите на денешна суверена Македонија, но и во сите наши соседни држави. „Големо ни е името, ќе сакаат да ни го земат“, велеше Блаже Конески, а јас би додал, веќе сами дозволивме да ни го земат.
Второ. Да започнеме со вистински реформи за просперитетна Македонија со имплементирање на европските вредности, но без инсистирање, по секоја цена, на полноправно членство во ЕУ. Тоа ќе го направиме, по мое мислење, ако ги спроведеме предлозите што подетално се елаборирани во одговорот на претходното прашање.
Во однос на геостратегиските предизвици со кои се соочува Македонија, потребна е посеопфатна анализа, но еве го, сосема накратко, мојот став. Геополитичкиот поредок денес е мултиполарен и се обликува, главно, од меѓусебните односи на трите суперсили (наведени по азбучен редослед) Кина, Русија и САД. Интересна е меѓусебната перцепција на големите сили. За некои аналитичари главниот заеднички интерес на Кина и Русија „е всушност, идеолошки – тие се обидуваат да го поткопаат демократскиот и либерален Запад“. За други, пак, „и Кина и Русија чувствуваат дека САД се лицемерен агресор, кој има намера да го редуцира нивното значење за да ја одржи хегемонијата.“ По десет години, би сакал Македонија да има достоинствен, а не сервилен пристап до сите три суперсили и во тоа да ја следи, колку што е можно поревносно, политиката на ЕУ спрема Кина, според која „Кина е, истовремено, во различни области на политиката, партнер за соработка со кој ЕУ има тесно усогласени цели, преговарачки партнер со кој ЕУ треба да најде рамнотежа на интереси, економски конкурент во потрагата по технолошко лидерство и системски ривал, промовирајќи алтернативни модели на владеење“.
Верувам дека политичките елити ќе соберат сила да ја реконструираат нацијата како колектив обединет со заеднички цели и верба во подобра иднина и покрај различностите. Тоа значи, од една страна, враќање на моралниот углед на избраните претставници, но, од друга страна, и враќање на почитта спрема гласачите, нешто што почна да исчезнува веднаш од независноста на Македонија. Ова, пак, повлекува изградба на колективна политичка волја, која има цел да состави подобар систем речиси од нула, притоа почитувајќи ги историските процеси и автохтониот карактер на македонскиот народ и македонскиот јазик. Во таква Македонија се надевам дека ќе живеам по десет години