Емануел Макрон/Фото: Фејсбук-страница на францускиот претседател

Наводното постоење на француски предлог за решавање на спорот помеѓу Македонија и Бугарија, односно за укинување на бугарското вето, останува обвиено во шпекулации и интриги по најавите за можна средба на бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот Кирил Петков со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз.

Радев денеска нагласи дека нема услови за негова посета на Париз поради отсуството на напредок во отворените прашања помеѓу Софија и Скопје. Истовремено бугарскиот весник „24 часа“ ја оцени како невистинита најавата за средбата во Париз објавена од „БГНЕС“, наведувајќи оти станува збор за „нечија интрига, но не е јасно кој е нејзиниот автор“. Извори на „24 часа“ од бугарската влада изјавиле дека „не може да стане збор за заедничка средба на Петков и Радев“.

Бугарската агенција „БГНЕС“ вчера повикувајќи се на разговори од Коалицискиот совет на 27 мај меѓу партнерите во бугарската Влада објави дека Радев и Петков, заедно со претставник на бугарското МНР ќе одат на средба со францускиот претседател, за да го одобрат предлогот на Макрон за укинување на ветото за преговорите на Македонија со ЕУ.

Дојче веле на македонски јазик објавува дека францускиот предлог постои, повикувајќи се на дипломатски извори кои тврдат оти советници од француското Министерство за надворешни работи, а потоа и советник од кабинетот на Макрон, во изминатиот период биле на средби во Скопје и Софија.

Според неофицијалните информации на „Дојче веле“, за македонската страна е битно билатералните прашања да останат надвор од преговарачката рамка, а за бугарската е важно да има гаранции за спроведување на договорено со македонските власти.

„БГНЕС“ објави изјава на неименуван извор според која време на разговорите во Коалицискиот совет од бугарската Владата информирале оти француското претседателство со ЕУ ветило дека ќе ги вклучи сите бугарски барања во преговарачката рамка и дека нивното спроведување ќе го гарантира самиот Макрон“.

Бугарската агенција тврди дека „Софија добила вакво ветување од Париз“, како што информирал претставник на бугарската Влада на седницата на Консултативниот совет за национална безбедност на Бугарија одржана во петокот, на која главна тема биле односите на Софија со Скопје. Според друг учесник на седницата на Советот, францускиот план содржи предлози кои не се целосно јасни и воопшто не е сигурно дека Европската комисија може да даде гаранции за нивно спроведување во иднина.

Извор на „БГНЕС“ посочува дека планот на Макрон мора да биде готов пред заседанието на Комитетот на постојани претставници на земјите-членки на ЕУ, но претходно треба да биде одобрен од бугарското Министерство за надворешни работи. Макрон неодамна последователно разговараше телефонски со Радев, Петков и со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, по што Елисејската палата објави дека целта на разговорите била поттикнување на дијалогот за спорот помеѓу Македонија и Бугарија.


Гаранциите од ЕУ не се доволни за Ковачев

Бугарија не може да прифати како гаранција ниту една усна или писмена декларација од францускиот претседател Емануел Макрон, ниту од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен или кој било друг, вели европратеникот Андреј Ковачев, кој е заменик-председател на Европската национална партија (ЕНП).

– За нас гаранција може да биде само ако точките од Рамковната позиција и од Декларацијата на бугарскиот парламент, како и елементите од Договорот за добрососедство, бидат вклучени во преговарачката рамка која ќе биде прифатена од сите земји-членки на ЕУ – истакна Ковачев за „БГНЕС“.