Господ повторно глаголи на македонски

На Денот на Светите Кирил и Методиј и Денот на автокефалноста на нашата Црква

Венко Андоновски ексклузивно за „Нова Македонија“

Не можеше поблага вест да се добие на Благиот ден на сесловенските просветители, Кирил и Методиј. Божја промисла било тоа: на Денот на просветителите, нашата Црква, македонска и Господова, света и сенародна, да стекне самостојност. На денот на глаголицата да проглаголи и Господ повторно на македонски, зашто глаголел од дамнина, од Кирилово време. Глаголел, глаголи и ќе глаголи Господ на сите јазици, зашто тоа е Божја промисла. Мудриот Константин Кирил Филозоф, секогаш повторуваше, борејќи се со тријазичниците, залагајќи се секој народ да има богослужение на сопствениот јазик: зар сонцето не свети подеднакво за сите? Зар дождот не паѓа подеднакво за сите?
Великиот Анте Поповски, илјада и сто години по Кирила, ќе напише песна посветена на сесловенските просветители, под наслов „Глаголица“. Првата строфа гласи: „И сонцето сосема се спушти / и буквите излегоа од зборот / и Исус се симна од крстот за да те побараат…“. Како да ги напишал овие стихови на денот на признавањето на автокефалноста на нашата света Црква: само уште да додал, на крајот; „да те побараат тебе, наша Цркво“. За нас денес сонцето навистина е голема румена овошка на дофат на раката, и тоа свети од денес и во нашата Црква. И Кирил може мирно да почива во Рим, зашто „Исус се симна од крстот“, за со буквите македонски да ја побара Македонија и во неа да ја сретне својата пречиста и пресвета Црква, со братски признаена богослужба на македонски. Само црква со признаена богослужба на мајчиниот јазик е пречиста и преубава, или како што љубеше Атанас Вангелов да каже кога ја пееше својата поема за великиот Конески – само таа црква е „прелепа церков“.

Нема потреба од есеизам: нека биде свеченост на духот. Нема потреба да се говори дека христијаните ѝ должат на црквата сѐ: и образование, и наука, и уметност, и идентитет. Црквата нѐ описмени пред да се создадат ренесансните световни универзитети. Црквата морално нѐ подигна да не крадеме и убиваме: малку ли е тоа за сурово суштество какво што е непросветениот и необожен човек? Свети Наум калемеше овошки пред науката да објасни како се прави тоа и исцелуваше луѓе болни од падавица пред првиот психијатар. Фрескосликарите беа први наши поети со боја и светлина, први раскажувачи и сказници, а кога ќе ги погледнете композициите на фреските, ќе забележите „фрејмови“ што се надоврзуваат еден на друг, како да е во прашање стрип или филм.
Спиј мирно во Господа, Константине Филозоф. Се упокои на четиринаесеттиот ден од месец февруари, на вториот индикт од создавањето на светот, шест илјади триста седумдесет и седмата година, или по сегашно време – 869 година, загрижен дали секој словенски народ ќе си добие богослужение на свој јазик. И го прати Методиј да поставува свештеници по тие словенски цркви.

Само да знаеш: добри сме, живи и здрави, ние, православните Македонци. Пееме псалми на македонски, зашто и Господ пее со нас. Имаме христијански браќа што нѐ поддржаа и нѐ седнаа на трпезата Божја веднаш до нив, рамноправно да се служиме од даровите Божји. И не му пречиме никому: да даде Господ секому неговиот господ да му проглаголи на неговиот мајчин јазик, без разлика од која вера е.
Зашто и денешните најмодерни филозофи велат – човек вистински се раѓа во мајчиниот јазик. А ти од зад 1.100 години како да довикуваш: а Бог се раѓа вистински само во човекот.