Фото: Архива

Според досега најсеопфатната процена на глобалното влијание на антимикробната резистенција (АМР), повеќе од 1,2 милион луѓе починале во 2019 година како директен резултат на бактериски инфекции предизвикани поради отпорност на бактериите на антибиотици. Во анализата, со која беа опфатени повеќе од 200 земји и територии, се вели дека АМР убива повеќе луѓе отколку ХИВ/сида или маларија

Светска студија покажува фрапантни резултати од несоодветната употреба на антибиотици

Антимикробната отпорност (АМР) претставува значајна закана за човештвото, предупредуваат здравствените експерти, повикувајќи се на студија објавена во медицинското списание „Лансет“, во која се открива дека таа стана водечка причина за смрт во светот, убивајќи околу 3.500 луѓе секој ден. Според досега најсеопфатната процена на глобалното влијание на АМР, повеќе од 1,2 милион луѓе починале во 2019 година како директен резултат на бактериски инфекции предизвикани поради отпорност на бактериите на антибиотици.
Во анализата, со која беа опфатени повеќе од 200 земји и територии, се вели дека АМР убива повеќе луѓе отколку ХИВ/сида или маларија.

– Стотици илјади смртни случаи се случуваат поради вообичаени инфекции, кои претходно се лекувале, бидејќи бактериите што ги предизвикуваат станале отпорни на лекувањето – се наведува во студијата.
Македонија е меѓу земјите во кои употребата на антибиотици, особено во време на пандемијата, е значително зголемена, со што се зголемува и можноста кај сè поголем број македонски граѓани антибиотиците повеќе да не дејствуваат бидејќи бактериите станале отпорни на нив, токму поради зголемената употреба.
Проф. д-р Никола Пановски, микробиолог и редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје, вели дека на почетокот на 90-тите години од минатиот век во земјава масовно се употребувале антибиотиците, но дека сега тоа е намалено за 50 отсто, иако и сега премногу се користат.
– Ние дваесет и нешто години работиме на оваа проблематика и со тешка мака успеавме да ја намалиме употребата на антибиотици за половина. На почетокот на 90-тите години имаше масовна употреба на антибиотици, но сега тоа е намалено за 50 отсто, односно двојно помалку се употребуваат отколку што се употребуваа претходно. За жал, за време на пандемијата буквално настана лудило, повторно антибиотиците почнаа масовно да се пропишуваат, без оглед што во протоколот е наведено дека е строго забрането давање антибиотици – истакнува Пановски.
Според него, 1,5 милион евра се потрошени од буџетот за набавка на антибиотици само за една година, иако државата ако сака може многу лесно да ја среди оваа негативна практика.

– Требаше едно писмо да се упати до матичните лекари во првите пет дена да не даваат антибиотик за ковид. Си има во светот постапка како треба да се прави тоа. Ако некој лекар постапува спротивно, односно го пропишал лекот надвор од сите протоколи, тој е предмет на истрага од надлежните органи, а истовремено може и пациентот да го тужи за несоодветно лекување. Кога и кај нас така би функционирало, тогаш нема никој на своја рака да пропишува антибиотици и кога треба и кога не треба, бидејќи ќе биде казнет – нагласува Пановски.
За него е неразбирливо како ниту едно здружение не реагира на ваквата појава на зголемено користење антибиотици.
– Кај нас веќе „сумамед“ и „панцеф“ се целосно неупотребливи за Македонија, повеќе не дејствуваат, бидејќи бактериите станале отпорни на нив – коментира Пановски, појаснувајќи го моментот на стекнување резистентност на бактериите на антибиотици токму поради нивната претерана употреба.
Со оваа констатација се согласува и д-р Александар Митов, магистер по јавно здравје и влијанија на животната средина врз здравјето, чие мислење е дека зачестената и непотребна употреба на антибиотиците може да води и кон нарушување на балансот во цревната корисна микрофлора, но уште повеќе да води и кон зголемување на смртноста кај одредени инфективни болести и алергиски реакции на антибиотици, што впрочем го потврди и најновата студија објавена во „Лансет“.
Поучени од заклучоците во студијата, здравствените власти во земјава треба посериозно да обрнат внимание на проблемот со зачестената употреба на антибиотици и да се наложи нивна примена само во случаи кога тоа е нужно. Без прецизен протокол и соодветна регулатива за казнување на лекарите кога пропишуваат антибиотици надвор од вообичаената практика, антимикробната резистенција меѓу македонските граѓани ќе станува сè поголема, а со тоа и бројот на смртни случаи предизвикани од бактерии што станале отпорни на антибиотиците.