Фото: Игор Бансколиев

„Дискретните“ закани со меѓуетнички тензии не се конструктивно однесување на еден висок државен функционер, колку и да ретерира по таквата изјава. Извадена од контекст или не, сеедно, таа претставува притисок и закана врз мнозинскиот македонски народ во земјава да прифати некакво решение на сопствена штета, бидејќи штетата од безбедносен конфликт би била уште поголема

Меѓуетничките тензии како џокер за дополнителен притисок за прифаќање на францускиот предлог

Во општествените превирања што ни се случуваат пред очи во Македонија, динамизирани со пристигнувањето на францускиот предлог на адреса на македонската влада, претставен како решение за надминување на бугарското вето и почеток на преговорите со ЕУ, забележливо е посегањето по провокативниот и познат наратив со отворена алузија дека „ќе ни се случат меѓуетнички тензии“. Иако министерот за надворешни работи Бујар Османи одрекуваше дека навестувал меѓуетнички тензии, доколку не се прифати од Македонија односниот предлог и не започнат брзо преговорите за членство во ЕУ, освен што постојат снимени докази од изјавата, одредени „случајни“ и „порано најавени“ активности во кои се користеле симболи на ОВК (во Тетово и во Гостивар), оставија сомнежи во македонската јавност дека претставуваат симптоматична предупредувачка коинциденција!

Притисок со етничките тензии како македонски евергрин

По 2001 година, заканите со меѓуетнички конфликти (и покрај целосната имплементација на рамковниот договор) не се невообичаен аргумент на албанската политичка елита во Македонија (што обично е дел од владејачките коалиции) по кој не се стеснува да посегне кога сака да издејствува некој свој етничко-национален интерес. Фактот дека со францускиот предлог за отпочнување на преговорите на Македонија за членство во ЕУ најмногу е засегнат македонскиот национален идентитет со сите негови атрибути (јазик, историја, култура), но и постоењето на условениот пакет за почеток на преговорите со Унијата на Албанија и на Македонија, го создава контекстот дека опцијата за одбивање почеток на преговорите со ЕУ, од страна на Скопје, би можело да го одложи и почетокот на преговорите за Тирана. Таквата можност, логично, не е во интерес на Албанија, но и на албанскиот фактор во Македонија.
– Во принцип, предлогот е македонско-француски, бидејќи крајната согласност сме ја дале ние, а спроведувањето е во бугарска режија. Најнеумно од сѐ е прифаќањето бугарската блокада да се претвори во наша домашна. И тие што малку се разбираат, јасно им е дека нема лесно да мине промената на Уставот (што е дел од францускиот предлог) и по првите фотографирања за почеток на преговорите, повторно ќе застанеме во процесот на евроинтеграции. Колку ќе трае тоа, никој не знае. Тоа неизбежно ќе доведе до внатрешни тензии во Македонија, вклучувајќи ги и меѓуетничките, бидејќи, да не заборавиме – Албанците го прифаќаат предлогот со кој се бришат Македонците и се отвора патот за голема Албанија – го проценува можниот тек на развојот на настаните во Македонија, поранешниот амбасадор Ристо Никовски.

Дискретните закани со меѓуетнички тензии не се конструктивно однесување и претставуваат притисок и закана врз мнозинскиот македонски народ

Преседаните на ЕУ, кога станува збор за македонскиот евроинтегративен пат, станаа толку вообичаени, што удвојувањето на процедурата за преговарачката рамка само за Македонија, еврофункционерите го препорачуваат како „предлог што не смее да се одбие“, иако францускиот предлог-пакет претставува своевидно упатство за деноминација на македонскиот народ, неговата историја и јазик. Процедурата на негово спроведување би започнала со потпишување на протоколот за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија, кој има третман на техничко-дипломатски документ и не мора да добие ратификација во Собранието. Ако биде завршено тоа, ќе се организира политички состанок меѓу Македонија и ЕУ, на кој ќе бидат дадени заклучоци за протоколот и ќе биде препорачана промена на македонскиот устав за да бидат внесени Бугарите како етничка заедница во Македонија. Дури откако ќе биде сменет Уставот (за што е потребно двотретинско мнозинство во Собранието) ќе може да се одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ, на која ќе биде утврдена преговарачката рамка за Македонија, во која како критериуми за исполнување ќе бидат наведени спроведувањето на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија.

– Тргнувајќи од волјата на народот, прашањето за македонските евроинтеграции под условите од билатералните договори е затворено со референдумот од 30 септември 2018 година, кога две третини од запишаните гласачи во избирачкиот список се изјаснија против прифаќањето на Преспанскиот договор. Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанскиот договор се сврзани садови, па одлуката од тој референдум важи за двата договора. Погрешното толкување на договорите води до нивна погрешна примена. Оттука, самото нивно наведување во францускиот предлог на преговарачката рамка за Македонија го прави документот неприфатлив. Од друга страна, поигрувањето со навестувања за меѓуетнички тензии во Македонија доколку не биде прифатен францускиот предлог произлегува од рамковната позиција на бугарската влада за пристапувањето на Македонија и на Албанија во ЕУ. Но и со евентуално прифаќање на францускиот предлог, Македонија нема веднаш да ги започне преговорите, а Албанија ќе може непречено да зачекори во евроинтеграциите. Сепак, дискретните закани со меѓуетнички тензии не се конструктивно однесување и претставуваат притисок и закана врз мнозинскиот македонски народ во земјава да прифати некакво решение на сопствена штета, а во интерес на некој друг. Во демократијата се знае како се одлучува и не е прифатливо малцинството да го мајоризира мнозинството – вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.