Кирил Петков

Бугарскиот премиер ја потврди посетата на Скопје на 18 јануари

Добрососедството е многу важен принцип во односите меѓу Бугарија и Македонија, истакна бугарскиот премиер на седница за пратенички прашања, потврдувајќи дека ќе ја посети Македонија на 18 јануари.

Тој нагласи дека ставот на Бугарија за преговарачкиот процес со Македонија е зачуван како што е договорено во коалицискиот договор меѓу владејачките партии, со што бугарската влада го надградува со пет посебни комисии за унапредување на односите.

– Со одењето на разговори на 18 јануари покажуваме дека добрососедството е фундаментален принцип на нашите односи со Република Македонија – рече Петков во Народното собрание.

Тој изрази и чудење зошто минатата година немало ниту еден авионски лет од Софија до Скопје, како ниту железничка линија, прашувајќи и зошто Бугарија и Македонија немаат заеднички културен календар, како и зошто нема интеракција меѓу бизнис-секторите на двете држави.