Фото: Маја Јаневска-Илиева

Директната врска меѓу граѓаните и институциите на државата е токму квалитетот на услугите на различните институции кон граѓаните. Како функционира тоа кај нас, а како во Европа?

Јавните давачки наспроти јавните услуги:

Иако граѓаните редовно ги плаќаат сметките за редица јавни услуги, како парно греење, патарини и одржување на патиштата, здравствена заштита итн., повратот што го добиваат за тоа како дадена услуга од институциите е незначителен. Или, со други зборови, според изреката, колку пари, толку музика, може да се каже дека за своите многу пари, македонските граѓани добиваат малку музика, односно услуга.
Така, на пример, во период на минусни температури, многу станови остануваат недоволно затоплени, патиштата и сообраќајниците се раскопани и полни со дупки, додека потребните лекарства многу често треба да ги набават приватно, бидејќи не одат на рецепт. Секако, има и уште редица други примери што ја отсликуваат (не)грижата, односно (не)доволното ангажирање на институциите во интерес на граѓаните.
За разлика од Македонија, вакви состојби со добивање слаби услуги од јавниот сектор не се толку впечатливи и забележливи во европските држави. Токму затоа еден од условите за влез на Македонија во Европската Унија е токму подобрувањето на функционирањето на јавниот сектор во интерес на граѓаните
Политичките аналитичари со кои се консултиравме велат дека проблемот за ваквите состојби лежи во непрофесионалниот менаџмент на државните претпријатија, кои се раководени од партиски кадри наспрема професионалци во областа.
Комуникологот Бојан Кордалов вели дека децениското невложување во нашите јавни институции и претпријатија, и во кадар и во опрема и во технички средства, ги креира несаканите состојби во земјата поврзани со слабата услуга што им се дава на граѓаните, а за која тие плаќаат, како оние поврзани со слабото греење од парното во домовите, неодржуваните патишта и инфраструктура, за кои плаќаме патарина, но и незадоволителното ниво на медицински услуги во нашите болници.
– Токму поради овие причини, ние сме на врвот по смртност во пандемијата во светските листи и наедно и степенот на вакцинација ни е низок бидејќи граѓаните едноставно не му веруваат на медицинскиот систем на земјата. За разлика од нас, на пример во Европа онаму каде што функционираат јавните установи и им даваат добри услуги на граѓаните степенот на вакцинација е далеку поголем од овој во Македонија – вели Кордалов.
Тој објаснува дека директната врска меѓу граѓаните и државата, односно меѓу гласачите и политичарите, се токму услугите.

– Колку е таа врска посилна, толку сето тоа е подобро за сите, и за нас граѓаните, но и за самата држава – вели Кордалов.
Тој истакнува дека проблемот со овие состојби лежи и во длабоката политизираност на самите претпријатија, установи и институции, кои со децении наместо да се професионализираат се полнат со непрофесионален кадар.
Кардалов вели дека состојбите за кои граѓаните во моментов реагираат можат да се решат, потребна е само волја.
– Македонија е држава што има помалку од два милиона граѓани, што е адекватно на вработени во една светска корпорација или една третина од граѓаните на огромните светски метрополи. Ако во странство сѐ во овој домен може да функционира како швајцарски часовник, навистина верувам дека истото тоа може да се примени и кај нас, бидејќи има светски искуства од кои можеме да научиме – вели тој.
Кордалов објаснува дека сѐ додека нема заеднички интерес на политичките партии за надминување на овој проблем, граѓаните нема да го добијат тоа за што плаќаат.
– Решение за јавните услуги, како на пример онаа поврзана за борбата со загадениот воздух, мора да дојде од сите партии и сите политичари, кои досега со децении владееле и со локалната и со централната власт во државата. Граѓаните ги плаќаат институциите со буџетот, а за возврат немаат чист воздух. Исто е и со парното, без разлика која партија управува на локално или на централно ниво, нејзина главна цел треба да биде да се дејствува во правец на општото добро, односно да се дејствува за да се дојде до решенија што ги мачат граѓаните. Само кога сложувалката ќе биде комплетна, тогаш како граѓани ќе ги добиеме целосно услугите што ги плаќаме – заклучува Кордалов.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека проблемот со јавните пари на граѓаните лежи во мотивот, односно во „искреноста“ на оние што раководат со институциите што им ги даваат услугите на граѓаните.

– Овие состојби ќе се надминат ако се врши проверка на богатството на сите функционери што управуваат со овие претпријатија, пред да „седнат на фотелја“, но и потоа кога ќе им заврши мандатот. Општо е познато дека менаџерите што сега покажуваат порозни резултати во давањето на услугите кога започнуваат со раководење на нивните организации првенствено се водат од личен интерес, а не од оној на граѓаните. Односно тие најчесто сиромашни доаѓаат на функција, а си заминуваат далеку побогати. Со други зборови, ако ја анулираме корупцијата на јавните институции, автоматски ќе ја подобриме и услугата на истите тие, односно граѓаните ќе имаат парно, ќе се возат по исправни патишта и во секој момент ним ќе им биде достапна секаква медицинска услуга што им е потребна – резимира Пекевски.
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска во однос на оваа тема истакнува дека граѓаните ѝ плаќаат на државата за здравствени услуги што не ги добиваат.
Таа во својот осврт на случувањата нотира дека таа како граѓанин ѝ дава пари на државата за здравствено осигурување односно услуга што не може да ја користи.
– Во правото ова се вика измама и за ова се одговара врз основа на Кривичниот законик – заклучува професорката.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, пак, истакнува дека колективно земено, јавниот сектор е најголем давател на услуги на светот.
– Првиот чекор за надминување на овие состојби, кои не се исти со оние во земјите во ЕУ, е „остварувањето на ветувањата кон клиентите“ т.е. процеси во кои државата ќе ги познае своите слаби страни во државните претпријатија и ќе се посвети на давањето услуги на нивните клиенти, односно на граѓаните. Тоа е неопходно да се сфати од надлежните во овој сектор, бидејќи граѓаните се тие што ги полнат буџетските каси. Во спротивно, ако тие и натаму се незадоволни од услугите, би можело да пристапат и кон граѓанска непослушност, со што би можеле да се исклучат од системот на парното и да не ги плаќаат масовно сметките за разните услуги. Ние не сакаме да го видиме тоа во Македонија, бидејќи подобрувањето на работата на јавниот сектор е еден од условите за членство во ЕУ. Па автоматски, оправдувањата на институциите дека граѓаните попусто се жалат одат спротивно од определбите на самата Европска Унија – заклучува Стефаноски.

[email protected]