Српскиот историчар Милован Пизари, на српската државна телевизија РТС, ја обвини Бугарија за „геноцид, депортација и истребување на населението во Србија и во Македонија“ и за „бугаризација на Македонија“, во период од три години, непосредно по Првата светска војна. Тој нагласи дека зборува за депортација на десетици илјади цивили – жени и деца, во бугарски кампови. Станува збор за масакр на цивили и целосно уништени села, односно водење посебна политика кон одредени категории на населението од страна на тогашната бугарска влада

Српски професори ја обвинија Бугарија за воени злосторства во периодот од 1915 до 1918 година

Српските историчари изнесоа јавни сведоштва, поткрепени со неоспорни историски докази и извори поврзани со активноста на бугарската фашистичка војска на просторите од јужните делови на Србија и во Македонија.
Српскиот историчар Милован Пизари, на српската државна телевизија РТС, ја обвини Бугарија „за геноцид, депортација и истребување на населението во Србија и во Македонија“ и за „бугаризација на Македонија“, во период од три години, непосредно по Првата светска војна.

Историски докази за геноцид изнесени од професорот Милован Пизари, како и од професорот Драган Симеуновиќ

Историчарот Милован Пизари изнесе дека токму во Бугарија имало концентрациони логори слични на нацистичките каде што биле убивани жени и деца. Според изнесените научни сознанија и докази, периодот од 1915 до1918 година бил тој на кој се однесуваат неговите истражувања и дека токму за тој период има несоборливи докази дека бугарските окупаторски власти извршиле геноцид во 22 бугарски логори, на територијата на денешна Бугарија.
– Кога зборуваме за злосторства, зборуваме за депортација на десетици илјади цивили – жени и деца, во бугарските кампови. Станува збор за масакр на цивили во целосно уништени села, посебна политика кон одредени категории на населението, а единствената цел на овие политики е бугаризација на Источна и Јужна Србија, па дури и на Македонија – рече Пизари во утринската програма на РТС.
Тој рече дека е особено изненаден од прашањето за депортација на цивилите што живееле во своите куќи, кои во еден момент биле земени од бугарските власти и одведени во камп, иако имало депортации од австроунгарската окупациска зона. Тие оделе или пешки или биле натоварени во возови, во вагони за говеда, и однесени до Пловдив, Софија и други места.
И друг српски професор на Универзитетот во Белград, Драган Симеуновиќ, посочи на бугаризацијата во југоисточната српска територија, каде што биле убивани српски свештеници и учители и насилно било воведено бугарско образование во училиштата. Според него, „Бугарија продолжува да бара територии во Србија во близината на градот Крушевац и ја обвини Србија за геноцид врз Бугарите во средниот век“. Ова предизвика и дипломатска реакција од Софија за изнесените наводи од професорот Драган Симеуновиќ.

Многу злосторства врз цивилното население на просторите населени со Македонци

Општо е познато дека бугарска окупаторска власт, која водела асимилаторска политика во Македонија, учествувала во повеќе злосторства врз цивилното население на просторите населени со Македонци. Од најкрвавите случаи, македонските историчари ја издвојуваат Бабунската акција или позната како Масакрот кај Сеченица. Колежот е извршен од страна на велешкиот и прилепскиот бугарски гарнизон во Втората светска војна, со поддршка на полицијата, контрачетите и специјални воени единици. Припадници на специјалните единици биле доведени од Скопје и од Бугарија, против велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“ на просторот меѓу Прилеп и Велес, во октомври 1942 година. Во оваа операција, на 17 октомври 1942 година, во Богомила брутално беа убиени и масакрирани 16 борци. Покрај нив, 64 души беа интернирани во логорите во Бугарија, а други 48 во затворите во Скопје и во Велес. Една недела подоцна, бил извршен масакр во Долно Јаболчиште.
Бугарска офанзива во Тиквешијата во јуни 1943 г. била спроведена против активноста на македонските партизанските одреди „Сава Михајлов“ и „Добри Даскалов“. Со неа раководел бугарскиот полковник Љубен Апостолов, командант на Педесет и шестиот бугарски полк во Македонија и Шестиот бугарски полк во Македонија. Бугарската војска извршила неколку стрелања врз месното население, од кои најмасовно било стрелањето на младинците од Ваташа, кај Кавадарци.
Историчарите го споменуваат и масакрот во селото Дабница, на 19 септември 1942 година, а настрадале 18 лица. По борбата на Мукос помеѓу бугарската војска и полиција против четата од партизанскиот одред „Димитар Влахов“, бугарските сили го блокирале и селото Дабница. Ги собрале селаните сретсело и откако виделе дека никој не кажува за врските со партизаните, врзале 64 мажи (на возраст од 16 до 60 години) од селото со ортоми и ги однеле во касарните во Прилеп. Од претепувањето во затворот починал еден селанец.
Во масакрот извршен во близината на Штип на 6 април 1944 година, од страна на бугарскиот окупатор, биле стрелани 12 партизани, патриоти, младинци и рудари од регионот на злетовско-пробиштипскиот и во кратовскиот крај. Во знак на одмазда од партизанскиот напад, на трети април, бугарската полиција извршила претрес низ куќите и притоа уапсила голем број младинци, патриоти и рудари од самите рудници. Неколку дена биле подложени на ѕверско малтретирање и тепање во дворот на штипската касарна, а пред очите на работниците во фабриката за цигари, која се наоѓала веднаш до неа. Меѓу жртвите имало три жени и двајца странски државјани, кои работеле во самите рудници.

Периодот по Првата светска војна и за време на Втората светска војна е недоволно истражуван

Историчарката Наташа Котлар смета дека периодот по Првата светска војна и за време на Втората светска војна е недоволно истражуван од нашите историчари.
– Мои колеги имаат издадено магистерски и докторски трудови за времето за кое зборуваме. Ако говориме за злосторствата што се направени на нашите простори, можам да ги споменам и првиот геноцид што е направен по Првата светска војна во егејскиот дел на Македонија. Може да се спомене и злосторството на бугарската војска направено во Поречието во 1916 година. Истражувањето на историските настани зависи од поддршката што ја дава државата за научните работници. Да потсетат на примерот со Србија, која и во услови на надворешната агресија во 1999 година, продолжи да вложува во објавување научни историски трудови. За жал, државната политика не ја сфаќа сериозно научноистражувачката дејност кај нас, што се одразува преку намалување на финансиските средства, инфраструктурата и научните студии. Во времето на југословенската заедница, нашите колеги учествуваа во сериозни дебати за одредени историски случувања и беа издавани и многу зборници, кои сега се користат од новата генерација историчари. Потребно е да постои поголем јавен интерес за реалното изнесување на историските податоци, како и да се води грижа за тоа што ќе се истражува. Во македонските архиви постојат голем број документи, но и во другите земји, но тоа засега никој не го објавува – ни изјави Котлар.
Недоволната застапеност на случувањата за време на бугарската окупација во учебниците по Историја, според другите историчари со кои контактиравме, треба да се гледа низ политичкиот контекст и атмосферата што владеела во времето пред осамостојувањето на државата. Замижувањето пред големите злосторства што се правеле врз македонското население се „оправдувало“ со зачувување на пријателските односи, кои се негувале меѓу поранешната Југославија и Бугарија. Од тие причини, кај македонските граѓани останува само сеќавањето за масакрот во Ваташа, кој се сметал за симболика на сите воени злосторства на бугарските окупатори, без да се изнесуваат пошироки објаснувања за другите злодела на бугарската војска.