Фото: Принтскрин

„Бурно во македонскиот парламент“, „тепачка во македонскиот парламент“ „Летаа филџани за кафе и шишиња со вода“, „филџани, амандмани и Див Запад“… Ова се дел од насловите во регионалните медиуми кои со големо внимание го проследија вчерашниот инцидент во македонското Собрание, при кој Арбер Адеми од ДУИ фрлаше предмети кон колегите од опозицијата, по жестоката расправија и нивниот обид да ја прекинат седницата на Комисијата за европски прашања (КЕП). Тоа се гледа на видеото, кое на Фесбук го сподели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Левков. „Понижување, насилство и навреди во парламентот, Македонија наместо Европа стана див запад со каубојци на власт“, ​​напиша Лефков на Фејсбук.

Во известувањето од Србија, Хрватска и од БиХ се посочува и дека тројца пратеници од опозицијата биле повредени за време на инцидентот што се случил за време на расправата за правосудниот систем.

– Еден од повредените се здобил со повреди на главата, а двајца ги повредиле рацете – пренесува хрватски „Индекс“.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара Адеми да поднесе оставка на пратеничката функција, а потоа да одговара за нападите врз пратениците, тврдејќи оти „Адеми имал намера да нанесе физички повреди, што се забележува и на снимките“.

СДСМ, пак, обвинува оти ВМРО-ДПМНЕ не сака решавање на проблемот со недостатокот на судии.

– Проблемот со недостаток на судии ВМРО-ДПМНЕ не сака да се реши само за да се намали ефикасноста на судскиот систем и во надеж дека тоа ќе значи забавување на предметите кои директно водат до Белиот дворец. Затоа ВМРО-ДПМНЕ од петни жили се труди да ја блокира Собраниската комисија, да не се продолжи мандатот на судиите и така да се забават судските предмети – се истакнува во реакцијата од СДСМ, посочувајќи го Антонио Милошоски како „главен иницијатор на тензиите во Собранието“.

Од СДСМ нагласуваат и оти „не е првпат ВМРО-ДПМНЕ да се однесува агресивно и деструктивно кога се работи за закони за правдата, така се однесуваше и при носењето на Законот за Јавно обвинителство, го блокира и Законот за Академија за судии и јавни обвинители“.