Петар Арсовски/Фото: Принт-скрин

Резултатот на Емануел Макрон на тукушто одржаните парламентарни избори нема моментно да влијае врз сегашната француска надворешна политика, односно ниту кон предлогот за отстранување на бугарското вето кон Македонија, бидејќи Франција е посветена на него, како што истакна политичкиот аналитичар Петар Арсовски за „Нова Македонија“.

– Изборниот резултат моментно нема да влијае врз француската надворешна политика. Кога станува збор за предлогот за ветото, Франција е влезена во тој процес, па изборите нема да се одразат врз нејзината надворешна политика. Во следните недела-две допрва треба да се состави француското Собрание, па дури потоа ќе стане збор за надворешната политика – вели Арсовски.

Извесно е дека претседателот на Франција не го доби апсолутното мнозинство во парламентот што го бараше од Французите, за што му беа потребни 289 од вкупно 577-те пратенички места, откако се проценува дека неговата коалиција „Заедно!“ ќе добие 245 пратеници во новиот парламентарен состав. Според познавачите на политичките прилики во Франција, Макрон во таквата ситуација ќе биде принуден да најде сојузници, а со тоа и да направи компромиси, за да може да ја спроведе неговата програма.

Арсовски смета дека фокусирањето на надворешната политика на Макрон не придонело за слабиот резултат на неговата коалиција на парламентарните избори, наспроти проценките на дел од светските медиуми.

– Ако Макрон плаќаше политичка цена, тоа ќе се одразеше на претседателските избори. Сметам дека на парламентарните избори, всушност, му наштети нападот врз левицата – посочува Арсовски.

Македонија, според него, нема зошто да се изјаснува за францускиот предлог пред тоа да го стори Бугарија.

– Македонија ќе ја почека Бугарија да заземе став за францускиот предлог, како што беше истакнато од Владата и нема зошто да се изјаснува пред тоа да го стори Бугарија – нагласува Арсовски.

Француските дипломати во Брисел одбиваат да кажат официјално дали предлогот објавен во бугарските и македонските медиуми е автентичен. Во текот на последните неколку дена во Бугарија и Македонија беа објавени повеќе документи, а меѓу нив е новата преговарачка рамка, која доколку е прифатена од сите страни, би била усвоена на Европскиот совет в четврток. Оваа рамка наводно ги интегрира француските предлози дадени во Софија, и за кои македонските власти официјално велат дека не ги добиле.

Нацрт-протоколот со Скопје е веќе испратен до комисијата за надворешна политика во бугарското Собрание,  како што информираат од тамошниот прес-центар. Во оваа фаза, целиот процес целосно зависи од Комисијата за надворешна политика на, која сѐ уште нема закажано состанок на оваа тема. М.Ж.