Карикатура: „Нова Македонија“

Од сите коруптивни афери што излегле во јавноста, во кои дури е нескриено повторувањето на „шемата на престапот“, може да се заклучи дека политиката се сфаќа токму така – како средство за лично богатење. Притоа, казната или судските процеси се сфаќаат како одреден пресметан ризик во однос на придобивките од извршениот престап. Според аналитичарите со кои се консултиравме, политичарите дури се подготвени да чекаат осум години во опозиција, за кога ќе дојдат на власт да ја наплатат „сиромаштијата“ од опозициските денови. Зашто искуството покажува дека кога се на власт, тие се неприкосновени и недопирливи…

Висока корупција – синдром на недопирливост или пресметан политички ризик

Кога ќе стивнат сензационалистичките гласини од секоја нова афера со висока корупција во Македонија, дури и кога случаите добиваат правна разврска, репетитивноста на природата на делата ја остава јавноста со прашалници и во недоумица за капацитетот на општеството да учи од веќе направените грешки – туѓи и свои.

Индивидуална или системска слабост?

Корупциските афери произлезени од дејствувањето на две личности на иста функција (едниот го наследува другиот) во краток временски период, во голема мера ја надминува теоријата за „индивидуална морална слабост“ и отвора прашања за можноста за системска толеранција (па и дури и мотив) за такво однесување. Кога на последните случаи ќе се надоврзат и претходните афери на висока корупција низ неколку владини гарнитури, од кои произлегоа причини и аргументи за создавање, но и за уривање на специјалното јавно обвинителство, како и општествени процеси со политички реперкусии…, најочигледната процена на состојбите води до заклучокот дека, всушност, не постои волја за искоренување на високата корупција!
– Високата корупција, секако, е комплексен општествен феномен, особено ако политиката се сфаќа како средство за постигнување лична благосостојба. Од сите коруптивни афери што излегле во јавноста, во кои дури е нескриено повторувањето на „шемата на престапот“, може да се заклучи дека политиката се сфаќа токму така – како средство за лично богатење. Притоа, казната или судските процеси се сфаќаат како одреден пресметан ризик во однос на придобивките од извршениот престап. Политичарите дури се подготвени да чекаат осум години во опозиција, за кога ќе дојдат на власт да ја наплатат „сиромаштијата“ од опозициските денови. Зашто искуството покажува дека кога се во системот, тие се неприкосновени и недопирливи. Тоа ја создава (само)увереноста дека нема да бидат фатени, а и ако се случи тоа судската постапка ќе се развлече до застарување на делото. Во прилог им оди и тоа што институциите немаат меморија, па со секоја промена на власта се менуваат речиси сите ешалони во администрацијата, што ги одолжува сите започнати постапки. Дури и пропартиската поделеност на јавното мислење ја создава увереноста на престапниците дека силата на општеството е толку ефикасна за да ја понесат вистинската одговорност – наведува адвокатот Александар Тортевски неколку аспекти за репетитивноста и неискоренувањето на високата корупција во Македонија, и покрај сите јавни политички декларации, како и предупредувања од меѓународниот фактор.

Крајна нефункционалност на државата на правно-судски план

За само две недели, американската амбасадорка во Македонија, Мери Кејт Брнс, во два наврата испрати остри критики за судството и забелешки за борбата со корупцијата во земјата, која вродува со пораст на недовербата на граѓаните во институциите. Брнс отворено предупреди дека САД инвестирале многу во судскиот систем во Македонија за да ги затвори овие ранливи точки и „сакаат да видат дека инвестициите се исплатливи со судски систем што е правичен за сите“, а не дека борбата со корупцијата се „празни зборови на хартија“.
– Правниците ќе направат некој навистина добар закон, но ќе остават некој навидум ситен незабележлив пропуст, некоја недореченост за непредвидена ситуација – на пример секретарот на одредена организација да има (не)одредени финансиски ингеренции за функционирање на системот, без конкретни ограничувања. Таквата недореченост остава простор за развивање еден општ коруптивен дух. Кога системот ќе го прифати тој закон и подолго време се приспособува на една ситуација, во создавање на тој коруптивен дух. Конкретно – во одредена општествена организација има прилив на пари, но и законска недореченост за нивно наменско трошење и се поставува предизвик како пари да се исперат тие. Така се раѓа тој дух на коруптивно однесување што се вградува во законите и во системот – вели универзитетскиот професор по социологија Илија Ацески.
Ацески смета дека ригорозната транспарентност на секое трошење на јавните средства е почеток на справување со корупцијата. Но тој наведува и една друга причина за неконтролираната корупција во Македонија, укажувајќи на постојаното одложување на почетокот на преговори со ЕУ. Голем дел од енергијата на јавноста е пренасочена на политичките предизвици околу почетокот на преговорите, па вниманието и борбата со корупцијата се во втор план.
Земајќи ги како повод последните афери на висока корупција во Владата, универзитетскиот професор по филозофија Љубомир Цуцуловски цени дека во Македонија несомнено доминира феноменот на сраснатост на државата со корупцијата.
– Мислам дека проблемот е во самата функција, која несомнено овозможува комотно криминално однесување. Во спротивно не би се повторило во толку краток рок. По сѐ изгледа дека новите што доаѓаат на истата функција треба да довршат некои стари, недовршени работи. Но во секој случај, тоа не значи дека е во прашање само функцијата, ниту моралот на одредени личности, туку нефункционалноста на државата на правно-судски план. Бидејќи личностите на високи функции не би можеле да задоволуваат ничии апетити кога државата навистина би ги спречувала. Сега имаме феномен на сраснување на државата со корупцијата – вели Љубомир Цуцуловски.


На ажурираниот список за лица што вршеле корупција и други дестабилизирачки активности на Западен Балкан се најдоа и поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков

Проширена црната листа на САД за корупција

Соединетите Американски Држави ја проширија црната листа со седум актери што вршеле корупција и други дестабилизирачки активности на Западен Балкан. Од Македонија, на оваа инкриминирана листа се најдоа имињата на поранешниот премиер Никола Груевски и на поранешниот прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков. Покрај за нив двајцата, забраната за патување во САД се однесува и за нивните семејства.
Всушност, станува збор за список составен од Канцеларијата за контрола на странски капитал (ОФАЦ) при Министерството за финансии на САД за лица од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и од Србија, кои се цел на извршната уредба 14033. Според оваа уредба, се казнуваат сите оние што претставуваат закана за стабилноста на регионот преку извршени акти на корупција, криминални активности и друго дестабилизирачко однесување, беше посочено од Стејт департментот.
На листата се најде и фирмата што Никола Груевски ја отвори во Унгарија минатата година. Станува збор за компанијата И.Ц.И.Ц. ЛТД со адреса во Унгарија, која е отворена на 15 јули 2021 година, а Стејт департментoт ја поврзува со поранешниот премиер Груевски.
Американската влада во образложението за Груевски и за Мијалков наведува дека се одлучила на ваков чекор како одговор на нивната вмешаност во значителна корупција. Нивните постапки ги поткопале владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси во двете земји и ја нарушиле довербата на јавноста во владите.